Почна кампањата за нов лидер на СДСМ

На 20 дена од закажаните внатрепартиски избори, кандидатите за прв човек на СДСМ ја започнаа кампањата меѓу членството, од кое бараат поддршка со главно ветување дека ќе спроведат сериозни реформи

. Екс министерот за здравство Венко Филипче од синоќа стартуваше со состаноци во Охрид и Струга, каде на сопартијците им порачал дека секој член ќе биде ценет и слушнат, а неговиот тим немало да си дозволи да ги игнорира нивните барања. Прва поголема реформа во СДСМ Филипче најавува дека ќе биде избор на претседатели на општински организации на внатрепартиски избори, исто како што се бира лидерот.

„ Со воведување внатрешни избори за позициите на претседатели на општински организации, ќе ја зголемиме довербата меѓу членовите и граѓаните, ќе ги избереме најдобрите кадри со најголема поддршка, ќе обезбедиме и ќе ја вратиме довербата на јавноста во нашата партија. Новото раководство на партијата ќе дефинира јасни насоки и правила за внатрешниот изборен процес, обезбедувајќи транспарентност и правичност. „ – стои во програмата на Филипче.

Членството да биде пред се, ветува дека ќе се залага и поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска која е една од кандидатите. Во Само Вистина рече дека една од најголемите грешки кои придонеле за тешкиот изборен пораз било тоа што нивните гласачи биле занемарени од раковоството.

„ Има револт, бидејќи во изминатите 7 години, особено оние кои биле функционери ги третирале членството на несоодветен начин и тој револт постои, и веројатно е една од причините зошто сме се довеле во ваква ситуација, или овој катастрофален резултат е и тоа – невниманието и негрижата за членството или повикувањето само во исклучителни ситуации. Она што прво ќе го направам доколку бидам избрана, а се надевам дека ќе бидам избрана за претседателка на СДСМ е да ја вратам дебатата во рамки на органите на партијата. “-Славјанка Петровска – кандидатка за претседателка на СДСМ

Од друга страна, Јован Деспотовски вели дека неговите противкандидати се инспирирале од програмата која тој ја подготвил уште минатите внатрепартиски избори, во која се залагал за внатрепартиско гласање за клучните позиции во СДСМ. Сите кандидати за наследник на Ковачевски ги повика на јавна дебата, како барање токму од членството.

„ Гледам дека сега консензуално ги прифаќаат клучните точки од мојата реформска програма, па сметам дека на една јавна дебата треба отворено да видиме кој каков план има да ги спроведе, како и да си ги споделат и своите идеи за кои ќе се залагаат. Јавното соочување е нешто за што секогаш сме се залагале и за кое секогаш сме имале храброст да го бараме од нашите политички противници. Со јавната дебата ќе покажеме дека сме отворени и посветени на фер процес “-Јован Деспотовски – кандидат за претседател на СДСМ

Во трката за претседателското место во опозициската партија е и заменик министерот за јавна администрација Александар Бајдевски. Изборите во СДСМ се закажани за 30 јуни, а право на глас ќе имаат сите членови што ќе се регистрираат за гласање на партиската бев страница или во општинските организации.. Дотогаш треба да се одржи и отчетниот Конгрес кој викендов почна, па се прекина.

Англичаните ќе добијат бонус од 9.6 милиони фунти за европска титула

Англиските репрезентативци ќе добијат бонус од 9,6 милиони фунти доколку ја освојат титулата на Европското фудбалско првенство кое се одржува во Германија.

Информацијата денеска ја објави лондонски „Сан“.

Според истиот извор, селекторот на Англија, Герет Саутгејт, наводно ќе добие бонус од четири милиони фунти доколку неговите избраници ја освојат титулата на ЕВРО2024.

Англија вечерва го почнува настапот на ЕВРО2024 против Србија.

Избраниците на Саутгејт на 20 јуни ќе играат со Данска, а на 25 јуни со Словенија.

Сиљановска Давкова на Самитот за мир: Компромисите можат да го компромитираат европскиот мир

Компромисите со меѓународното право и принципи можат да го компромитираат европскиот и светскиот мир

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска се обрати на пленарната сесија на Самитот за мир во Украина, што викендов се одржува во Бургеншток на езерото Луцерн во Швајцарија.

Во обраќањето претседателката оцени дека тековната војна во Украина нè засега сите нас, земјата е изложена на огромно човечко страдање и уништување, безбедносната архитектура на Европа е под закана, а на глобално ниво животите на милиони луѓе се засегнати од тешките економски последици.

„На најсилен можен начин ја осудуваме неиспровоцираната и неоправдана агресивна војна на Русија и ја поддржуваме Украина на најдобар начин, дури и повеќе од она што го дозволуваат нашите ограничени капацитети, ресурси“, рече претседателката Сиљановска Давкова.

Нашата држава, посочи претседателката, се приклучи кон Кримската платформа и целосно се усогласи со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, а Украина беше главен приоритет за време на македонското претседавање со ОБСЕ во 2023 година.

На хуманитарен план, рече претседателката, се приклучивме на меѓународната коалиција за враќање на украинските деца и обезбедивме цивилна поддршка и итна помош за Украина и за украинските бегалци. Како поддршка на евроатлантските аспирации на Украина, посочи претседателката, испративме воена опрема преку Пакетот за сеопфатна помош на НАТО.

„Како суверена нација, само Украина може да одлучи за својата иднина. Од Украина зависи кога и како ќе ја ангажира Русија за евентуално усогласено решение. Праведниот мир мора да биде вкоренет во принципите на Повелбата на ОН за суверенитет и територијален интегритет. Обидот на Русија да стекне територија со сила е флагрантно кршење на овие основни начела. Кога опасните преседани остануваат неоспорени, тие можат да се претворат во толерирани практики. Компромисите со меѓународното право и принципи можат да го компромитираат европскиот, па дури и светскиот мир и безбедноста. Единствениот начин да се избегне ова е да се почитува Повелбата на ОН и принципите на меѓународното право, без исклучок“, рече претседателката Сиљановска Давкова, истакнувајќи дека воздржувањето од употреба на сила, почитувањето на суверенитетот, територијалниот интегритет и неповредливоста на границите, и заштитата на човековите права и основните слободи, се цврсти принципи за кои не може да се преговара.

Во обраќањето претседателката Сиљановска Давкова рече дека додека се развива рамката за иден мировен договор, ќе продолжиме да ја поддржуваме слободна, независна, демократска и суверена Украина.

Кулеба: Во нацрт-изјавата од самитот во Швајцарија беа земени предвид ставовите на Украина

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба денеска изјави дека ставовите на Киев биле земени предвид во завршното соопштение од самитот за мирот во Украина, што се одржа вчера и денеска во Швајцарија.

Кулеба во Бургеншток им изјави на новинарите дека изјавата е „балансирана“, според британските медиуми.

Украинскиот министер додаде дека на овој дводневен настан не се разговарало за алтернативни планови за мир.

притисни ентер