Рама: Австријци во Корча ќе го градат првиот ски-центар во Албанија

Албанскиот премиер Еди Рама најави изградба на првиот ски-центар во земјата, додавајќи дека тоа ќе биде во Корча, а инвеститорот ќе биде од Австрија.

- Наскоро со Божја помош, никогаш не се знае што ќе се случи следниот ден во овој живот, ќе започнеме со изградба на првиот ски-центар кој ќе биде во областа на Корча. Станува збор за фантастичен проект од група многу сериозни инвеститори од Австрија, рече Рама.

Според него, и архитектите се Австријци, автори на најпознатите одморалишта во Австрија и Швајцарија.

-Ова ќе биде првиот ски-центар. Владината намера е Албанија да ја претвори во туристичка дестинација и за зимската, а не само летната сезона, посочи Рама во поткастот „Зборуваме".

Додаде дека, како резултат на визијата на владата и вложувањата, неговата земја станала барана дестинација, која во изминатите осум месеци од годинава ја посетиле над 8,5 милиони туристи. /МИА

Цветиновата декларацијата за мир потпишана од над 2 000 граѓани

Декларација ја подготвија членовите на Цветиновиот комитет за мир, како иницијатива на македонскиот уметник и мироносец Живко Поповски – Цветин, претставена на 6 август годинава.

Повеќе од 2.000 граѓани – академици, просветни работници, здравствени работници, средношколци, студенти, универзитетски професори, поети, министри, дипломати, музичари, актери, бизнисмени, новинари ја потпишаа Декларацијата за мир во светот и против сите војни и употреба на нуклеарно оружје.

Декларација ја подготвија членовите на Цветиновиот комитет за мир, како иницијатива на македонскиот уметник и мироносец Живко Поповски – Цветин, претставена на 6 август годинава.

-Со оваа Декларација настојуваме да му дадеме глас на мирот, на просперитетот, на иднината. Затоа, на документот се потпишуваат многу граѓани од разни професии, а меѓу нив се и Жан Пјер Симеоне, годинешен добитник на Златен венец на Струшките вечери на поезијата и поетесата Хилда Миклебуст од Норвешка. Навистина сум среќен што Декларацијата добива широка поддршка од граѓаните и се надевам и посакувам да биде прифатена од носителите на одлуки во светот, вели Живко Поповски – Цветин, стои во соопштението од Цветиновиот комитет за мир.

Декларацијата против сите војни и против нуклеарното оружје е подготвена по повод одбележувањена 79-годишнината од употребата на нуклеарното оружје во јапонските градови Хирошима и Нагасаки во Втората светска војна и во неа се бара завојуваните држави да прекинат со војните, да постигнат мир преку преговори, државите да не употребуваат нуклеарно оружје, да ги уништат сите боеви нуклеарни глави и да нефинансираат развој на нуклеарна програма за воени цели, а научниците да не учествуваат во програмите со разорна моќ.

Менде Трајковски: Ќе се брендираат Мариовски, Пелистерски и Струмички мед

Според Трајковски, брендирањето е важно за потрошувачите да знаат од каде е медот.

- При крај сме со постапката за брендирање и заштита на нашиот Мариовски мед за кој јасно ќе биде посочено географското потекло, а брендирање е најавено за струмичкиот и пелистерскиот мед, истакна Менде Трајковски, претседател на Сојузот на пчеларски здруженија на Македонија.

Според Трајковски, брендирањето е важно за потрошувачите да знаат од каде е медот.

-Сојузот на пчеларски здруженија на Македонија е членка на европскиот Сојуз на пчеларите и претставува дел од вкупно 400.000 пчелари во Европа кои во моментов водат кампања за зајакната инспекциска контрола и отстранување на неквалитетниот мед од пазарите низ Европа. Потрошувачите треба да бидат заштитени од неквалитетен мед кој се продава во продавници и затоа апелираме и бараме заштита, посочи Трајковски на традиционалната манифестација „Денови на македонското пчеларство“ што се одржува во Битола.

Годинава на плоштадот „Магнолија“ со свои штандови на изложбата учествуваат колеги пчелари од Тетово, Гостивар, Кочани, Прилеп, Велес и други македонски градови кои се дел од иницијативата преку европскиот пчеларски сојуз да добијат европски субвенции за секое пчелно семејство заради како што велат, придонесот на пчелите што го прават со опрашување на растенијата.

Средба Зеленски - папа Франциск

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски денеска во Ватикан се сретна со поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск.

Нивната претходна средба беше на маргините на Самитот на Г7, што се одржа летово во јужна Италија.

Зеленски синоќа во Рим се сретна премиерката на Италија, Џорџа Мелони, а по средбата со папата Франциск ќе отпатува за Берлин каде се предвидени средби со германскиот канцелар Олаф Шолц и со претседателот Франк-Валтер Штајнмајер.

Украинските власти во март се налутија на папата Франциск откако тој предложи тие да имаат храброст на „бело знаме“ и да преговараат за крај на војната со Русија. Тогаш Зеленски ги отфрли изјавите на папата како „виртуелно посредување“ од далечина.

Папата Франциск тогаш исто така, ги критикуваше плановите на украинските пратеници да ги забранат активностите на огранокот на православната црква поврзан со Русија. Украина тврди дека огранокот шири проруска пропаганда и пружа засолниште на шпионите. /MИА

притисни ентер