Макрон се согласи на дебата со Марин Ле Пен пред изборите за Европскиот парламент, таа одби

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изрази подготвеност за дебата со лидерката на екстремната десница, Марин Ле Пен, пред изборите за Европскиот парламент на 9 јуни, каде што „се доведува во прашање судбината на Франција“.

„Ако мислиме дека станува збор за избори на кои во прашање е дел од судбината на Франција, за што веруваме, јас сум на располагање“, рече Макрон во интервју за весникот „Паризиен“.

Марин Ле Пен минатата недела изјави дека со задоволство би имала дебата со Макрон, но под услов тој да поднесе оставка и да го распушти парламентот. Таа денеска го повтори тоа барање и додаде дека е подготвена за дебата, но дури по изборите, во септември.

Кина: НАТО да престане да ја префрла вината за војната во Украина

Кина го повика НАТО „да престане да ја префрла вината“ за војната во Украина, откако генералниот секретар на Алијанса го обвини Пекинг за влошување на конфликтот преку поддршката за Русија.

Јенс Столтенберг вчера ја повика Кина да се соочи со последиците за, како што го нарекоа американските власти, големиот извозен притисок за обнова на руската одбранбена индустрија.

Властите во Пекинг денеска нагласија дека НАТО „треба да се вклучи во саморефлексија наместо произволно оцрнување и напади врз Кина“.

- Го советуваме (НАТО) да престане да ја префрла вината и да сее раздор, да не долева масло на огнот и да поттикнува конфронтација, туку да направи нешто практично за политичко решавање на кризата, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи Лин Жијан.

По инвазијата врз Украина се интензивира стратешкото партнерство помеѓу Кина и Русија, а ги отфрли западните тврдења дека ги помага воените напори на Москва./МИА

До крајот на неделава жолто и портокалово ниво за опасност од високи температури

 Од утре до недела, како што соопштија од УХМР, земјава ќе биде под влијание на стабилна и многу топла воздушна маса од југ, која ќе предизвика сончево и натпросечно топло време за овој период од годината.

Дневните температури насекаде ќе бидат над 30, а наместа ќе достигнуваат 40 степени.

- Според прогнозираните и пресметаните гранични вредности на екстремни температури од УХМР, на територијата на нашата земја утре ќе биде активно жолто, а во Скопската и Полошката котлина портокалово ниво за опасност од високи температури. Поради натамошен пораст на температурите од четврток насекаде ќе биде активно портокалово ниво, се додава во соопштението од УХМР.

Русија ги започнува воените маневри во Тихиот Океан

Русија започна со поморски маневри во Тихиот Океан, вклучувајќи вежби за борби против подморници и противвоздушни удари, соопшти руското Министерство за одбрана.

Во вежбите учествуваат околу 40 пловни објекти и околу 20 хеликоптери и авиони. Маневрите „ќе продолжат до 28 јуни во водите на Тихиот Океан, Јапонското Море и Охотското Море“, се наведува во соопштението на министерството.

Во различни фази, морнарите ќе изведуваат ракетни напади врз бродски групи на конвенционален непријател, како и ќе одбиваат напади со беспилотни летала и чамци без екипаж, нагласува Министерството. /МИА

притисни ентер