Месец на машко здравје – карциномот на простата втора причина за смртност кај мажите

Карциномот на простата е втора причина за смртност кај мажите... 

Скрининг, навремена посета на уролог и да не се молчи за проблемите – ова се препораките што лекарите и психолозите ги упатуваат по повод месецот на машкото здравје. Претседателот на македонското здружение по урологија Скендер Саиди вели дека свеста на граѓаните за редовни прегледи и превенција е зголемена, а во Македонија нивото на дијагностицирање е на задоволително ниво. Според него, најчестите уролошки проблеми на мажите покрај карцином на простатата, се и бубрежните камења.

„ Свеста е да ви кажам во последните 10 години е задоволителна, пред 25,30 години на пример пациентите одбиваа и дигиторектален прелед, што е едноставен преглед, но сега во амбуланта има многу ретко пациент што нема да прифати ваков преглед И дијагностиката и третманот на овие карциноми е задоволителен земено на светско ниво, само што последните 30-40 години светската урологија има еден тренд на забрзан раст, што ќе треба и ние да ги следиме е сега тоа не зависи само од нас зависи и од системот. “

Инаку, ноември традиционално е месец посветен на машкото здравје, кога глобално се спроведува и кампањата наречена Мовембер. Иницијативата започна пред 20тина години, а нејзина цел е да се привлече вниманието на пошироката јавност со порака мажите да се грижат за своето ментално здравје и редовно да одат на прегледи.

„ Симболиката на Мовембер се мустаките и сите оние кои сакаат да ја поддржат оваа кампања, односно сите мажи кои што сакаат да ја поддржат оваа кампања треба да ги остават мустаќите да им пораснат овој месец односно да не ги бричат и со тоа што ќе направат таква промена на својот изглед ќе поттикнат поставување на повеќе прашања, а со тоа ќе се поттикне и разговорот за сите овие теми односно крајната цел е да се подигне свеста на мажите за нивното здравје ментално и физичко.“

Македонското здружение по урологија во чест на месецот на машкото здравје и со цел промоција на здрав живот и навики организираше планинарски марш каде повеќе граѓани, активисти, лекари, специјализанти пешачеа до средно Водно. Во текот на овој месец тие најавија и други активности како спортски турнири и подготовка на промотивни материјали за заштита на машкото физичко и ментално здравје кои ќе се делат низ болниците во државата.

Јаневска: Знаењето и креативноста на граѓаните се основа за развој на државата

Новата Влада нема никаква дилема дека образованието е столб на општеството и затоа го зголемува влогот во знаењето на граѓаните, во нивната креативност и иновативност со цел да му овозможи на секој поединец да го достигне својот полн потенцијал.

Новата Влада нема никаква дилема дека образованието е столб на општеството и затоа го зголемува влогот во знаењето на граѓаните, во нивната креативност и иновативност со цел да му овозможи на секој поединец да го достигне својот полн потенцијал, а секој личен успех е успех и на државата. Ова денеска го порача министерката за образование и наука Весна Јаневска, која преку видео обраќање учествуваше на отворањето на Самитот на Фондацијата Маариф од Турција, на тема „Образование за фер и еднакво општество за одржлива иднина“, што четврти пат се одржува во Истанбул.

- Дел сум од релативно нова влада, која пред пет месеци го започна мандатот со силна волја и енергија за промени кои ќе обезбедат квалитетен и инклузивен образовен систем. Тие промени веќе се случуваат. Работиме на поквалитетни наставни програми и учебници, на дигитализација, на мотивација на наставници, подобрување на инфраструктурата и оптимизација на училишната мрежа, како и воведување едносменска работа и продолжен престој за учениците исполнет со содржини кои ги интересираат. Секако, важен приоритет е и високото образование, како и усвојувањето на нова законска регулатива за повеќе и подобри можности за сите чинители на системот, нагласи Јаневска.

Јаневска, како што информира Министерството за образование и наука (МОН), потенцираше дека голема грижа се води за опфатноста на образованието, односно овозможувањето еднаков пристап и фер шанса за секого да се надградува под исти услови како и сите останати.

- Диспаритетот во знаењата на различните општествени групи во мојата земја е евидентен и тоа се должи на повеќе фактори чие влијание се трудиме да го неутрализирамe. Разлики во знаењето има меѓу децата од различни региони во Македонија, меѓу ученици кои припаѓаат на различни етнички заедници, a разлики причинува и социјалниот статус на семејствата од каде потекнуваат децата, рече министерката Јаневска.

Потенцираше дека со процесот на оптимизација на училишната мрежа, ќе се елиминира првиот фактор. Дел од децата од руралните средини, ќе бидат преместувани во централни училишта каде поголема е социјализацијата, компетитивноста и каде училиштата се подобро организирани и опремени. За децата пак, од социјално ранливите семејства се обезбедуваат посебни права за финансиска поддршка и стимулација на едукацијата.

- Работиме на подигнување на свеста кај дел од населението за важноста на едукацијата и за поголема посветеност кон училиштето, а со нова и зајакната законска регулатива ќе спречуваме сегрегација, но и секаков вид дискриминација во образованието, додаде Јаневска.

Таа изрази благодарност до сите меѓународни партнери за поддршката која државата ја добива во заложбите за подобар образовен систем, меѓу кои ги вброи и турската владина организација ТИКА, како и Маариф фондацијата. Повика преку заедништво и иновации да продолжи развојот на образованието, кое, како што рече, овозможува мир, толеранција, разбирање на различностите и движење на светот напред.

Самитот се одржува денеска и утре, а на неколкуте панел дискусии ќе учествуваат претставници на 50-тина држави од светот. Воведни говорници на настанот беа турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, министерот за национално образование Јусуф Текин и претседателот на фондацијата Бирол Акгун.

Мисајловски: Македонската Армија нуди услови за заокружување на целиот процес за извежбување

Македонската Армија нуди услови за заокружување на целиот процес за извежбување согласно највисоките НАТО – стандарди.

Во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ во Велес денеска во посета беа министерот за одбрана Владо Мисајловски заедно со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, амбасадорките на Канада Мишел Камерон и на Украина Лариса Дир и високи воени претставници од Канада и Полска кои присуствуваа на Денот за високи гости и затворањето на вежбата „Maple Arch 24“ која се реализира во нашата држава од 25 ноември, во Центарот за симулации во Велес и на Армискиот полигон „Криволак“.

Министерот Мисајловски истакна дека оваа вежба, која се реализира по 25 пат и на која учествуваат повеќе од 600 припадници од четири сојузнички и две партнерски земји, се разликува од сите претходни поради комбинацијата на компјутерска симулација и реализација во теренски услови со што се заокружува еден процес на изведување вежби.

-Она што го гледаме тука во Велес и активностите кои се одвиваат паралелно на „Криволак“ се најголемиот доказ дека македонската Армија нуди услови и можности за заокружување на целиот процес за извежбување согласно највисоките НАТО – стандарди, истакна Мисајловски.

Воедно појасни дека соработката меѓу армиите директно влијае на зајакнување на интероперативноста, но и на безбедноста.

Мисајловски упати честити до сите припадници од земјите учеснички кои со својата професионалност, посветеност и мотивација успешно ја реализираа оваа јубилејна вежна и упати благодарност до канадските сојузници за поддршката во организацијата.

-Меѓусебната посветеност на развојот на одбренбената соработка е видлива и преку ваков вид на заеднички обуки и вежби кои ќе продолжат и во иднина, најави министерот Мисајловски.

На настанот се обрати началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор, Сашко Лафчиски кој нагласи дека изведувањето на ваков вид вежби е доказ за обученоста, континуитетот и кохезијата меѓу припадниците што овозможува зајакнување на врските со сојузниците и партнерите и постигнување нови искуства во мултинационална средина.

Канадската Амбасадорка Мишел Камерон упати благодарност до македонската Армија и државата за извонредната поддршка за изведување на вежбата.

-Оваа вежба го покажува единството и ја потврдува заедничката посветеност кон глобалниот мир, стабилност, заеднички вредности и партнерството во НАТО и само со заеднички и проективен пристап ќе придонесеме за помирен и побезбеден свет, потенцира Амбасадорката на Канада, Камерон.

Мултинационалната вежба „Maple Arch 24“ е вежба на која учествуваат околу 600 припадници од македонската Армија и припадниците на вооружените сили на Канада, Полска, Литванија, Украина и Грузија. Вежбата е спонзорирана и поддржана од страна на Директоратот за воена обука и соработка на Вооружените сили на Канада.

Прилеп новогодишно се украсува и се најавува богат пречек на Новата година

 Во Прилеп почна новогодипшното украсување на центарот на градот. Елката е веќе украсена и поставена на плоштадот „Матодија Андонов Ченто“, а градските власти најавуваат богата предновогодишна и програма за пречекот на Новата 2025 година.

-Овие два три дена ќе заврши комплетното новогодишно украсување на централното градско подрачје. За радоста на најмладите да биде уште поголема ќе бидат поставни сите оние препознатливи фигури околу камената бина и на плоштадот Александрија кои секоја година се атракција не само за најмладите, туку и за возрасните и за туристите. Ќе бидат украсени плоштадот „методија Андонов Ченто“ и платото пред Саат кулата, вели Христијан Тунески, портпарол на општина Прилеп.

Пред новата година ќе се одржи традиционалниот тридневен новогодишен базар, а за пречекот на новата година ќе има забава со познати музички имиња како и богат огномет.

-Од 28 до 30 декември е новогодишниот базар во центарот на Прилеп каде е предвидена целодневна детска, но и културна програма. Што се однесува до пречекот на Новата Година, годинава ќе биде збогатен со неколку музички имиња, како што се ди-џеите Сирилик и бендот „Балканика“ како и победникот на балканското шоу „Никогаш не е доцна“, господинот Башески. Секако, нема да изостане и спектакуларниот огномет, објаснува Тунески.

притисни ентер