Премиерот очекува поддршка во Собранието за законите за коридорите

Премиерот очекува поддршка во Собранието за законите за коридорите, опозицијата останува на ставот да не гласа.

Собраниската расправа за пакетот закони поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10д кои треба да ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“ е завршена. Останува само да се гласа по нив. За денеска во Собранието најавена е само седница за пратенички прашања и засега нема информации кога би се одржала седницата на која би се гласало за овие закони.

Премиерот Димитар Ковачевски очекува поддршка во Собранието за пакетот закони, додека опозицијата најавува дека нема да гласа затоа што, според нив, договорот се држи во тајност, се злоупотребува европското знаменце и дел од законите се спротивни на човековите права и се против одлуката на Уставниот суд за работните часови.

Според премиерот, со пакетот закони ќе се овозможи брза, навремена, ефикасна и поевтина изградба на автопатските делници.

- Нашите граѓани заслужуваат патишта по кои ќе возат брзо, сигурно и кои ќе овозможат регионален развој на сите градови на потегот на Коридорот 8 и Коридорот 10д. Коридорот 8 го поврзува Тетово со албанската граница, а Коридорот 10д - Прилеп и Битола, каде на граѓаните им беше ветуван автопат што не беше направен никогаш во наредните пет години ќе биде изграден, рече Ковачевски во одговор на новинарско прашање на пуштањето на обновениот магистрален пат Куманово-Страцин.

Ковачевски тврди дека договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ е доставен до Јавното обвинителство и до Државната комисија за спречување на корупцијата, како и до вработените во Јавното претпријатие за државни патишта, кои се вклучени во овој проект. Испратено е и писмо до Собранието за презентација на Договорот на соодветна Комисија на барање на пратениците од опозицијата со безбедносен сертификат, но, како што посочи Ковачевски, Собранието тоа се уште го нема побарано.

- Во моментот кога ќе го побараат, тогаш тоа ќе биде направено, рече Ковачевски.

Опозицијата, пак, останува на ставот дека нема да поддржат законско решение кое се коси со одлуката на Уставниот суд за работните часови и за кое договорот се чува во тајност што, според нив, отвара сомнеж за криминал.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски вчера објави дека државата ќе треба да плати дополнителни 11 милиони евра за ангажирање на најмалку пет специјалисти за надзор за период од пет години.

- Со мене го носам еден од најсомнителните делови на договорот каде што вели дека изведувачот има право да ангажира специјалист или специјалисти во множина чии што број ќе биде договорен помеѓу изведувачот и Владата, коi што ќе имаат четири насоки на работа, создавање на спецификации за автопатите, создавање на студии за влијание врз животната средина, понатаму студии за влијание врз заштитеното богатство од УНЕСКО во Охридскиот регион, како и разгледување на спецификациите на автопатите. Oва се најмалку четири спецификации што значи дека најмалку пет вакви лица би имало ангажирано. Иако бројот е недефиниран, што значи дека може да се и 15 и 20 и 50 лица. Месечната плата ќе биде ни помалку, ни повеќе 36.500 евра, рече Николоски на гостувањето во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија.

Откако на Антикорупциската комисија и беше доставен Договорот, што оваа институција го побара како дел од документацијата за предметот што го отвори по објавите за изборот на надзорот за проектот, вчера претседателката на Антикорупциската Билјана Ивановска објави дека договорот што им е доставен не е целосен и оти недостигаат прилозите. Договорот што им е доставен, како што информираше, има околу 200 страници.

- Ако дојдеме до заклучок дека во тие прилози покрај некои менаџерски специфичности што се однесуваат за фирмата, постои нешто друго, ќе ги побараме и нив, рече Ивановска во телевизиско гостување.

Најавува дека посебно внимание ќе посветат на оние делови од договорот со „Бехтел и Енка“ кои создаваат финансиски обврски за државата.

- Посебно внимание ќе посветиме на оние членови кои создаваат финансиски обврски на нашата држава, бидејќи тоа е она што ги засега граѓаните, што ќе добиеме ние од тој договор, изјави Ивановска.

Пакетот законски измени за кои треба да се гласа во Собранието се однесуваат на предложените измени и дополнувања на Законот за работни односи, на Законот за експропријација, на Законот за градење и на Законот за урбанистичко планирање, како и измените на Законот за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола), по скратена постапка.

Преку беби монитор „ја уловил“ сопругата, па се шокирал кога видел со кого е во кревет (ВИДЕО)

Деклан Фулер, 22-годишен Велшанец, тврди дека на „бејби мониторот“ ја фатил сопругата во интимна врска со татко му, по што решил да се разведе.

Деклан бил во брак со Стефани (22) со која ја има двегодишната ќерка Вилоу. Минатиот септември парот му дозволил на таткото на Деклан, Дарен (44) да се пресели во нивниот дом во Велика Британија, каде што се случила наводната афера.

Овој Велшанец тврди дека бил на работа денот кога сопругата го изневерила и решил да го провери „бејби мониторот“ на својата ќерка на мобилниот телефон. На видеото видел како Стефани оди во спалната соба со својот свекор за да се препушти на попладневната забава.

- Болно е, не е нормално - како можеше татко ми да ми го направи ова?, праша вознемирениот Деклан.

Вели дека тоа целосно го откачило и дека едвај го задржал бесот.

- Да не се вразумев, не знам што ќе му направев на татко ми - рече тој.

Кога се соочија со инкриминирачки докази, Стефани и Дарен негираа дека направиле нешто погрешно. Наместо тоа, тие тврделе дека едноставно биле во спалната соба за заедно да ги гледаат Симпсонови.

Деклан не поверувал во тоа објаснување и веднаш раскинал со сопругата, а таа веднаш започнала романса со бившиот свекор.

- Не го изневерив Деклан. Дарен и јас почнавме врска една недела откако Деклан ме отфрли, тврди Стефани.

Во неверојатен пресврт, Стефани сега е бремена со близнаци, чиј татко е нејзиниот поранешен свекор.

- Жал ми е за тие деца; тие доаѓаат во многу скршено семејство, рече Деклан, додавајќи дека неговата ќерка ќе биде и полусестра и братучетка на близнаците што наскоро ќе се родат.

И покрај неговото скршено срце, Деклан вели дека успева да ги игнорира семејните расправии.

- Се чувствувам изневерено, но подобро ми е без нив двајца, рече тој.

МААЕ предупредува: Украинската нуклеарка Запорожје три месеци е без резервно напојување

Украинската нуклеарна централа Запорожје три месеци е без надворешно резервно напојување, поради што е исклучително ранлива, предупреди шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси.

Постројката се потпира на еден преостанат оперативен далновод од 750 киловолти (kV) за надворешна електрична енергија потребна за ладење на реакторот и другите основни нуклеарни и безбедносни функции, соопшти МААЕ. Пред конфликтот, електраната имаше на располагање четири такви далноводи. Општата ситуација на електраната останува многу неизвесна и потенцијално опасна, рече Гроси.

Кревката ситуација со електрична енергија на централата останува извор на длабока загриженост и, како што покажуваат новоформираните принципи на МААЕ, има потреба од зголемени напори за да се обезбеди постабилно и попредвидливо надворешно снабдување со електрична енергија, додаде шефот на МААЕ. Електраната со шест реактори беше окупирана од руските сили во март минатата година.

Се шират гласини дека бракот на Натали Портман е во криза- сопругот ја измамил со 25 годишна

Натали Портман и нејзиниот сопруг, француски балетан Бенџамин Милепид наводно се во брачна криза откако се дознало дека ја изневерил со 25-годишна Французинка, изјавија извори за Page Six.

Изворот тврди дека парот минатата година одлучил да живее одвоено, но дека се уште се трудат да го спасат бракот, а на крајот на мај биле снимени како уживаат на концертот на Бијонсе.

Нивниот брак наводно е на работ на колапс откако францускиот магазин Voici објави фотографии од 45-годишниот поранешен балетан како се дружи со 25-годишната активистка за клима, Камил Етјен, пријателка на Грета Тунберг.

"Тие не раскинаа и се обидуваат да ги средат работите. Бен прави сѐ за да ја натера Натали да му прости. Тој ги сака неа и нивното семејство", тврди изворот, додавајќи дека актерката е позната по тоа што ја чува приватноста и дека сега најважно и е да ги заштити своите деца.

Американските медиуми пишуваат дека проблемите во бракот биле јавна тајна за време на снимањето на нејзиниот нов филм, кој се снимаше во ноември минатата година, а на промоцијата на филмот во Кан дошла без сопругот.

Да потсетиме дека Портман и Милепид се запознаа во 2009 година на снимањето на филмот Black Swan, за кој тој ја направи кореографијата. Тие се венчаа во 2012 година и имаат две деца, 12-годишниот син Алеф и 6-годишната ќерка Амалија.

притисни ентер