Поради влажни коловози и помали одрони се препорачува внимателно возење во дебарскиот регион

Дождот, кој со различен интензитет,  врне деновиве, во дебарскиот регион, предизвикува помали одрони на патиштата во ова подрачје, поради што се препорачува внимателно возење.

- Засега има помали но чести одрони од камен и земја. Поради тоа, но и влажните коловози се препорачува внимателно возење и строго почитување на патната сигнализација, порачуваат од дебарската секција на Јавното претпријатие за одржување на магистрални и регионални патишта.

Екипи на секцијата се постојано на терен, со цел навремено расчистување и безбедно одвивање на сообраќајот.

Под надлежност на оваа секција се патишта во должина од над 110 километри: делниците Дебар – Жировница (патен правец Дебар – Маврово), Дебар – Глобочица (патен правец Дебар – Струга), патот кон граничниот премин „Блато“, кракот Бошков Мост кон селата на Мала Река, како и патот Мелнички Мост – Центар Жупа.

Вообичаено на патниот правец Дебар – Маврово најчести се одроните кај селата Рајчица, Косоврасти и Јанче, месноста Ростушки Мост, потоа во близина на Бигорски манастир и месноста „Сенечки ливади“, на патот кон Струга кај месноста „Три чешми“(Манастирец).

Дождот поволно ќе се одрази во зголемувањето на нивото на акумулацијата Дебарско Езеро на ХЕ "Шпиље".

Во Собранието доделена наградата за животно дело „11 октомври“

Во Собранието денеска бешe доделена државната награда „11 октомври“.

Годинешните добитници се актерот и продуцент Јовица Михајловски, сликарот Владимир Темков, мултимедијалниот уметник, Љупчо-Бубо Каров и фолклористот Марко Китевски. Каров, Темков и Михајловски се наградени за животно дело во областа на културата и уметноста, а проф.-д-р Китевски во областа на науката..

Фернандеш: Во репрезентацијата уживам во мојот фудбал

Капитенот на Манчестер Јунајтед, Бруно Фернандеш, ги опиша двете последователни исклучувања во една недела како неправедни.

Во моментов плејмејкерот е со репрезентацијата на Португалија за натпреварите на „морнарите“ во Лигата на нации против Полска и Шкотска. Фернандез е една од ѕвездите на Португалецот, а во последно време е критикуван поради тоа што неговиот настап во репрезентацијата често е на повисоко ниво од она за „црвените ѓаволи“.

-Кога зборуваме за лош момент, тоа се двете исклучувања во една недела што ги сметам за нефер. Едното е веќе поништено, а второто, бидејќи е жолт картон нема да биде, но сето тоа е дел од фудбалот и не можам да размислувам за тоа. Ја презедов одговорноста за овие ситуации затоа што, особено против Тотенхем, ги оставив соиграчите во тешка ситуација да бараат пресврт откако заостанувавме во резултатот. На клупско ниво работите треба да се подобрат. Во последно време поставив високи стандарди со количината на голови што ги постигнувам и сакам да ги задржам тие стандарди. Се надевам дека ќе постигнам гол штом ќе се вратам. Се чувствувам многу добро во репрезентацијата, уживам во мојот фудбал, во динамиката благодарение на многуте квалитетни играчи со кои сум опкружен, изјави Фернандеш. /МИА

Квалификации за ЕП 2025: Македонија до 21 ја победи Молдавија

Фудбалската репрезентација на Македонија до 21 година оствари победа со 2:1 против своите врсници од Молдавија во рамките на претпоследниот натпревар од квалификацискиот циклус за пласман на ЕП кое ќе се одржи во Словачка 2025 година.

Ова беше четвртата победа во овие квалификации за нашите момци.

Избраниците на селекторот Драги Канатларовски денеска ја оправдаа фаворитската улога и сосема заслужено славеа триумф над Молдавија.

Бехар Фета отвори во 11. минута, додека Беким Камбери во 90. минута ја зголеми предноста на Македонија.

Противникот во следниот напад успеа само да постигне почесен погодок за намалување на нашата предност.

Во последното коло од квалификациите, нашата млада репрезентација на 15. октомври ќе игра против Грузија на гостински терен./МИА

притисни ентер