Организација од Нов Зеланд дистрибуирала бонбони со смртоносна количина дрога

Добротворна организација која работи со бездомници во Окленд, Нов Зеланд, несвесно делела лижавчиња со потенцијално смртоносна доза на метамфетамин во своите пакети со храна, пишува Гардијан.

Станува збор за донирани пакети со храна. Мисијата на градот Окленд им кажа на новинарите дека персоналот почнал да контактира со околу 400 луѓе за да пронајдат пакети што содржат дрога метамфетамин во омоти за лижавчиња.

Новозеландската полиција отвори кривична истрага.

Количината на метамфетамин во секоја бонбона била до 300 пати поголема од нивото што некој вообичаено би го земал и може да биде фатално, според Новозеландската фондација за дроги, организација за политика и тестирање на дрога, која прва ги тестирала лижавчињата.

Бен Биркс Анг, портпарол на Фондацијата, рече дека „прикривањето“ на дрогата како безопасна стока е вообичаена техника на прекуграничен шверц и дека повеќе слатки можело да се дистрибуираат низ Нов Зеланд.

-Уличната вредност на едно лижавче е 608 американски долари, што значи дека донацијата од непознатото лице била случајна и ненамерна, вели Биркс Анг.

Нема хоспитализирани.

Почнува театарскиот Фестивал за деца и младинци „Малиот принц“ во Штип

 На сцената на Центарот за култура „Ацо Шопов“-Штип вечерва во 19 часот почнува 12. издание на Фестивалот за деца и младинци „Малиот принц“.

Директорката на Центарот за култура „Ацо Шопов“-Штип, Кристина Атанасова Арсова на денешната прес-конференција истакна најмладата публика вечерва на отварањето на Фестивалот „Малиот принц“ ќе ја проследат претставата „Книголандија“, во изведба на ансамблот на Народниот театар Штип (НТШ).

-Во вторник во 12 и во 13.30 часот за нашите најмали првачиња од основните училишта решивме да и направиме едно изненадување, да им покажеме дека театарот е нивни пријател, не треба да го заборават, туку почесто да го посетуваат. Затоа што во театарот навистина има интересни игри и едукација, покрај образовниот систем. Затоа за нив утре ќе организираме „Театар на сенки“, според сликовницата „Касни порасни“ на Петре М.Андреевски, а всушност оваа претстава ни доаѓа од Детски креативен центар МКЦ. Исто така нашите актерки од НТШ ќе спроведат една работилница „Изработување на маски“, со цел децата да научат како ние ги изработуваме театарските маски, вели Атанасова Арсова.

На Фестивалот за деца и млади „Малиот принц“ најмладата публика ќе може да проследи вкупно пет тетарски претстави, гостуваат театри од Куманово, Битола, Скопје и од соседна Бугарија. Фестивалот се затвара на 19 септември со претствата „Приказни по телефон“ во изведба на актерите од Здружение за уметности и култура „Водолеј“ - Р. Бугарија. Сите претстави почнуваат во 19 часот, а цената на билетите е 100 денари.

Наскоро еден директор на цел Клинички центар и спојување на неколку болници

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска најави дека наскоро ќе има еден директор на цел Клинички центар, како и дека неколку болници ќе се спојат со здравствени домови.

Одговорајќи на новинарски прашања по промоцијата на новиот микроскоп во државната Очна клиника, Таравари потсети дека кога бил министер за здравство во 2017 година разрешил околу 30 економски директори. Неразрешени останале, рече, уште 10 до 15.

Според Таравари, има јасна анализа колку пари чиниле старо-новите советници кои претходно биле економски директори.

-Еден директор приближно примал плата околу 1 500 евра, па пресметајте. Но, наскоро ќе има еден директор на цел Клинички центар и неколку болници ќе се спојат со здравствени домови. Мислам дека сумата е значајна и со тие пари место да ги добива некој што може да биде одговорен во администрација на Клиниката, да не биде директор, би плаќале повеќе инвестиции во здравството, нови апарати, нови згради, реновирање клиники и јавни здравствени институции,... Целта беше таа, не е од сега таа цел. И во 2017 година кога бев министер за здравство разрешив сигурно околу 30 директори, останаа уште 10 - 15 неразрешени, истакна Таравари.

Мицкоски: Акцијата за даночно затајување е една од низата што ќе следуваат

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во врска со последната акција за даночно затајување рече дека таа е една од низата вакви истраги што ќе следуваат во следниот период. 

- Не би сакал сега да откривам детали, истрагата трае, мислам дека ќе биде епски голема, епски голем криминал, но она што можам да кажам дека ова е една во низата што ќе следат во следниот период септември-октомври, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања пред средбата со претставници на АХК Македонија, дел од мрежата на германските комори во странство и Македонско-Германското стопанско здружение.

Минатата недела беше спроведена акција за даночно затајување во фирми во Струмица, Скопје и Гостивар. Беа приведени четири лица, а државниот јавен обвинител информираше дека е оформен предмет за даночна измама и за перење пари и дека се сослушани три лица, а за едно се предложени мерки за претпазливост.

- Првичните информации се дека станува збор за милионски суми кои што се последица на неколку кривични дела, даночно затајување, даночна измама и перење пари. Во интерес на целокупната постапка не би можел да навлегувам во детали, почитувам пресумпција на невиност, изјави во петокот министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во Охрид.

притисни ентер