Кралот Чарлс ја поздрави „одлучноста и силата“ на украинскиот народ

 Британскиот крал Чарлс Трети ја поздрави „одлучноста и силата“ на украинскиот народ во пораката по повод втората годишнина од руската инвазија.

Во изјавата објавена од Бакингемската палата, кралот вели дека е „силно охрабрен“ од напорите на Велика Британија да ја поддржи Украина и ја поздрави нивната „вистинска храброст“.

„И покрај огромните маки и болки што им се нанесени, Украинците продолжуваат да го покажуваат херојството со кое светот многу тесно се поврзува со нив. Нивната е вистинска храброст, пред неопислива агресија. Јас лично го почувствував тоа на многуте состаноци што ги имав со Украинците од почетокот на војната, од претседателот Зеленски и г-ѓа Зеленска, до новите армиски регрути кои се обучуваат овде во Велика Британија“, се вели во пораката на британскиот крал.

Тој изрази и сочувство до семејствата на жртвите. /МИА

Димитриевски: Мора да ја спречиме корупцијата, мора да ја вратиме правдата

 Мора да ја спречиме корупцијата, мора да ја вратиме правдата. 

Ние во Македонија имаме судови и судии, правда немаме. Имаме обвинителства и обвинители, а обвиненија само за оние кои пркосат со власта, изјави вечерва Максим Димитриевски, претседателски кандидат на Движењето ЗНАМ, За наша Македонија во Кавадарци.

Од позиција на иден претседател на државата рече дека во првите сто дена ќе предложи стратегија за борба против корупцијата и криминалот. Но, особено за борба против политичкиот кримина бидејќи, како што нагласи, главниот криминал и корупција се токму во политиката. Народот е сила, истакна тој, а партиите постојат за народот и кога ќе се однародат, народот им вели „не“.Затоа повика за обединување на народот и упати порака дека е можно тоа.

Димитриевски се осврна на нивната програма „Манифест за Македонија“, упати критики за тоа како се одвивале работите во изминатите триесет години, говореше за променетите општествени вредности и најави промени.

- Масовноста овде значи дека сме на вистинскиот пат, истакна тој, подвлекувајќи дека треба да се создадат услови за внесување достоинствено во Европа, да се вратат тие што заминаа.

Димитриевски критикуваше за лоша организираност на работите во државата која има се, многу предности. Најави еднакви права, но и обврски за сите, беше дециден дека Македонија е Република и таква и ќе остане. Овие избори, рече, се суштинскиот момент. Сега е моментот. Да се излезе масовно на избори.

Нашата цел е, додаде, Македонија да ја трансформираме во самоодржлива држава. Држава што ќе биде своја на своето. Граѓаните, подвлече, заслужуваат поубав и подостоинствен живот.

- Масовно да излеземе на избори на 24 април и да ја дадеме поддршката, таму каде што се граѓаните, а граѓаните се со ЗНАМ, за наша Македонија, а јас како претседател на Македонија, ќе го дадам својот максимум за сите и ќе бидам претседател на сите, порача тој од Кавадарци.

Караванот на Димитриевски претходно ги посети Демир Капија и Неготино. Во Демир Капија тој најави дека ќе иницира законски решенија за директна помош на вистинските винопроизводители.

- Од позиција на претседател на Македонија ќе иницирам нови законски решенија за директна помош, особено на реалните винопроизводители, а се со цел семејните активности да се трансформираат во семејни бизниси, а малите бизниси да се трансформираат во средни бизниси. Тоа ќе придонесе во равојот на економијата, како и во зголемувањето на приходите во буџетот, рече Димитриевски.

Дугари: Ставот на Мбапе е скандалозен, тоа е недостаток на почит

Поранешниот француски репрезентативец Кристоф Дугари фрлаше дрвја и камења кон сонародникот Килијан Мбапе.

Повод секако е првиот четвртфинален натпревар од Лигата на шампионите помеѓу Пари Сен Жермен и Барселона во Париз. Каталонците славеа како гости на „Паркот на принцовите“ со 3:2, а Килијан Мбапе разочаруваше со играта во текот на 90 минути.

-Тој го покажа најлошото во фудбалот, најлошото од играч од врвна класа. Може да згрешите при додавање, да не дриблате и да имате лош ден, но неговиот однос беше скандалозен, недостигаше почит, ги пренесоа светските медиуми зборовите на Кристоф Дугари, поранешен фудбалер на Бордо, Милан, Барселона. ...

Статистичарите пресметале дека Мбапе добил само два од вкупно десет дуели против Барселона, дека успеал само при еден дриблинг за 90 минути и дека немал ниту еден удар кон голот, ниту пак им асистирал на соиграчите.

Реваншите од четвртфиналето на Лигата на шампионите се закажани за следната недела: Барселона и Пари Сен Жермен играат во вторник, а Борусија и Атлетико Мадрид во Дортмунд.

Реал Мадрид во среда ќе гостува во Манчестер, додека тимот на Арсенал ќе пристигне во Минхен./МИА

Макрон до Рама: Вашиот глас е драгоцен за нормализација на односите Косово-Србија

Претседателот на Франција, Емануел Макрон денеска го поздрави, како што рече, посебниот и силен глас на Албанија во регионот и на меѓународната сцена.

На заедничката прес-конференцијата со албанскиот премиер Еди Рама, кој е во дводневна официјална посета на Франција, Макрон му порачал дека „во сите регионални прашања неопходна е нормализација на односите меѓу Србија и Косово, каде што вашиот глас е многу значаен“.

- Албанија е силен глас и во Советот за безбедност на Обединетите нации во последните две години. Бевте домаќини на регионален самит на кој го поканивте и украинскиот претседател Володомир Зеленски, што беше дополнително зајакнување на поддршката за Украина, истакна Макрон, јави Ора њуз.

Рама, од своја страна, високо ги оцени односите меѓу двете земји, додавајќи дека „Албанците ги ценат своите пријатели".

Тој му гарантирал на Макрон дека доколку Франција во одреден момент има проблем, „не треба да се двоуми туку да повика Албанец".

-Албанците беа скептични кон Франција пред неколку години, но сега знаат дека Албанија има уште еден пријател. Ние Албанците не сме богати, но имаме единствена способност: Ако еден ден бидете во момент на тешкотија, повикајте Албанец и тој ќе дојде, рекол тој.

Рама придружуван од сопругата Линда и повеќечлена владина делегација во Париз допатува вчера попладне.

Предвидено е двете земји да потпишат неколку договори и меморандуми за разбирање меѓу двете земји. /МИА

притисни ентер