Одредени 30 дена притвор за врховниот судија Наке Георгиев, се бранел со молчење

Пред судија на претходна постапка врховниот судија Наке Георгиев се бранел со молчење, единствено рекол дека е наместен, потврди неговиот адвокат.

По претходна пријава од син на обвинет во предмет што се води во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, вчера во попладневните часови МВР реализираше акција во која од слобода е лишен активен врховен судија. Врз основа на доставеното Известување од МВР, БЈБ, Оддел за криминалистичка полиција, Сектор за економски криминал и корупција, предметен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело Примање награда за противзаконито влијание од член 359 од Кривичниот законик.

Според сознанијата добиени од пријавителот, првоосомничениот користејќи ја својата службена положба и претпоставено влијание лажно ветувал погодности за обвинет (татко на пријавителот) во друга постапка што се води пред Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, и лажно прикажале дека ќе извршат влијание заедно со второосомничениот.

Предметниот обвинител, вчера вечер покрај предлозите за претрес на повеќе локации, ценејќи дека се исполнети условите до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за определување на мерката притвор за првоосомничениот. Со оглед на тоа што станува збор за судија во највисокиот суд во државата – Врховниот суд кој ужива имунитет, а кој е фатен in flagranti во извршување на кривичното дело, предлогот преку Основниот кривичен суд е доставен на одлучување до Судскиот совет кој во текот на ноќта му го одзеде имунитетот, по што денеска Основниот кривичен суд Скопје ќе одлучува за предложената мерка.

Прибраните докази и извршените претреси до овој момент даваат законски основ на предметниот јавен обвинител да предложи притвор само за првоосомничениот кој е затекнат при извршување на кривичното дело, додека во однос на второосомничениот до овој момент доказите не даваат основи за да се предложи најстрога мерка за обезбедување. Истрагата продолжува до целосна проверка на сите околности и наводи, соопшти Обвинителството.

Реакција на Општина Карпош за настан во ромската населба во Злокуќани

Општина Карпош е згрозена од синоќешниот немил настан во ромската населба во Злокуќани. 

Такво насилие, крволочност, со употреба на лопати, секири, ножеви... (за среќа извадениот пиштол не успеал сопственикот да го репетира), е незапаметено во историјата на Карпош. Оваа масовна тепачка во ова населено место не е прва. Дел од ромската населба во Злокуќани станува гето, опасност за живеењето на жителите кои сакаат мирно да ги поминуваат деновите, но уште поопасно за граѓаните кои што гравитираат во тој дел како и фирмите кои што имаат имот во оваа населба. Готово да нема граѓанин кој што физички не е нападнат. Не постои куќа или фирма која повеќе пати не е брутално ограбена, а сторителите се познати и на мештаните и на органите на прогон.

За насилниците од оваа населба градоначалникот на општината повеќе пати изврши разговор со полициската станица Карпош и со Основното јавно обвинителство за да насилниците бидат санкционирани, затоа што овие луѓе не само што ги загрозуваат жителите на Злокуќани, туку и жителите на Бардовци и Влае 1.

Општина Карпош бара од полицијата, обвинителството и судот, најстрого да бидат санкционирани учесниците во оваа нецивилизирана, преполна со агресија тепачка својствена на средниот век, а не на цивилизирана заедница како што е оваа општина. Доколку овој немил настан не се санкционира соодветно, а границата е помината веќе со години, состојбата ќе биде уште полоша, а агресивните насилници ќе земаат се повеќе замав.

ОПШТИНА КАРПОШ

Обилните дождови усмртија најмалку седум лица во Еквадор

Најмалку седум луѓе загинаа при лизгање на земјиштето во централниот дел на Еквадор предизвикано од обилните дождови во текот на викендот, соопштија локалните власти.

Во свлечиштето повредени се 16 лица, а 20 се водат како исчезнати. Спасувачките операции се во тек.

Обилните врнежи во Ел Салвадор предизвикаа најмалку 11 смртни случаи, а околу 880 луѓе се сместени во засолништа за итни случаи. Владата на Ел Салвадор поради невремето прогласи вонредна состојба.

Обилните врнежи предизвикаа поплави и одрони од кал во Гватемала, Хондурас, како и во југоисточниот дел на Мексико.

Метеоролозите го следат можното формирање на првиот тропски циклон во сезоната во Мексикански Залив. /МИА

Кина: НАТО да престане да ја префрла вината за војната во Украина

Кина го повика НАТО „да престане да ја префрла вината“ за војната во Украина, откако генералниот секретар на Алијанса го обвини Пекинг за влошување на конфликтот преку поддршката за Русија.

Јенс Столтенберг вчера ја повика Кина да се соочи со последиците за, како што го нарекоа американските власти, големиот извозен притисок за обнова на руската одбранбена индустрија.

Властите во Пекинг денеска нагласија дека НАТО „треба да се вклучи во саморефлексија наместо произволно оцрнување и напади врз Кина“.

- Го советуваме (НАТО) да престане да ја префрла вината и да сее раздор, да не долева масло на огнот и да поттикнува конфронтација, туку да направи нешто практично за политичко решавање на кризата, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи Лин Жијан.

По инвазијата врз Украина се интензивира стратешкото партнерство помеѓу Кина и Русија, а ги отфрли западните тврдења дека ги помага воените напори на Москва./МИА

притисни ентер