Преговорите меѓу Израел и Хамас пропаднале поради ослободување на жените

Преговорите меѓу Израел и Хамас за заложниците заробени во Газа пропаднале, откако Израел продолжил да инсистира на ослободување на група жени, а Хамас одбил, изјави за Си-Ен-Ен извор запознаен со разговорите.

Како што преговорите застанаа во ќорсокак околу жените, Хамас се заложи за почеток на преговори за ослободување на мажите - веројатно за различен сет услови, според изворот. Израел ја отфрли таа идеја, инсистирајќи дека е императив прво да бидат ослободени сите жени, објави Си-Ен-Ен.

Израелските и американските власти веруваат дека Хамас продолжува да држи како заложници голем број жени на возраст од приближно 20 до 30 години - многу од нив киднапирани од музичкиот фестивал Нова. Хамас инсистира на тоа дека некои од преостанатите жени што ги држеле како заложници се сметаат за дел од израелските одбранбени сили, што Израел го негира.

Претходно денеска, израелската влада објави дека го отповикала својот тим преговарачи од Катар откако дошле до „ќорсокак“ во преговорите.

„Терористичката организација Хамас не го исполни својот дел од договорот, кој вклучуваше враќање на сите жени и деца држени како заложници, во согласност со списокот испратен до Хамас и одобрен од нив“, се вели во соопштението.

Телото на Навални вратено на неговата мајка

Телото на рускиот опозиционер Алексеј Навални и е вратено на неговата мајка, соопшти неговата портпаролка Кира Јармуш на социјалната мрежа Икс.

Погребот се уште се чека. Не знаеме дали властите ќе се мешаат да се спроведе како што сака семејството и како што заслужува Алексеј. Ќе ве известиме штом има новости“, соопшти Јармуш. Најпознатиот политички противник на Владимир Путин ненадејно почина во затвор пред една недела, а неговата мајка со денови бараше властите да и го предадат телото.

Бербок ја посети Украина Одеса на годишнината од војната

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок отпатува во јужниот украински пристанишен град Одеса, на денот кога руската инвазија врз Украина влегува во третата година.

Германската министерка пристигна во градот придружувана од нејзиниот украински колега Дмитро Кулеба во посета која првично беше чувана во тајност од безбедносни причини.

Ова е шесто патување на Бербок во Украина од почетокот на руската инвазија на 24 февруари 2022 година.

Двајцата министри присуствуваа на состаноците на Генералното собрание на ОН и Советот за безбедност на ОН во петокот во Њујорк по повод одбележувањето на втората годишнина од почетокот на војната. Двајцата дипломати пристигнаа заедно во Берлин утрово со авион на германската влада. Оттаму, Бербок и Кулеба полетаа за Молдавија од каде отпатуваа по копно до Одеса, јави ДПА. /МИА

Видео: На лет на „Ер Азија“ експлодирала надворешна батерија

Патниците се обиделе да го изгаснат пожарот со шише вода

На летот на Ер Азија меѓу Бангкок и градот Након Си Тамарат на југот на Тајланд експлодирала надворешна батерија (power bank) и избувнал пожар во кабината, но никој од патниците не бил повреден.

Патниците виделе пламен и чад 30 минути по полетувањето, по што кабинскиот екипаж дошол во средниот ред на Ербас А320 за да го изгаснат пожарот, додека патниците седнати на таа страна од авионот се префрлиле на другата, тргнувајќи ги работите подалеку од огнот.

Некои од патниците се обиделе да го изгаснат пламенот со шише вода, пред стјуардесата да дојде до апаратот за гаснење пожар и успешно да го изгасне пожарот, пишува Дејли Меил.

Во инцидентот изгорело едно седиште, а авионот слетал навреме.

Техничарите кои го прегледале авионот по слетувањето им рекле на патниците дека надворешната батерија била во мрежата за складирање во кабината.

Авиокомпаниите дозволуваат пакување на овие батерии само во рачен багаж, додека нивното носење во чекирани торби е забрането поради ризик од прегревање на литиум-јонските батерии и предизвикување пожар.

притисни ентер