Обвинителство: Опожарен автомобил на јавен обвинител

Во текот на вчерашниот ден во Прилеп намерно е опожарен приватниот автомобил на основната јавна обвинителка на Основното јавно обвинителство Прилеп Марјана Илиеска.

Веднаш по настанот извршен е увид на лице место. Обезбедени се траги и докази и се преземаат дејствија за откривање на сторител на кривичното дело.

Според првичните сознанија, за сега непознати сторители насилно влегле во гаражата во која бил паркиран автомобилот, го полеале со запалливо средство и го запалиле, предизвикувајќи материјална штета.

Јавното обвинителство на Република Македонија и Здружението на јавни обвинители силно го осудуваат ваквиот напад и обид за заплашување на раководител на основно јавно обвинителство со проширена надлежност.

На територија на цела Македонија казнети 715 возачи за брзо возење

 Во текот на вчерашниот ден на територијата на Република Македонија во рамки на акцијата за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, казнети се 715 возачи.

Од МВР денеска соопштија дека од нив 55 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а шест возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 336 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 379 надвор од населено место.

Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.

Женската репрезентација на Канада по 13 пат светски шампион во хокеј

Хокеарките на Канада ги победија САД ноќеска во финалето на Светското првенство во 2024 година и го освоија трофејот.

Натпреварот се одигра во Јутика, САД и заврши со резултат 6:5, по продолжение.

Кај Канаѓаните два гола постигна Ерин Амброуз, додека Џулија Гослинг, Емили Кларк, Даниел Сердачни и Мари-Филип Пулин имаа по една реализација. Головите за Америка ги постигнаа Лејла Едвардс, Меган Келер, Александра Карпентер, Хилари Хант и Керолин Харви.

Во мечот за третото место Финска ја победи Чешка со 3:2.

Репрезентацијата на Канада стана светски шампион по 13-ти пат. САД имаат 10 победи на Мундијалите. Ниту една друга репрезентација досега не го освоила Светското првенство.

ЈП Водовод и канализација–Скопје- лабораториски извештај за квалитетот и безбедноста на водата

Согласно добиените резултати од испитувањата, сите примероци ОДГОВАРААТ на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење (Службен весник на РМ, бр.183/18).

Неделен лабораториски извештај за квалитетот и безбедноста на водата за пиење ЈП Водовод и канализација – Скопје со цел подобра информираност на граѓаните на град Скопје, го објавува неделниот извештај за квалитетот и безбедноста на водата за пиење, добиен од анализите спроведени во Секторот за санитарна контрола.

Секторот за санитарна контрола во периодот од 08.04.2024 до 12.04.2024 зема 158 примероци за физичко-хемиска и 158 примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 45 мерни места во Градот Скопје.

Согласно добиените резултати од испитувањата, сите примероци ОДГОВАРААТ на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење (Службен весник на РМ, бр.183/18).

притисни ентер