НСП за Џафери: Политичките кампањи да се реализираат надвор од институциите

„Кој не му е работно место веднаш да си оди од овде“.

Лавина реакции предизвика вчерашната ненајавена посета на техничкиот премиер Талат Џафери на СВР Тетово, каде според видеата кои беа објавени се гледа како тој со надмен и прекорувачки тон им се обраќа на вработените, кои беа собрани во просториите. Од Независниот синдикат на полицијата излегоа со силна осуда за однесувањето на Џафери и апелираат политиката и политичките кампањи да се водат надвор од институциите, а работниците да не се злоупотребуваат за политички цели. Тие во Владата побараа средба со Џафери за да објасни кои му биле мотивите за појавувањето во СВР Тетово, но таму не го најдоа.

-Преку просториите каде што се полициските простории и каде што има работници на полицијата, политичарите што понастрана да не бараат гласови преку полицијата и да не барат гласови преку нешто за кое може само да направат штета и гнев кај работниците, како што јас имам гнев. Ние и на писмено ќе поднесеме барање кој му беше мотивот за влез снимање и сликање во СВР Тетово за да може да објави по медиумите.- Гоце Делчев – Независен синдикат на полицијата

На едно од видеата кои вчера беа објавени се гледа и како во одделот за замена на возачките дозволи Џафери своеволно ги собира потврдите од граѓаните кои чекаа и ги дели на службениците. Тој движејќи се низ канцелариите се обраќа со строг глас кон вработените, бара отчет за работата, информации за нивното присуство во канцелариите, и тие што не работат во тие простории да ги напуштат.

Однесувањето на Џафери за пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, е лечење на фрустрации. Тој во објавата посочува дека меѓудругото, жената на која Џафери и се обраќа е сопруга на загинат полицаец во Диво Насеље.

Џафери по посетата во изјава за медиумите рече дека констатирал дека во СВР Тетово недостига организација во извршување на задачите на дневна основа и најави дека неговите ненајавени посети на државни институции ќе продолжат и во периодот кој следува.

Инаку, техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски во изминатиот период повеќепати реагираше дека Владата не му дозволила да назначи друг началник на СВР Тетово.

Како да се деблокира еу процесот, можни ли се уставни измени со одложено дејство?

Секоја седница, координација или пак лидерска средба е добра за комуникација меѓу партиите по одвојувањето на Македонија од пакетот со Албанија во евроинтегративниот пат, смета политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

Во топ приоритетите на новата Влада се евроинтеграциите, актуелните опозициски партии имаа долги години да докажат дека навистина се залагаат за ЕУ- изјави вицепремиерот Изет Меџити за критиките од СДСМ и ДУИ дека власта е виновна за неуспехот во надворешната политика и дека не знаат да се справат со предизвиците. За повикот на лидерот на СДСМ Филипче во Собрание да се презентираат следните чекори, Меџити одговори дека агендата не ја дитира опозицијата.

Секоја седница, координација или пак лидерска средба е добра за комуникација меѓу партиите по одвојувањето на Македонија од пакетот со Албанија во евроинтегративниот пат, смета политичкиот аналитичар Петар Арсовски. Сепак, доколку нема промена во партиските позиции, вели таквата иницијатива нема политичка цел.

Во однос на уставните измени со одложено дејство, како чекор кој за премиерот Мицкоски е прифатлив, Арсовски оценува дека кај Бугарија нема интерес за преговори со оглед на тоа што го третираат како затворено прашање со преговарачката рамка.

И покрај понудата на унгарскиот премиер Орбан за посредништво во име на земја-преговарач со Европската Унија, официјална Софија експресно одби со образложение дека тоа не е дозволено меѓу унијата и земја-кандидат. Оттаму повторуваат дека Македонија има преземено обврски кои мора да се спроведат за да продолжат евроинтеграциите на државата.

Повреденото момче е во стабилна состојба, МВР го истражува случајот

19 годишник од скопската населба Чаир е повреден откако во него било пукано од возило. 

Пукањето се случило синоќа на крстосницата на улиците „Џон Кенеди” и „Цветан Димов”. Додека монмчето пеш се движело, од возило пасат излегло лице и пукало кон него неколку пати по што заминал од местото. Со четири прострелни рани бил пренесен во градската општа болница „Наум Охридски“ од каде велат дека велат дека е во стабилна здравствена состојба. Пред полицијата го идентификувал лицето кое пукало кон него, од МВР велат дека се работи на расчистување на случајот.

-На 05.10.2024 околу 20.20 часот во СВР Скопје е пријавено дека на ул. „Цветан Димов“ во Скопје имало повредено лице од огнено оружје, кое било пренесено во ГОБ „Св.Наум Охридски“ во Скопје за укажување помош. Утврдено е дека повреденото лице е А.Б. (19) од Скопје, кој во службен разговор со полициските службеници појаснил дека додека се движел пеш по ул. „Цветан Димов“, од возило излегол Б.Б. и пукал кон него со пиштол неколку пати. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот. – Гоце Андреевски – Портпарол на МВР

Кои се причините за пукањето истражува и обвинителството. Според неофицијални информации станува збор за нерасчистени должнички односи.

Случајот предизвика и партиски реакции и меѓусебни обвинувања. Од СДСМ тврдат дека безбедноста на улиците е алармантно влошена, бараат оставка од министерот за внатрешни Панче Тошковски бидејќи како што велат, едвај еден од инцидентите и убиствата бил расчистен.

-Ова е втор пат за 1 месец млад човек да биде жртва, во септември исто така од пукање беше повредено уште едно младо момче. Состојбата со безбедноста на улиците е алармантно влошена. Тоа е учинокот на Владата на Мицкоски во изминатите 100 дена. Со Тошковски и ВМРО-ДПМНЕ улиците станаа Див Запад, пукање има речиси секој ден, на секој чекор. Криминалните пресметки се во голем пораст, наместо ред и поредок се случува хаос. Неказнивоста и неефикасноста на МВР е празник за криминалците кои немаат страв од Тошковски и прават што сакаат. – Богданка Кузеска – Портпарол на СДСМ

Одговори и министерот Тошковски според кој ова е било очаен обид на социјалдемократите да го свртат вниманието од седумгодишниот хаос.

-Тврдењето дека за време на моето раководење со МВР е расчистен само еден случај е целосно лажно и манипулативно, со цел да се дезинформираат граѓаните. Според официјалните бројки на МВР, во 2023 година имало 23 убиства од кои 2 нерасветлени, додека во 2024 година до месец октомври има 16 убиства, од кои исто така само 2 се нерасветлени. Овие податоци покажуваат дека ситуацијата не само што не е влошена, туку е и подобрена од аспект на намалување на бројот на убиства, вели Тошковски.

33-та годишна конференција на УМС на ВМРО-ДПМНЕ „Иднина за сите, сега!

Во спортскиот центар Билјанини извори во Охрид УМС на ВМРО-ДПМНЕ  ја одржува 33 годишна конференција, насловена „иднина за сите, сега! “

притисни ентер