Американскиот Стејт департмент објави синоќа забележително предупредување за тоа дека кинеската Влада ги проширила своите напори за контрола на информацијата, ширење пропаганда и дезинформација за промоција на „дигитален авторитаризам“ во Кина и низ целиот свет, јави дописникот на МИА од Вашингтон.
-Претседателот Си (Џинпин) изврши значително ширење на напорите на НРК да ја обликува глобалната информациска околина, се наведува во извештајот обвинувајќи ја Кина за трошење милијарди долари годишно за манипулација со маѓународната информација.
Си „врши силен притисок државните медиуми на КНР да ги зацврстат нивните напори за пропаганда и да кројат ‘прецизни комуникациски методи’ за влијание врз странската публика глобално“.
Извештајот, објавен од Центарот за глобален ангажман кој се бори со странската пропаганда и дезинформација, предупредува дека Кина „има потенцијал да ја реоформи глобалната информациска околина“. Се истакнува загриженоста на САД за тоа дека Кина не е само главен воен соперник туку и клучен ривал во борбата за идеите и дезинформацијата глобално.
-Пекинг развива хируршки прецизни можности да ја обликува информацијата конзумирана од одредени групи па дури и индивидуи. Со тоа, меѓународниот информациски пејзаж би се карактеризирал со значајни празнини и својствени про-НКР предрасуди, се заклучува во извештајот од речиси 60 страници.
-Тоа што научивме е дека постои темна страна на глобализацијата и ако не направиме оваа манипулација на информацијата да биде запрена, ќе се случува бавно но постојано уништување на демократските вредости и безбедниот свет на правила и права, изјави на брифингот синоќа Џејмс Рубин, специјален претставник на Стејт департментот и координатор на Центарот за глобален ангажман.
Од кинеската амбасадата во Вашингтон за Си-ен-ен укажаа дека не се запознале целосно со извештајот „но брз преглед на предговорот укажува за што станува збор: Разгорување идеолошка конфронтација, ширење дезинформација, и оцрнување на кинеските домашни и странски политики. Напишано во менталитет на Студената војна, извештајот е уште една алатка за запирање на Кина и засилување на американската хегемонија.“
Напорите на Кина се како отворени така и прикриени и промоцијата на своите тактики за контрола се посебно фокусирани на Азија, Африка и Јужна Америка, се вели во извештајот и се даваат повеќе примери.
Еден е социјалната мрежа ТikТok на компанијата ByteDance.
- ТikТok одржува и регуларно обновува внатрешни списоци што идентификуваат луѓе кои најверојатно биле блокирани или имаат забрана на сите платформи на ByteDance затоа што се застапуваат за независноста на провинцијата Ујгур.
Во земја од Источна Африка кинеската влада склучила договор со локален весник „и весникот се согласил дека платени прилози (од КНР) нема да имаат директна врска со КНР“. Во Литванија, телефони произведени од кинеската компанија Xiaomi биле препрограмирани на далечинско цензурирање на околу 450 фрази користени од корисниците, вклучувајќи „слободен Тибет“ и „демократско движење“. Околу 24 отсто од телефоните во Европа во 2021 година биле Xiaomi.
Во извештајот исто така се говори за кибернападите на Пекинг од 1997 до 2022 година против 5,500 странски семејства роднини на Ујгурите. При што влади од цела Азија, Блискиот Исток и Северна Африка задржале 1,150 Ујгури а 424 екстрадирале во НРК.
Кина, исто така, ја зголемила соработката со Русија за ширење дезинформација за Украина, и Пекинг рутински ги одразува тврдењата на Кремљ како аргументот за „де-нацификација“ на Украина.
Во својот заклучок извешатјот сепак дава надеж дека напорите на Пекинг „се судриле со големи проблеми“ во демократските земји.
-Но ако не се спротивставиме на масивните операции на Кина, таа ќе пресретне помал отпор во реоформувањето на меѓународниот поредок а на штета на индивидуалните слободи и националниот суверенитет низ целиот свет.