Македонија е жртва на билатерални проблеми и не може повеќе да прифаќа ултиматуми околу евроинтегративниот процес. Ова е пораката на премиерот Христијан Мицкоски од средбата со претседателот на Советот на ЕУ Шарл Мишел и работниот ручек со претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен за планот за раст на Западен Балкан денеска во Брисел. Мицкоски е дециден дека процесот на интеграција во Унијата мора да се темели на оценка за постигнувањата а не на билатерални прашања кои како што вели, ќе бидат одлучувачки фактор.
„Речиси две и пол децении откако го почнавме овој евроинтеграционен процес сме жртви на билатерални проблеми, односно на билатеризација на претпристапниот процес. Она што таму го кажав е дека ние сега се бориме да почнеме преговори во коишто ние ќе ги зајакнеме институциите и ќе ги збогатиме капацитетите. Поради прашања кои се поврзани во средниот век не можеме да се развиваме како држава во 21 и 22 век. “
Пред средбата со Мишел, Мицкоски присуствуваше на работниот ручек на фон дер Лајен на кој меѓу другите беа и албанскиот премиер Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ а на кој главна тема беа реформиските агенди на земјите од Западен Балкан. Мицкоски рече дека меѓу другото порачал и дека земјава е подготвена на конструктивност и фокусираност за исполнување на оваа стратешка цел и ако има желба кај Брисел тогаш има и начин.
„Ние бевме понижени на овој пат. Ќе ве потсетам во името на европските вредности променивме знаме, банкноти, устав неколку пати, име. Што се не направивме за да покажеме дека сакаме да бидеме дел од европското семејство. Некој ќе ми каже дека е ова правилото на еден глас, ве молам, тоа е ултиматум. Јас сум подготвен со секого да разговарам.“
На работната посета во Брисел во придружба на Мицкоски се и министрите за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцински и за европски прашања Орхан Муртезани.
Мицкоски, според најавите попладнево ќе има средби и со еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји како и со првиот човек на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување, Јан Копман. Со Планот за раст за Западен Балкан кој ЕК го усвои во ноември лани ЕУ планира да додели околу 6 милијарди евра за земјите од овој регион во периодот од 2024 до 2027 година. Од нив, Макеоднија може да добие околу 750 милиони евра гранотив и поволни заеми, но тие се условени со реформската агенда..