Кривична пријава и притвор за скопјанец поради обид за убиство

Кривична пријава за обид за убиство е поднесена против 36-годишен скопјанец кој на 22-ти овој месец со огнено оружје му нанел повреда на друго лице.

- На 22.02.2024 околу 14:20 часот во Скопје, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишија од слобода А.К.(36) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека околу 14 часот во угостителски објект на ул.„Ќемал Сејфула“ во Скопје пукал во Е.С. и му нанел повреда во ногата, информира денеска Министерството за внатрешни работи.

Против А.К. е поднесена кривична пријава до ОЈО Скопје и одреден му е притвор од 30 дена.

Видео: Хезболах истрела десетици ракети врз северен Израел

Либански Хезболах објави дека го погодил северниот дел на Израел со десетици ракети Катјуша, гаѓајќи артилериски позиции.

Во соопштението, либанската група рече дека истрелала десетици ракети Катјуша врз артилериските позиции на Израелските одбранбени сили во северен Израел.

На северот на земјата се огласија неколку сирени за предупредување за ракети. На социјалните мрежи се појави видео на кое се гледа како неколку пресретнувачи на ракети „Железна купола“ погодуваат очигледен ракетен бараж.

– Во знак на поддршка на палестинскиот народ и отпорот во Газа и во светло на израелската агресија врз различни села во јужен Либан, Исламскиот отпор продолжи со нападите врз ционистичките окупациски локации во близина на границата со Либан – соопшти претходно Хезболах. /МИА

Покетино: Многу е тешко кога немате борбен состав

Менаџерот на Челси, Маурисио Покетино пред натпреварот на „сините“ во Лондон против Евертон во понеделник, зборуваше за големиот број повредени во составот, а неодамна во „амбулантата“ влегоа и Енцо Фернандез и Аксел Дисаси.

-Овие двајца не тренираат, не знаеме дали ќе можат да играат. Праведно е да се има борбено подготвен состав. Не можеме да докажеме дека сме добар тим и дека можеме да се бориме за големи работи. Многу е тешко кога немате борбено подготвен состав. Сакаме да ја зголемиме конкуренцијата меѓу играчите, но тоа не е оправдување, изјави денеска менаџерот на Челси.

Тој, исто така, се наврати на ремито 2-2 со Шефилд Јунајтед минатиот викенд.

-Кога се соочуваме со тимови како (Манчестер) Сити, Манчестер Јунајтед, Тотенхем или Ливерпул, тимот покажува добар квалитет. Проблемот е што не сме постојани. Кога анализираме, недостигот на зрелост навистина се покажува, но само со текот на времето можеме да го постигнеме вистинскиот баланс, истакна тренерот.

Покетино особено ја пофали академијата на Челси.

-Ги каниме младите играчи секоја недела да тренираат со нас, тоа е одлична можност за нив. Челси има една од најдобрите академии во Англија, ако не и во светот. Наша одговорност е да се грижиме за овие момчиња и да им обрнеме внимание. Еден ден ќе имаат можност да играат во тимот, само треба да продолжат да тренираат, да бидат доследни. Можеме да го видиме нивниот развој од натпреварувањето со постарите играчи, додаде Покетино. /МИА

Алегри: Целта е Јувентус да биде во ЛШ, а потоа управата ќе одлучи за мене

 Тренерот на Јувентус, Масимилијано Алегри повторно призна дека не знае дали ќе остане на чело на тимот и следната сезона. Во принцип, тој е врзан за клубот до летото 2025 година, но според многумина, тој сега ќе си замине.

-Целта е место во ЛШ, бидејќи се работи за 100 милиони евра. А за мојата иднина, како и секогаш, клубот ќе одлучи што е најдобро. Пред почетокот на сезоната, пред нас беа поставени две цели: пласман во ЛШ и освојување на Купот на Италија. Сега е важно да останеме заедно и да се бориме. Местото во ЛШ е приоритет и од финансиски причини не можеме да дозволиме да бидеме изоставени од турнирот, потсети Алегри.

Вчера сопственикот на Јуве, Џон Елкан прецизираше дека актуелната сезона е „нула“ за клубот под водство на новиот спортски директор Кристијано Џунтоли. Пред една година тој уверуваше дека Алегри е клучна фигура за иднината на тимот од Торино.

-Работата во Јуве ќе продолжи и во наредните години со новиот директор Џунтоли. Задачата беше да внесеме фудбалери од школата во тимот и мислам дека тоа го исполнивме, убеден е тренерот.

Во следното коло во Серија А, Јувентус за противник ќе го има градскиот ривал Торино.

-Треба да работиме напорно овој месец. Многу е важно да имаме шанси до самиот крај. А особено откако Торино има 15 „суви мрежи“ во текот на сезоната, што значи дека дозволуваат по еден гол на два меча. Ова дерби е секогаш посебно, заклучи Алегри. /МИА

притисни ентер