На 3 мај во училиштето се случи масовно убиство кога тринаесетгодишниот ученик Коста К. со пиштолот на својот татко на првиот час уби чувар и девет ученици, а тешко рани уште пет соученици и наставничка.
„Мораме да разбереме дека децата, чии пријатели, браќа, сестри повеќе не се таму, не можат да одат во тоа училиште“, изјави Ѓукиќ Дејановиќ за новинарите во Белград. Таа изјави дека денес училиштето има повеќе од 1.000 ученици и „целата помош и поддршка од државата“.
Учебната година во Србија започна овој септември со контроверзи околу тоа дали по масовното убиство во Рибникар државата ги презела сите мерки децата во училниците да се чувствуваат безбедно и безгрижно, а нивните родители да бидат спокојни.
Од почетокот на учебната година полициски службеници дежураат во сите училишта, а Министерството за образование на сите училишни управи им испратиле упатства за работа, особено во однос на безбедноста на учениците. Учениците од петто до осмо одделение добиле и нова воннаставна активност, а предметот е наречен Доблести и вредности како животен компас.
13-годишниот ученик, кој по злосторството сам се пријавил во полиција, се уште е под надзор во специјализирана психијатриска установа, а неговиот татко, чиј пиштол бил употребен за извршување на убиството, е во притвор.
Полицијата го уапсила таткото за тешко кривично дело против општата безбедност, откако било утврдено дека синот го носел на стрелишта на вежбање стрелање, а двата пиштоли и муницијата за кои поседувал соодветни дозволи, ги оставил во сеф достапен за неовластени лица.
Во меѓувреме, притворот му е продолжен, меѓу другото и поради тоа што кривичното дело за кое се товари предвидува затворска казна над 10 години.
Убиствата во училиштето, а еден ден подоцна и во две села каде што 21-годишник уби осум претежно млади луѓе, а рани уште 14, предизвикаа масовни протести наречени „Србија против насилството“, повикани од проевропската опозиција со цел да се престане со поттикнување насилство во политиката, јавниот простор и медиумите. Тие собири се претворија во масовен граѓански бунт, на кој се приклучија студенти, синдикати, невладини организации, здруженија и движења, а поддржани од актери и академската заедница на универзитетски професори и научници.
Протестите се уште траат, но веќе не се масовни како во првите месеци.