Макрон го предложи Сежурне за еврокомесар во идниот состав на ЕК

Претседателот на Франција, Емануел Макрон денеска го номинира министерот за надворешни работи во заминување Стефан Сежурне за еврокомесар.

Сежурне е близок политички соработник на Макрон.

Претходно досегашниот еврокомесар за внатрешен пазар Тиери Бретон, кој беше именуван за втор мандат во Европска комисија поднесе оставка.

Тој на Икс го објави писмото за оставката упатено до претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, во кое наведува дека оставката веднаш стапува во сила.

Бретон истакнува дека Лајен „од лични причини“ пред неколку дена побарала од Франција да ја повлече кандидатурата на Бретон за комесар, ветувајќи оти Париз ќе добие „наводно повлијателен портфељ“.

- Во светлината на овие најнови случувања, дополнителни докази за сомнително управување, морам да заклучам дека повеќе не можам да ги извршувам моите должности на Колеџот (на комесари). Затоа поднесувам оставка од функцијата еврокомесар, која ќе стапи во сила веднаш, истакна Бретон.

Лајен претходно побара од земјите-членки на ЕУ да номинираат и мажи и жени како кандидати за нејзиниот иден тим од 26 комесари, освен ако сегашниот комесар не остане на функцијата.

Бугарија е единствената земја која одговорила на тоа барање, поради што Лајен извршила притисок врз најмалку пет помали земји од ЕУ да ги заменат машките кандидати со жени за да се постигне целта за еднаква застапеност на половите во новата ЕК.

Лајен утре во Стразбур треба да ја претстави структурата на новата Комисија и распределбата на ресорите меѓу кандидатите за комесари.

Модни трендови: „Рециклирање“ облека и модни додатоци

Светски актуелната тема што ги диктира модните трендови оваа година е зачувување на природата. Веќе не е доволно, се вели, да се рециклира ѓубрето и да се користат хартиени чаши наместо пластични. 

За да се биде дел и од големата мода, треба да се потпрете на одржливи, еколошки практики. Затоа денес и дизајнерите рециклираат.

За сезоната есен/зима 2024 година, овие трендови вклучуваат создавање гардероба со користење стари материјали на нов начин и додатоци направени од неочекувани предмети...

Сѐ тоа беше претставено на еден од најголемите модни настани, насловен „Кој е следен“ (Who's Next), којшто слави 30-годишнина во Париз. Имено, „Порта де Версај“ двапати секоја година во француската престолнина пречекува дизајнери, уметници, стилисти и модни иноватори во оваа индустрија. Целта е разменување идеи и дефинирање на трендовите за следната сезона, во смисла - новитети, аксесоари, чевли, чанти, накит, кожни производи.

Многу од дизајнерите црпат инспирација од сопственото културно наследство - историја, традиции, митологија, урбани легенди, филмови, книги...

За сметка на „брзата мода“, каде што трендовите брзо се менуваат и покрај последиците за околината, сега има раст на „бавната мода“ - назад кон мајсторството и индивидуалноста на дизајнерот во однос на оригиналниот производ, објави порталот „24 часа“.

Но, и додатоците се еколошки. Дизајнерите ги покажаа своите дела направени од природни или рециклирани материјали. Во оваа категорија, и бугарскиот бренд за кожни производи „Мија“, на пр. остава свој белег и печат, претставувајќи индивидуален стил инспириран од минимализмот, архитектурата и геометријата. Кожните чанти можат да одат со облека од секоја сезона.

Подигнати и транспортирани приближно 50 кубни метри отпад по завршувањето на Скопскиот маратон

Екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје во текот на вчерашниот ден подигнале и транспортирале приближно 50 кубни метри отпад одложен на јавни и на сообраќајни површини по завршувањето на Скопскиот маратон 2024.

Како што соопштија денеска од ЈП Комунална хигиена-Скопје, отстранувањето на отпадот се одвивало во централното градско подрачје, на плоштадот Македонија, Кејот „13 Ноември“, улиците „Димитрија Чуповски“ и „11 Октомври“, како и на сите останати улици и булевари на патеката на маратонот, особено во реонот каде што беа поставени водните станици.

АХВ: Забранета за пиење водата во Гостивар поради зголемено присуство на манган

 По издадените наредби од инспектор за храна на АХВ, ЈКП „Комуналец”, постапило веднаш. 

Поради добиени позитивни лабораториски наоди за зголемено присуство на манган, над максимално дозволените концентрации согласно Правилникот за барање за безбедност и квалитет на водата за пиење, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во петокот, издала забрана за користење на водата за пиење од градскиот водовод во Гостивар.

На јавното комунално претпријатие „Комуналец” кое стопанисуваа со водоводната мрежа во овој град, соопштија денеска од АХВ, наредено му е да ги извести граѓаните за забраната, односно дека водата во градскиот водовод не е безбедна за пиење и да обезбеди питка вода за пиење.

- По издадените наредби од инспектор за храна на АХВ, ЈКП „Комуналец”, постапило веднаш. Во саботата, земени се 4 мостри за бактериолошко и физичко - хемиско тестирање на водата од градскиот водовод, со акцент на присуство на манган, од различни локации, и од страна на инспекциските служби на АХВ и Институтот за јавно здравје Скопје и од Центар за јавно здравје Гостивар, чии резултати се уште не се добиени, се појаснува во соопштението од АХВ.

притисни ентер