Министерот за спорт Борко Ристовски ја потпиша одлуката со која на македонската младинска кошаркарска репрезентација ќе и биде исплатена премијата од три милиони денари доделена за освоеното прво место на Европското првенство за јуниори (играчи до 18 години) од Б дивизија што се одржа од 26 јули до 4 август 2024 година во Скопје.
На иницијатива на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, Владата на донесе одлука со која го задолжи Министерството за финансии да обезбеди финансиски средства во висина од три милиони денари на Министерството за спорт, а Министерството за спорт преку Кошаркарската федерација на Македонија овие средства да ги распредели на стручниот штаб и на кошаркарите во младинската репрезентација (У18).
Младите македонски кошаркари на Европското јуниорско првенство (У18) Б дивизија во Скопје го освоија златниот медал остварувајќи осум победи во исто толку одиграни натпревари. Со оваа титула, кошаркарите обезбедија пласман во елитната А дивизија и настап на следното Европско јуниорско првенство во Србија, се наведува во соопштението.