Пожарот на Беласица синоќа се приближил кон црква во селото Смоларе

Синоќа дошло до повторно разгорување на пожарот на планината Беласица во близина на село Смоларе и притоа се приближил кон црквата „Свети Петар и Павле“, информираа денеска од ТППЕ Струмица.

Додаваат дека веднаш по првите повици од жителите на селото ТППЕ Струмица испратила екипа од пожарникари-спасители, кои и покрај тешко пристапниот терен успеале да дојдат до фронталната линија на пожарот и да го спречат неговото движење во тој правец.

-Ширењето на овој пожар и покрај ниските температури е непредвидливо поради специфичноста на конфигурацијата на теренот и огромната количина на горлив материјал на тлото, висок слој на лисната маса која придонесува да се развиват доста високи температури и пожарот од приземен го развива кон крошните на дрвјата и како таков добива на интензитет, се наведува во информацијата од струмичките пожарникари.

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) потврдуваат дека пожарот е локализиран, но дека се уште има внатрешно горење на одредени места.

-Во текот на вчерашниот ден интервенирале 25 лица од ЈП „Национални шуми“ Подружница „Беласица“ – Струмица, со 4 теренски возила. Екипите се повлекле од терен во текот на вечерните часови, а останале 4 лица заради контрола. Во текот на ноќта, на терен заминала и ТППЕ Струмица со 5 пожарникари и 2 против пожарни возила. Врз пожарот се уште се дејствува согласно можностите за превенција против негово ширење до негово целосно гаснење, се наведува во утринската информација од ЦУК.

Пожарот избувна на 10 ноември во подножјето на планината Беласица меѓу селата Смолари и Мокрино, Општина Ново Село.

Став на СДСМ за случајот РЕК ("Адитив")

СДСМ го поддржува секој чекор насочен кон расчистување на евентуални злоупотреби на јавните ресурси и потенцијалната корупција. 

Одговорноста и транспарентноста се темелите врз кои ја градиме довербата на граѓаните во институциите. Никој не смее да биде над законот.

Бараме од институциите брза, транспарентна и темелна истрага која ќе ја утврди вистината.

Доколку постои вина, истата треба да се санкционира во согласност со законите.

Ги повикуваме Министерството за внатрешни работи, Обвинителството и сите релевантни институции да постапуваат професионално и без селективност.

СДСМ останува доследен на принципите на транспарентно и одговорно владеење, поттикнување на борбата против корупцијата и градење институции кои работат во интерес на граѓаните, се наведува во партисакото соопштение.

Сириските бунтовници пронашле голем склад со дрога со кој управувал братот на ал-Асад

Според извештаите, овие незаконски операции биле надгледувани од Махер ал Асад, брат на поранешниот претседател Башар ал Асад.

Безбедносните сили на новата сириска Влада денеска соопштија дека пронашле голем магацин за производство и складирање на дрога, вклучително и каптагон, наркотик наводно шверцуван од режимот на поранешниот претседател Башар ал Асад во богатите земји од Персискиот Залив, заработувајќи милијарди долари.

Според извештаите, овие незаконски операции биле надгледувани од Махер ал Асад, брат на поранешниот претседател Башар ал Асад. Се проценува дека во 2021 година сириската Влада заработила најмалку пет милијарди долари од продажбата на каптагонот, односно три пати повеќе од заработката на мексиканските картели, пишува „Дејли Меил“.

Сепак, производството на каптагон, кој исто така се нарекува фенетилин, наводно речиси во целост е запрено откако Асад побегна во Русија и исламистичките бунтовници ги зазедоа главните фабрики за каптагон во крајбрежните области на Сирија.

Неименуван европски функционер изјави дека производството на овој наркотик е намалено за 90 отсто, а останале само „мали, расфрлани“ лаборатории за производство на каптагон.

Безбедносниот аналитичар Николас Кроули предупреди дека намалувањето на шверцот и производството на наркотици можеби нема да потрае и тој очекува ирачките милиции поврзани со Корпусот на гардата на Исламската револуција на Иран да го искористат вакумот и повторно да ја покренат илегалната трговија.

Каптагон се смета за супстанца што ја користат борците, бидејќи им помага да се чувствуваат посилни и помалку уморни, а израелските медиуми тврдат дека борците на Хамас го консумирале овој наркотик непосредно пред нападот врз Израел на 7 октомври минатата година. /МИА

Глобалната организација за забрана на хемиското оружје свика состанок за ситуацијата во Сирија

Организацијата за забрана на хемиско оружје утре ќе одржи итен состанок на кој ќе се разговара за ситуацијата во Сирија, поради загриженоста за резервите на токсични хемикалии во таа земја. 

Организацијата завчера и порача на Сирија дека е должна да ги почитува правилата за заштита и уништување на опасни супстанции, откако бунтовниците влегоа во Дамаск викендот и го соборија режимот на претседателот Башар ал Асад.

Состанокот го свика извршниот совет на организацијата за да се разговара за актуелната ситуација во Сирија, како и за статусот на тековните истраги во земјата.

Режимот на Асад негираше дека користел хемиско оружје, но Оорганизацијата најде докази кои сугерираат дека Сирија постојано користела гас против цивили за време на граѓанската војна. Претходно оваа година беше откриено дека Исламската држава користела отровен гас иперит во борбите во градот Мареу во 2015 година.

САД соопштија дека ќе ја признаат и поддржат новата сириска Влада која се откажува од тероризмот, ги уништува залихите на хемиско оружје и ги штити правата на малцинствата и жените. /МИА

притисни ентер