Ребалансот на Буџетот неделава во фокусот на пратеничката дебата

Утре започнува тридневната расправа за ребалансот на Буџетот за 2024 година, во рамки на 12. седница на Собранието. 

Дополнетиот предлог за изменување и дополнување на Буџетот за 2024 година, во второ читање, е седма точка од дневниот ред на седницата.

Согласно Деловникот на Собранието, претресот по предлогот за изменување и дополнување на Буџетот, односно по дополнетиот предлог за изменување и дополнување на Буџетот на седница на Собрание трае најмногу три дена. Пратеникот во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на Владата може да говори повеќе пати, но не повеќе од 30 минути вкупно.

Ребалансот ги помина општиот претрес и амандманската расправа во Комисијата за финансирање и Буџет мво која беа усвоени два амандмани, по што Владата завчера, на 6 август, го донесе и дополнетиот ребаланс на Буџетот со кој, како што соопшти, се обезбедуваат плус средства - за плати и за набавка на опрема за повеќе институции.

Со подготвениот и надограден ребаланс се проектираат средства за целосно сервисирање на сите права и доспеани обврски до крајот на годината - за пензионерите, за вработените во администрацијата, за бизнисот, здравството,... Обезбедени се средства за исплата и зголемување на платите во јавната администрација согласно сите потпишани колективни договори, објасни неодамна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

-Се обезедија надополнувања во Државната изборна комисија, Комисијата за заштита на конкуренцијата, Агенцијата за заштита на лични податоци, Оперативно-техничката агенција, Инспекцискиот совет, министерствата за внатрешни работи, за образование и за транспорт и врски, Царинската управа, судската власт, Јавното обвинителство, Советот на јавни обвинители, Народниот правобранител,... Во Државната изборна комисија се дополни износ од 350 милиони денари, во Инспекциски совет 147 илјади денари за набавка на опрема, во МВР 60 000 000 денари за набавка на материјали за лични документи, 87,2 милиони за дореализација на Проект Брана Отиња и дополнителни 20 милиони денари за надомест за одземен имот за Проектот Брана Отиња (експропријација), кај Македонската академија на науките и уметностите 18,7 милиони денари за научно истражувачки проекти и 3,3 милиони за набавка на опрема, како и 138 000 денари за дореализација за набавка на опрема кај Народниот правобранител, информира Димитриеска-Кочоска.

Со ребалансот се обезбедени 5,1 милијарда денари дополнително за исплата на пензии 800 милиони денари за корисниците на правото на гарантирана минимална помош, 1,7 милијарди денари за здравствена заштита, една милијарда денари за ТИРЗ, 1,7 милијарди денари за субвенции и трансфери за директна финансиска поддршка во земјоделскиот сектор дополнителни, за студентски оброк дополнителни 437 милиони денари, како и 207 милиони денари за исплата на стипендии, а издвоени се и шест милијарди денари за проекти во општините.

На утрешната собраниска седница има вкупно 34 точки. Пред пратениците се и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2024 година, по скратена постапка, како и Предлог-завршната сметка на Буџетот на Република Северна Македонија за 2023 година.Треба да бидат разгледани и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, Предлог-законот за изменување на Законот за заштита од јонизирачко зрачење и радијациона сигурност, Предлог-законот за изменување на Законот за биомедицинско потпомогнато оплодување, Предлог-законот за изменување на законот за прекинување на бременоста, Предлог-законот за изменување на Законот за евиденциите во областа на здравството, Предлог-законот за изменување на Законот за забрана на развивање, производство, складирање и употреба на хемиски оружја, Предлог-законот за изменување на Законот за безбедност во снабдувањето со крв, Предлог-законот за изменување на Законот за ментално здравје, Предлог-законот за изменување на законот за континуирано стручно усовршување на докторите на медицина, Предлог-законот за изменување на Законот за доброволно здравствено осигурување, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва, Предлог-законот за изменување на законот за управување со дополнителни текови на отпад, Предлог-законот за огласување ништовност и поништување на правни акти, дејствија, мерки и правни последици од постапките за лустрација, како и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за oдликувања и признанија на Република Македонија, сите во прво читање.

Меѓудругите, на дневен ред е и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, по скратена постапка, за којшто пратениците од Левица најавија дека ќе бараат да биде повлечен и јавна расправа, а реагираше и О2 Иницијативата.

На дневен ред на 12. седница се и повеќе предлог измени и дополнувања на законите од областа на културата, сообраќајот, шумите, ловството, спортот,..., кои треба да се донесат по скратена постапка, како и Предлог-просторниот план на Национален парк Пелистер 2016-2030.

Собранието треба да ги разгледа и предлог-законите за прогласување на Kањонот Матка и на Охридско Езеро за споменици на природат, како и на Студенчишко Блато за Парк на природата.

Радев: Нема провокација, сите почести Сиљановска ќе ги добие кога ќе дојде во официјална посета

Посетата на македонската претседателка Сиљановска Давкова во Софија била неформална и затоа не било истакнато македонското знаме за време на средбите и на официјалните фортографии.

Посетата на македонската претседателка Сиљановска Давкова во Софија била неформална и затоа не било истакнато македонското знаме за време на средбите и на официјалните фортографии. Ова во изјава за бугарските медиуми го истакна бугарскиот претседател Румен Радев, кој наводите за провокација од бугарска страна ги нарече шпекулации, додавајќи дека официјално Скопје премногу се фокусирало врз формата, а не врз содржината на средбата. Истата ја оцени како контруктивна и во пријателски дух, посочувајќи дека Македонија немала проблем со Бугарија, туку со исполнувањето на условите од преговарачката рамка.

„Нема место за шпекулации со никакви провокации, средбата беше многу конструктивна. Реализиравме еден многу искрен и конструктивен разговор во пријатна атмосфера, назависно од тоа што средбата имаше целосно неформален карактер. Очекувам овој деклариран стремеж за отвореност и конструктивност да биде прифатен и од владата на Македонија, но да биде јасно дека тоа не беше ниту државна, ниту работна посета и јас се надевам дека во многу скоро време претседателката на Македонија ќе дојде и во државна посета на која со сите официјални церемонии по протокол, ќе допринесе за понатамошно развивање на нашите односи“, – Румен Радев, претседател на Бугарија.

Преходно во гостување на бугарската национална телевизија и советникот на Радев, Димитар Стојанов малку зајадливо го бранеше случајот со неистакнувањето на македонското знаме.

„Тоа не е, пак ќе кажам, ниту официјална, ниту државна, ниту работна посета. Дали ако некој државник од соседна држава дојде да пие кафе во Бугарија ние треба да ставиме знамиња во кафулето? Се разбира дека не“, – Димитар Стојанов, Советник во кабинетот на бугарскиот претседател.

Во меѓувреме пак по кадровската промена во македонскиот тим од Мешовитата историска комисија со Бугарија неизвесно е одржувањето на следната средба помеѓу историчарите од двете земји, која беше предвидена за 18-ти или 19-ти месецов. Неофицијално, според извори од Комисијата средбата нема да се одржи во наредните денови, поради тоа што се уште не е официјализиран новоизбраниот состав од македонска страна, иако тој беше утврден на затворена владина седница минатата недела. За кога ќе биде пролонгирана следната средба на Мешовитата македонско-бугарска историска комисија, од македонскит тим не презиираат, но најверојатно тоа ќе се случи во текот на наредната или понаредната седмица.

Перински во Врање: Нови 5,4 мил. евра за проекти за прекугранична соработка-Србија и Македонија

Министерот за локална самоуправа на Македонија, Златко Перински, рече дека новата програма поддржува иницијативи кои поттикнуваат размена и меѓукултурна соработка.

Европската унија е целосно посветена на членството на Србија и Македонија во Унијата и затоа поддржува проекти за прекугранична соработка, беше речено денеска во Врање на презентацијата на првиот повик за предлози за проекти за прекугранична соработка, во вредност од 5,4 милиони евра во рамките на Инструментот за претпристапна помош (ИПА III), на која присуствуваа министерот за локална самоуправа на Македонија, Златко Перински, српската министерката за евроинтеграции, Тања Мишчевиќ, градоначалникот на Врање, Слободан Миленковиќ и шефот на делегацијата на Европската унија во Србија, Емануел Жиофре, јави дописникот на МИА од Белград.

-Повикот во рамки на Инструментот за претпристапна помош (ИПА III) беше отворен на 5 септември, а сите потенцијални корисници имаат рок до 22 октомври да достават предлози кои преку овој проект ќе бидат кофинансирани од ЕУ со 5,4 милиони евра, соопштија од српското Министерството за евроинтеграции.

Министерот за локална самоуправа на Македонија, Златко Перински, рече дека новата програма поддржува иницијативи кои поттикнуваат размена и меѓукултурна соработка.

-Програмата нуди можност за соработка во туристичкиот сектор на помалку развиените подрачја со оние подрачја кои се поразвиени, изјави Перински, се наведува во соопштението.

Министерот Перински изјави дека ИПА III изнесува 8,4 милиони евра, но дека на овој повик за проекти ќе бидат достапни 5,4 милиони евра.

-Тие пари ќе бидат поделени на два тематски приоритети - вработување и прекугранична социјална инклузија со 2,9 милиони евра, односно поттикнување на туризмот со 2,43 милиони евра, појасни Перински.

Српската министерката за евроинтеграции Тања Мишчевиќ рече дека од 2001 година, ЕУ има дадено повеќе од четири милијарди евра грантови за Србија и за Западен Балкан.

-Ваквите проекти за прекугранична соработка имаат за цел да ги промовираат добрососедските односи и да работат на нивно подобрување, имаат за цел да ја промовираат европската интеграција, но најважна цел е да се подобри социјалниот и економскиот развој на терен, каде што тоа најдобро се гледа, рече Мишчевиќ.

Шефот на Делегацијата на ЕУ во Србија, Емануеле Жиофре, рече дека вредностите на ЕУ се демократија, мир, слобода, посветеност на соработката, дијалог, просперитет и правда.

-Унијата е посветена на членството на Србија и Македонија во ЕУ и сакаме да ја зајакнеме нивната прекугранична соработка, како начин за исполнување на заедничките цели за доброто на сите граѓани и со тоа зајакнување на патот кон просперитет и мир, рече Жиофре.

Градоначалникот на Врање, Слободан Миленковиќ, рече дека Врање има намера да аплицира со проекти од областа на туризмот на проектите за прекугранична соработка со Македонија.

Мишчевиќ, Перински и Жиофре ќе посетат и три проекти во Врање кои беа реализирани во рамките на програмата за прекугранична соработка Србија - Македонија и Бугарија - Србија.

Меѓу нив е и посетата на Јавното комунално претпријатие Комрад во чии рамки се реализираше проектот „Подобрување и заштита на здравјето на луѓето и животната средина преку намалување на ризикот од загадување преку ефикасно управување со отпадот“. Проектот опфати соработка со четири јавни комунални претпријатија, меѓу кои Комрад од Врање и три различни општини во Северна Македонија, а опфати мапирање и чистење на диви депонии, уредување на зелени површини и обука на околу 1.400 лица.

Министрите на Србија и Македонија ќе го посетат Јавното претпријатие Водовод Врање, кое е вклучено во реализацијата на проектот „Зајакнување на меѓународните односи меѓу Република Македонија и Република Србија со заедничка цел за подобрување на животната средина“.

Почнува театарскиот Фестивал за деца и младинци „Малиот принц“ во Штип

 На сцената на Центарот за култура „Ацо Шопов“-Штип вечерва во 19 часот почнува 12. издание на Фестивалот за деца и младинци „Малиот принц“.

Директорката на Центарот за култура „Ацо Шопов“-Штип, Кристина Атанасова Арсова на денешната прес-конференција истакна најмладата публика вечерва на отварањето на Фестивалот „Малиот принц“ ќе ја проследат претставата „Книголандија“, во изведба на ансамблот на Народниот театар Штип (НТШ).

-Во вторник во 12 и во 13.30 часот за нашите најмали првачиња од основните училишта решивме да и направиме едно изненадување, да им покажеме дека театарот е нивни пријател, не треба да го заборават, туку почесто да го посетуваат. Затоа што во театарот навистина има интересни игри и едукација, покрај образовниот систем. Затоа за нив утре ќе организираме „Театар на сенки“, според сликовницата „Касни порасни“ на Петре М.Андреевски, а всушност оваа претстава ни доаѓа од Детски креативен центар МКЦ. Исто така нашите актерки од НТШ ќе спроведат една работилница „Изработување на маски“, со цел децата да научат како ние ги изработуваме театарските маски, вели Атанасова Арсова.

На Фестивалот за деца и млади „Малиот принц“ најмладата публика ќе може да проследи вкупно пет тетарски претстави, гостуваат театри од Куманово, Битола, Скопје и од соседна Бугарија. Фестивалот се затвара на 19 септември со претствата „Приказни по телефон“ во изведба на актерите од Здружение за уметности и култура „Водолеј“ - Р. Бугарија. Сите претстави почнуваат во 19 часот, а цената на билетите е 100 денари.

притисни ентер