Мицкоски: Акцијата за даночно затајување е една од низата што ќе следуваат

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во врска со последната акција за даночно затајување рече дека таа е една од низата вакви истраги што ќе следуваат во следниот период. 

- Не би сакал сега да откривам детали, истрагата трае, мислам дека ќе биде епски голема, епски голем криминал, но она што можам да кажам дека ова е една во низата што ќе следат во следниот период септември-октомври, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања пред средбата со претставници на АХК Македонија, дел од мрежата на германските комори во странство и Македонско-Германското стопанско здружение.

Минатата недела беше спроведена акција за даночно затајување во фирми во Струмица, Скопје и Гостивар. Беа приведени четири лица, а државниот јавен обвинител информираше дека е оформен предмет за даночна измама и за перење пари и дека се сослушани три лица, а за едно се предложени мерки за претпазливост.

- Првичните информации се дека станува збор за милионски суми кои што се последица на неколку кривични дела, даночно затајување, даночна измама и перење пари. Во интерес на целокупната постапка не би можел да навлегувам во детали, почитувам пресумпција на невиност, изјави во петокот министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во Охрид.

Во Собранието доделена наградата за животно дело „11 октомври“

Во Собранието денеска бешe доделена државната награда „11 октомври“.

Годинешните добитници се актерот и продуцент Јовица Михајловски, сликарот Владимир Темков, мултимедијалниот уметник, Љупчо-Бубо Каров и фолклористот Марко Китевски. Каров, Темков и Михајловски се наградени за животно дело во областа на културата и уметноста, а проф.-д-р Китевски во областа на науката..

Фернандеш: Во репрезентацијата уживам во мојот фудбал

Капитенот на Манчестер Јунајтед, Бруно Фернандеш, ги опиша двете последователни исклучувања во една недела како неправедни.

Во моментов плејмејкерот е со репрезентацијата на Португалија за натпреварите на „морнарите“ во Лигата на нации против Полска и Шкотска. Фернандез е една од ѕвездите на Португалецот, а во последно време е критикуван поради тоа што неговиот настап во репрезентацијата често е на повисоко ниво од она за „црвените ѓаволи“.

-Кога зборуваме за лош момент, тоа се двете исклучувања во една недела што ги сметам за нефер. Едното е веќе поништено, а второто, бидејќи е жолт картон нема да биде, но сето тоа е дел од фудбалот и не можам да размислувам за тоа. Ја презедов одговорноста за овие ситуации затоа што, особено против Тотенхем, ги оставив соиграчите во тешка ситуација да бараат пресврт откако заостанувавме во резултатот. На клупско ниво работите треба да се подобрат. Во последно време поставив високи стандарди со количината на голови што ги постигнувам и сакам да ги задржам тие стандарди. Се надевам дека ќе постигнам гол штом ќе се вратам. Се чувствувам многу добро во репрезентацијата, уживам во мојот фудбал, во динамиката благодарение на многуте квалитетни играчи со кои сум опкружен, изјави Фернандеш. /МИА

Квалификации за ЕП 2025: Македонија до 21 ја победи Молдавија

Фудбалската репрезентација на Македонија до 21 година оствари победа со 2:1 против своите врсници од Молдавија во рамките на претпоследниот натпревар од квалификацискиот циклус за пласман на ЕП кое ќе се одржи во Словачка 2025 година.

Ова беше четвртата победа во овие квалификации за нашите момци.

Избраниците на селекторот Драги Канатларовски денеска ја оправдаа фаворитската улога и сосема заслужено славеа триумф над Молдавија.

Бехар Фета отвори во 11. минута, додека Беким Камбери во 90. минута ја зголеми предноста на Македонија.

Противникот во следниот напад успеа само да постигне почесен погодок за намалување на нашата предност.

Во последното коло од квалификациите, нашата млада репрезентација на 15. октомври ќе игра против Грузија на гостински терен./МИА

притисни ентер