Мерцедес го потврди Андреа Кими Антонели за следната сезона

Екипата на Мерцедес официјално го објави Андреа Кими Антонели за свој стартен возач за сезоната 2025 во Формула 1 Назначувањето на младиот Италијанец воопшто не е изненадувачки и сосема очекувано, беше објавено за време на викендот на Италијанското ГП

Во него, Антонели дебитираше во официјална Формула 1 сесија, но дебито не помина најдобро, бидејќи младиот пилот при својот втор летечки круг заврши во безбедносните огради. Сепак, оваа грешка не се покажа фатална за неговите шанси да биде стартер во Формула 1 и неполни 24 часа подоцна тој беше потврден од Мерцедес.

Антонели станува третиот дебитант кој обезбедил место во Формула 1 во 2025 година по Оливер Берман (Хаас) и Џек Дуан (Алпин). Антонели, исто така, станува првиот дебитант кој дебитирал за водечка екипа како стартен возач по Луис Хамилтон во Мекларен во 2007 година. Антонели ќе го заземе местото на седумкратниот светски шампион, кој се сели во Ферари и ќе биде партнер на Џорџ Расел.

Антонели важи за еден од најголемите таленти и не случајно од 2019 година е дел од програмата на Мерцедес за развој на млади возачи. Италијанецот, кој во неделата наполни 18 години, има четири титули во пониските натпреварувања, каде ја освои Формула 4 во Германија и Италија во 2022 година, а една година подоцна триумфираше и во Формула Регионална на Блискиот Исток и Европа. Тој го имаше своето деби во Формула 2 таа година, прескокнувајќи ја Формула 3 и забележа две победи во првите десет кола од годината. Во привремениот поредок го зазема шестото место со 87 бодови и негатива од 78 пред лидерот Исак Хаџар. /МИА

Зголемени цените на угостителските услуги

Кумулативниот индекс на цените на угостителските услуги за периодот јануари - септември 2024 година во однос на истиот период лани е зголемен за 5,5 отсто, додека во однос на декември 2023 година, е зголемен за 2,8 проценти.

Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на цените на угостителските услуги во септември 2024 година во споредба со август 2024 година е зголемен за 0,2 отсто. Споредено по групи на услуги, зголемување е забележано во групите Храна за 0,3 проценти, Алкохолни пијалаци зa 0,3 и Безалкохолни пијалаци за 0,1 отсто.

Индексот на цените на угостителските услуги во септември 2024 година, во однос на истиот месец од претходната година е зголемен за 5,2 отсто.

Официјален пречек на српскиот премиер Вучевиќ пред Владата

Премиерот Христијан Мицкоски ја пречекува српската делегација предводена од премиерот Милош Вучевиќ, по што во 11 и 45 ќе следува прес-конференција на двајцата премиери. 

Претседателката Сиљановска Давкова на состанок на Процесот Брдо-Бриони во Црна Гора

Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова, денеска и утре ќе престојува во работна посета на Црна Гора, по повод учеството на состанокот на лидерите на земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони.

Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова, денеска и утре ќе престојува во работна посета на Црна Гора, по повод учеството на состанокот на лидерите на земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони, на покана на претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц Мусар и претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ.

Од Кабинетот на Сиљановска Давкова денеска информираа дека темите на дискусија на кои се фокусира самитот се надоврзуваат на декларацијата усвоена на минатогодишниот состанок на Процесот Брдо-Бриони и ги адресираат прашањата поврзани со младите и младинските политики, потребата од поголемо регионално поврзување, одржливиот развој и заштита на животната средина, како прашања од заеднички интерес за земјите од Западен Балкан.

На самитот што се одржува во Тиват и чиј домаќин е претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, предвидено е учеството и на претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, претседавачот и двајцата членови на Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ, Жељка Цвијановиќ и Жељко Комшиќ, претседателката на Република Косово, Вјоса Османи и претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ.

Процесот Брдо-Бриони е формиран во 2013 година на заедничка иницијатива на Словенија и Хрватска и го промовира дијалогот и соработката помеѓу шефовите на држави и Влади за прашањата од взаемен интерес, со крајна цел - интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија.

притисни ентер