Лекорни: Русите директно му се заканија на француски авион над Црно Море

 Францускиот министер за вооружени сили, Себастиен Лекорни, денеска изјави дека Русија директно му се заканила на француски авион над Црното Море, пренесе „Политико“.

-Пред еден месец рускиот систем за контрола на летовите се закани дека ќе го собори францускиот авион што леташе над Црното Море, иако патролиравме во меѓународната слободна зона, изјави францускиот министер за радио РТЛ.

Лекорни тврди дека сè поагресивниот став на Русија е резултат на проблемите на бојното поле во Украина.

-Тоа има свои корени од Студената војна и сега гледаме враќање на агресивниот руски став, изјави министерот, додавајќи дека Русија „си игра со границите“.

Руски воен брод неодамна се закотви во Баи де Сена, на северот на Франција, на самиот раб на територијалните води со цел да ја „заплаши“ Франција, коментираше Лекорни.

Францускиот министер денеска за првпат ќе ја посети Ерменија. Ерменија го прекинува својот историски однос со Русија, кој Франција сака да го искористи за да го зголеми своето влијание врз поранешните сојузници на Русија, меѓу кои се Молдавија и земјите од Централна Азија.

Казни за 85 возачи на територија на Свети Николе и Пробиштип

Во текот на вчерашниот ден во периодот од 12 до 17 часот во сообраќајна контрола на територија на Свети Николе и Пробиштип казнети се 85 возачи, соопштија денеска од МВР.

Од вкупниот број санкции, 12 се за возење без возачка дозвола, 11 санкции поради измината важност на сообраќајната дозвола, 15 мерки за прекршоци што ги прават возачите на мотоцикл, едно патничко возило е одземено поради истечена сообраќајна дозвола и предизвикување голема бучава... На сите прекршители, се додава во соопштението, изготвени им се соодветни поднесоци.

Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.

Промоција на новата книга на Румена Бужаровска, „Господ, па Америка“

Издавачкиот центар ТРИ вечер организира промоција на новата книга на Румена Бужаровска, збирката есеи „Господ, па Америка“. Промотор ќе биде Ивор Мицковски.

Како што велат од ТРИ, за есеите веќе има одѕив од домашните и од авторите од регинот. Есеите што веќе беа објавени на српски јазик во „Велике приче“, се посочува, го добиваат своето прво македонско издание. Станува збор за лични гледишта и критика кон општеството, а целиот настан, според издавачот, ќе нè доближи до суштината на овие есеи што се своевидно разголување на ставовите, спомените и размислувањата на авторката, како и на современото американско општество.

-По досегашните четири збирки раскази, Румена Бужаровска ја збогатува домашната литература со збирка есеи. Неоспорен е успехот со кој таа се закити со претходните книги раскази – превод на над 15 светски јазици, 10. домашно издание на „Мојот маж“, театарски претстави во регионот според ова значајно книжевно дело, место на топ-листите на светските книжевни платформи – книга на неделата во Германија според „Шпигел“, прв македонски автор објавен од францускиот реномиран издавач „Галимар“, најновиот превод на грчки јазик..., , наведува ТРИ.

Поточиња викендов седум пати ја наполнија Филхармонија

Публиката не само од Скопје, туку и од цела Македонија ја исполни Филхармонија дури седум пати со детски џагор, радост и многу насмевки.

Новото издание на детскиот фестивал Поточиња кое се одржа викендов во Македонска Филхармонија привлече огромен интерес и дури седум фестивалски претстави беа потребни за да ги собере сите заинтересирани деца да ги чујат новите детски песни изведени на фестивалот. Публиката не само од Скопје, туку и од цела Македонија ја исполни Филхармонија дури седум пати со детски џагор, радост и многу насмевки.

Речиси 6 500 посетители во двата фестивалски дена веќе на првите тактови на популарната химна на фестивалот ги пречекаа учесниците со аплауз и еуфорија. Популарниот водител - маскотата Поки (актерот Мартин Јорданоски) на маестрален начин ги водеше децата низ фестивалска приказна, а овациите и задоволството не престанаа до самиот крај на фестивалскиот репертоар. Новите 15 песни ги опфатија сите сегменти од детскиот свет и со својата мелодичност и стилска разноликост приредија голема забава за сечиј детски вкус. Секоја песна на големиот лед екран во форма на брод имаше анимирано видео со испишан текст што привлече големо внимание кај публиката. На самиот крај со импресивна сценска кореографија беше изведена песната “Македонија да ја чуваме” која со својата моќна порака не потсети колку е убава и сакана нашата татковина.

Поточиња 2024 уште еднаш потврди дека фестивалот со право го носи епитетот најреномиран детски фестивал во државата и дека со секое ново издание се повеќе ја збогатува музичката ризницата на македонски хитови за деца.

притисни ентер