Министрите на ЕУ не се договорија Украина да користи западно оружје против цели во Русија

Министрите за одбрана на Европска Унија денеска не постигнаа консензус за да ѝ се дозволи на Украина да користи западно оружје за напади врз руска територија. 

Тие исто така не се договорија дали на воените инструктори од ЕУ да им се дозволи да вршат обука на украинска територија, поради стравувањето дека тоа ќе го зголеми учеството во војната и ризикот од директна конфронтација помеѓу Русија и Западот.

Земјите-членките на ЕУ веќе се согласија колективно да обезбедат воена помош за Украина. И додека некои земји обезбедуваат оружје со минимални барања, други го прават тоа под услов оружјето да се користи само на украинска територија.

Високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел по средбата на министрите изјави дека нападите во самоодбрана врз воени цели на руска територија „се легитимен чин според меѓународното право кога се користи на пропорционален начин“.

- Но, исто така е јасно дека тоа е одлука за секоја земја-членка. Никој не може да спречи една земја-членка да ја снабдува Украина со оружје и да и дозволи да го користи за воени цели на руска територија. Исто така, не можеме да ги обврземе да се согласат на тоа, посочи Борел.

Претседателот на Русија, Владимир Путин денеска ги предупреди членките на НАТО дека си играат со оган кога предлагаат да ѝ се дозволи на Украина да го користи нивното оружје за напади на руска територија.

- Постојаната ескалација може да доведе до сериозни последици. Ако овие сериозни последици се реализираат во Европа, како ќе се однесуваат САД, со оглед на нашиот паритет во нуклеарното оружје? Тешко е да се каже – дали сакаат глобален конфликт?, наведе Путин во Ташкент каде е во повеќедневна посета.

Тој додаде за украински напади со оружје со долг дострел е потребна западна разузнавачка и воена помош и сателити, што значи дека Западот мора директно да биде вклучен.

Кина: НАТО да престане да ја префрла вината за војната во Украина

Кина го повика НАТО „да престане да ја префрла вината“ за војната во Украина, откако генералниот секретар на Алијанса го обвини Пекинг за влошување на конфликтот преку поддршката за Русија.

Јенс Столтенберг вчера ја повика Кина да се соочи со последиците за, како што го нарекоа американските власти, големиот извозен притисок за обнова на руската одбранбена индустрија.

Властите во Пекинг денеска нагласија дека НАТО „треба да се вклучи во саморефлексија наместо произволно оцрнување и напади врз Кина“.

- Го советуваме (НАТО) да престане да ја префрла вината и да сее раздор, да не долева масло на огнот и да поттикнува конфронтација, туку да направи нешто практично за политичко решавање на кризата, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи Лин Жијан.

По инвазијата врз Украина се интензивира стратешкото партнерство помеѓу Кина и Русија, а ги отфрли западните тврдења дека ги помага воените напори на Москва./МИА

До крајот на неделава жолто и портокалово ниво за опасност од високи температури

 Од утре до недела, како што соопштија од УХМР, земјава ќе биде под влијание на стабилна и многу топла воздушна маса од југ, која ќе предизвика сончево и натпросечно топло време за овој период од годината.

Дневните температури насекаде ќе бидат над 30, а наместа ќе достигнуваат 40 степени.

- Според прогнозираните и пресметаните гранични вредности на екстремни температури од УХМР, на територијата на нашата земја утре ќе биде активно жолто, а во Скопската и Полошката котлина портокалово ниво за опасност од високи температури. Поради натамошен пораст на температурите од четврток насекаде ќе биде активно портокалово ниво, се додава во соопштението од УХМР.

Русија ги започнува воените маневри во Тихиот Океан

Русија започна со поморски маневри во Тихиот Океан, вклучувајќи вежби за борби против подморници и противвоздушни удари, соопшти руското Министерство за одбрана.

Во вежбите учествуваат околу 40 пловни објекти и околу 20 хеликоптери и авиони. Маневрите „ќе продолжат до 28 јуни во водите на Тихиот Океан, Јапонското Море и Охотското Море“, се наведува во соопштението на министерството.

Во различни фази, морнарите ќе изведуваат ракетни напади врз бродски групи на конвенционален непријател, како и ќе одбиваат напади со беспилотни летала и чамци без екипаж, нагласува Министерството. /МИА

притисни ентер