Министерството за јавна администрација прво ќе ја чека конечната одлука на Уставен суд околу спорните законски одредби за вработувања во јавниот сектор по етничка линија, па потоа ќе донесе финална одлука дали ќе иницира до Владата ново законско решение кое ќе овозможи правична застапеност врз основа на стручност и знаење, а не на партиски и етнички кадри. Министерот Горан Минчев за Канал 5 изјави дека тие ќе ја почитуваат времената мерка за замрзнување на вработувањата, но допрва Владата ќе бара соодветно решение за професионална јавна администрација. Кога - останува неизвесно.
– Насоките или донесените времени мерки од Уставниот суд не би ги коментирал, тие се спроведуваат. Јас и во минатото потенцирав дека без разлика каква ќе биде одлуката на Уставниот суд , ние како министерство за јавна администрација ќе ја почитуваме. Но ако ме прашате за мој личен став кој многупати го кажав, дека балансерот ја изгуби својата намена за која е создаден и тој и во минатото е предмет на злоупотреба. Во тој контекст можам да ги поздравам времените мерки кои ги донесе Уставен суд се до нивната конечена одлука. Не би сакал да шпекулирам дали воопшто ќе има ново законско решение или доколку има каква ќе биде неговата содржина. Ние како Влада се залагаме за решение за професионална јавна администрација базирана на соодветно образование, знаење, стручност, изјави Минчев за Канал 5.
Според универзитетскиот професор Борче Давитковски важно е да разјасни дека Уставниот суд не го оспорува ниту укинува правото на правична застапеност на заедниците, туку проблем е алатката преку која се прават вработувањата по етнички клуч. Факт е дека балансерот со години се злупотребува, дециден Давитковски.
-Очигледно се направи злоупотреба во законот за вработени во јавниот сектор со тој т.н. балансер каде што со групи, без да се води сметка за стручност и компетентност, се примаа припадници на помалите етнички заедници. Таа неправда се обидува Уставниот суд да ја исправи. Со времената мерка тие само стопираа да не се применува методологијата – балансерот, а тоа право си останува, припадниците на заедниците можат да си конкурираат, но сега вероватно под изменети, односно најверојатно под еднакви услови, согласно стручност и компетентност, не само Албанската, сите припадници на заедниците, изјави Борче Давитковски – Универзитетски професор.
Решението го гледа во ново законско решение кое треба да го изготви извршната власт и ќе ги задоволи и европските критериуми и нашите стандарди за мерит систем - стручни и компетентни лица да имаат можност да конкурираат и бидат примени во јавната администрација.
-Уставниот суд добро направи што ја донесе времената мерка и фактички сега топката ја врати пак кај извршната власт. Остави простор, бидејќи е времена мерка мора брзо да се дејствува, сега извршната власт најверојатно преку министерството за јавна администрација, односно Владата, мора да направат брзи измени во законот за вработени во јавен сектор и за административни службеници со тоа што мислам дека ќе се најде нова алатка при еднакви услови сите да припадници на заедниците да имаа предност при варботувањето, вели Давитковски.
По долга и исцрпна дебата, вчера Уставниот суд со мнозинство гласови ја прифати иницијативата од минатиот состав на Антикорупциската комисија со која беше оспорен т.н. балансер при вработувањата. Против иницијативата се изјаснија тројцата судии од етничките заедници, Осман Кадриу, Насер Ајдари и Фатмир Скендер.