Орбан: Ако го чекавме Брисел, досега ќе бевме до гуша во вода

Унгарскиот претседател Виктор Орбан е скептичен дека неговата земја ќе добие навремена помош од Европската унија по големите поплави што ја погодија централна Европа.

„Со сета почит, ако чекавме Брисел да нѐ спаси, ќе бевме до гуша во вода“, рече Орбан на конференцијата утринава. Унгарија е последната земја во низата погодена од поплавите. 21 лице загина во Полска, Чешка, Австрија и Романија.

Орбан претходно оваа недела објави дека ги одложил своите меѓународни обврски додека поплавите не стивнат, вклучително и дебатата во Европскиот парламент за унгарското претседателство со Советот. Тој утрово се осврна на говорот на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која понуди помош.

„Доколку се појави ситуација во една земја, постои механизам кој може да се активира со еднострано известување. Ние го направивме тоа, што значи дека Брисел почна да испитува дали треба или може да се обезбеди некаква помош“, рече унгарскиот премиер.

„Кога овие комплицирани процедури во Брисел ќе завршат - и не сме казнети со тоа што не ја добиваме заслужената помош, бидејќи сето ова е под знак прашалник во Брисел - тогаш ќе добиеме помош“, додаде тој. Програмата на Европската унија за следење на климатските промени, Коперник, пред пет дена почна да испраќа сателитски снимки од поплавените области во Унгарија, на барање на Будимпешта.

Затоа, се претпоставува дека острите забелешки на Орбан може да бидат последица на претходната одлука на Европскиот суд на правдата да ја казни Унгарија со 200 милиони евра поради кршење на европскиот закон за азил, пишува Politico.

„Засега, да ја погледнеме позитивната страна на работите и со почит да му се заблагодариме на Брисел што барем мисли на нас“, заклучи Орбан.

Авиокомпанијата „Емирати“ забрани пејџери и воки-токи по нападите во Либан

 Авиокомпанијата „Емирати“ од Дубаи забрани на патниците да носат пејџери и воки-токи на своите летови, откако минатиот месец беа детонирани уреди користени од либанската група Хезболах.

„На сите патници кои патуваат кон, од или преку Дубаи им е забрането да пренесуваат пејџери и воки-токи во пријавениот или рачниот багаж“, се наведува во соопштението на авиокомпанијата објавено на нејзината веб-страница.

Се додава дека сите забранети предмети ќе бидат запленети од полицијата на Дубаи како дел од засилените безбедносни мерки.

Илјадници пејџери и радио уреди кои ги користеле припадници на Хезболах експлодираа во септември. Се верува дека за нападот е одговарен Израел, иако тој не презеде одговорност.

Најголемата авиокомпанија на Блискиот Исток исто така објави дека летовите за Ирак и Иран остануваат суспендирани до вторник, додека летовите за Јордан ќе бидат обновени утре.

Летовите за Либан ќе останат суспендирани до 15 октомври поради ескалацијата на израелските напади врз Хезболах, вклучувајќи напади во близина на аеродромот во Бејрут.

Неколку други авиокомпании исто така ги суспендираа летовите за Бејрут и други регионални аеродроми поради зголемените тензии. /MИА

Синер ја запроси руската тенисерка Калинскаја

Светскиот рекет број еден, Италијанецот Јаник Синер ја запроси руската тенисерка Ана Калинскаја, пренесува „Кориере дело спорт“.

Според „Кориере“ 25-годишната спортистка добила предлог за брак на забава во Њујорк. Таа се согласила.

Врската меѓу Синер и Калинскаја стана позната во мај оваа година. Тенисерите присуствуваа на натпревари кога играше едниот партнер неколку пати во текот на сезоната.

Дваесет и тригодишниот Италијанец е победник на два Грен слем турнири (Australian Open 2024 и US Open 2024). Вкупно има 17 АТП титули (од нив 16 во сингл).

Калинскаја освои три ВТА турнири во двојки во текот на нејзината кариера.

Макрон: Приоритет е враќање на политичкото решение за Блискиот Исток

Претседателот на Франција, Емануел Макрон, денеска во интервју емитувано на радио „Франс Интер“ изјави дека „приоритет е враќање на политичкото решение“ за конфликтот на Блискиот Исток.

Францускиот претседател притоа побара прекин на испораките на оружје за Израел, кое се користи во конфликтот во окупираниот Појас Газа, пренесува порталот БФМ ТВ.

- Мислам дека денес приоритет е да се вратиме на политичко решение и да престанеме да испорачуваме оружје за водење борби во Газа, изјави Макрон./МИА

притисни ентер