Невиден ужас во Хонг Конг: Мајка си ги убиле трите мали ќерки,па го обвинила поранешниот сопруг

Полицијата во Хонг Конг денеска уапсила жена осомничена за убиство на нејзините три ќерки, што е едно од ретките насилни злосторства во тој град.

Три девојчиња на две, четири и пет години веќе биле мртви кога полицијата пристигнала во нивниот стан, на повик на жена која им рекла дека ги убил сопругот, пренесува АП.

Полицискиот надзорник Алан Чунг изјавил дека парот бил разделен околу една година и верува дека жената е одговорна за убиствата.

Тој изјави дека на телата на децата не биле пронајдени рани, ниту пак на лице место имало остри предмети или дрога, но дека била пронајдена крвава перница која најверојатно била употребена за задушување на децата.

Тој додаде дека полициската истрага покажала дека случајот е поврзан со семејно насилство.

Во Тунис денеска се избира претседател, со еден претседателски кандидат во затвор

Тунискиот претседател, Каис Сајед, на денешните претседателски избори е фаворит за освојување на својот втор мандат, откако неговиот главен политички ривал беше затворен минатиот месец, додека другиот противник е лидер на помала политичка партија.

Политичкиот развој на настаните во Тунис се сметаше за единствената релативно успешна приказна за Арапската пролет во 2011 година поради воведувањето на демократијата по децениското автократско владеење.

Меѓутоа, групите за човекови права сега тврдат дека Сајед, кој е на власт од 2019 година, поништил дел од демократскиот развој со отстранувањето на институционалните и законските ограничувања на својата моќ.

Сајед (66) ја отфрла ваквата критика и наведува дека се бори против корумпираната елита и предавниците и дека нема да биде диктатор.

Ајачи Замел, кој се сметаше за најголема закана за претседателот Сајед, веќе два месеца е во затвор, а вториот противкандидат, лидерот на партијата Народно движење, Зухаир Магзауи, е поранешен сојузник на Сајед.

Повеќе високо рангирани претставници на големите партии, кои главно се против политиката на Сајед, беа затворени во текот на изминатата година по различни обвиненија.

Тие партии јавно не поддржаа ниту еден од тројцата кандидати на денешните избори, додека на другите им беше забрането да се кандидираат.

Минатиот месец, изборната комисија, чии членови беа именувани од Сајед, дисквалификуваше тројца истакнати кандидати.

Парламентарците лојални на Сајед минатата недела му ја одземаа надлежноста на Управниот суд за изборни спорови, за кој се верува дека е последното независно судско тело во земјата.

Сајед од 2021 година ја концентрира целата моќ во свои раце, кога го распушти избраниот парламент и го преобликува уставот во она што државата го опиша како државен удар.

На референдумот за измени на Уставот излегоа само 30 отсто од гласачите, додека во јануари 2023 година на изборите за новиот состав на парламентот со значително намалени овластувања излегле само 11 отсто од гласачите./МИА

Анчелоти за повредата на Карвахал: Во соблекувалната има нервоза и тага

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, ги кажа деталите за повредата на одбранбениот фудбалер Дани Карвахал, која ја доби на крајот од синоќешниот натпревар од 9. коло на Ла Лига против Виљареал (2:0).

- Карвахал е сериозно повреден. Многу ни е жал. Докторот ми кажа дека го повредил коленото. Во соблекувалната владее нервоза и тага. Се случи нешто што не требаше да се случи. Ова често се случува поради густиот натпреварувачки календар. За жал, ова се случи со многу важен играч за нас, изјави Карло Анчелоти на прес-конференцијата по натпреварот.

Триесет и двегодишниот Шпанец ги скина вкрстените лигаменти на десното колено по дуел со противнички играч за време на судиското надополнување и заврши на тревата. Теренот го напушти на носилки./МИА

„Франција во светлина“ – спектакл на „Бела ноќ“ во Скопје

Да патуваме и сонуваме и секој да ја отсонува својата приказна. Тоа е пораката која на 20-то издание на „Белата ноќ“ во Скопје ја испрати француската театарска трупа „Кидам“.

Пеформансот насловен како „Сонот на Ербер“ предизвика големо внимание кај јавноста, а започна од Музејот на Град Скопје.

Пет луѓе, трансформирани во џиновски фигури продефилираа по улица Македонија, предизвикувајќи насмевки кај присутните, а најмногу кај децата

Потоа, тие кратко време се задржаа на плоштадот „Македонија“, и прегрнувајќи ги уличните канделабри. Веднаш после тоа, се упатија кон плоштадот „Карпошово востание“ преку Камениот мост.

Таму, следуваше главниот магичен ритуал и преку музика, фигурите овозможија една ѕвезда да се издигне на небото.

Директорот на Францускиот институт во Скопје, Иго Бештел не го криеше задоволството што „Кидам“ се претставиле пред скопската публика.

Голем дел од присутните со насмевка го проследија перформансот. Велат, не очекувале ваков ритуал и посакуваат вакви настани да има што почесто во земјава во иднина.

-Убаво, убаво. Навистина интересна точка. Не очекував дека вакво нешто ќе се случи тука. Прекрасно изненадување, морам да кажам.

Инаку, француската театарска група „Кидам“ е основана во 1994 година, а имаат повеќе од 150 настапи годишно во повеќе земји. Во групата членуваат 27 уметници и техничари.

Спектаклот „Сонот на Ербер“ беше еден од дваесетина настани што синоќа се одржуваа на повеќе локации во Скопје во рамките на „Бела ноќ“.

Инаку, настанот го организираше Францускиот институт во Скопје по повод 50 години од своето постоење.

притисни ентер