Ретка вселенска снимка од месечината Амалтеја крај Јупитер

 Сондата „Џуно“ на американската Национална воздухопловно-вселенска администрација - НАСА го сними Јупитер за време на 59-то блиско минување покрај џиновската планета. 

На една слика од Големата Црвена Дамка, неочекувано, се гледа и малата месечина Амалтеја...

Телото е со пречник од само 84 километри, и на снимката се наоѓа веднаш до Црвената Дамка.

Амалтеја, инаку, е еден од најтоплите објекти во Сончевиот Систем и досегашните набљудувања покажуваат дека испушта повеќе топлина отколку што прима од Сонцето. Ова можеби се должи на моќното магнетно поле на Јупитер, поради што набојот на електрични струи во јадрото на оваа месечина е поголем.

Откритието од фотографиите е на независниот научник Џералд Ајхштат, кој користел необработени податоци од камерата „Џунокам“ на сондата.

Леталото „Џуно“ кружи околу Јупитер веќе седум години. Леталото го проучува потеклото и развојот на таа планета со набљудување на нејзиното јадро, мапирање на магнетното поле, мерење на нивото на вода, на амонијакот во атмосферата итн. Меѓу откритијата е и тоа дека на планетата има слоеви вода под облаците и ветровите. „Џуно“ ги проучува и природните сателити и прстените на Јупитер.

Мисијата се очекува да трае уште една година, додека не изгори кога ќе се приближи премногу до атмосферата на големата гасовита планета.

До крајот на неделава жолто и портокалово ниво за опасност од високи температури

 Од утре до недела, како што соопштија од УХМР, земјава ќе биде под влијание на стабилна и многу топла воздушна маса од југ, која ќе предизвика сончево и натпросечно топло време за овој период од годината.

Дневните температури насекаде ќе бидат над 30, а наместа ќе достигнуваат 40 степени.

- Според прогнозираните и пресметаните гранични вредности на екстремни температури од УХМР, на територијата на нашата земја утре ќе биде активно жолто, а во Скопската и Полошката котлина портокалово ниво за опасност од високи температури. Поради натамошен пораст на температурите од четврток насекаде ќе биде активно портокалово ниво, се додава во соопштението од УХМР.

Русија ги започнува воените маневри во Тихиот Океан

Русија започна со поморски маневри во Тихиот Океан, вклучувајќи вежби за борби против подморници и противвоздушни удари, соопшти руското Министерство за одбрана.

Во вежбите учествуваат околу 40 пловни објекти и околу 20 хеликоптери и авиони. Маневрите „ќе продолжат до 28 јуни во водите на Тихиот Океан, Јапонското Море и Охотското Море“, се наведува во соопштението на министерството.

Во различни фази, морнарите ќе изведуваат ракетни напади врз бродски групи на конвенционален непријател, како и ќе одбиваат напади со беспилотни летала и чамци без екипаж, нагласува Министерството. /МИА

Герасимовски: Учениците до 10 години може да бидат згрижени во градинките и за летниот распуст

Општина Центар известува дека учениците до 10 години ќе може да бидат згрижени во градинките за време на летниот распуст до исполнување на капацитетите. 

Денеска Општина Центар потпиша Меморандум за соработка со основните училишта и градинките за меѓусебна поддршка и соработка на проекти и работилници во областа на образованието.

„Преку оваа соработка сакаме да им излеземе во пресрет на сите родители кои поради работните обврски имаат потреба од згрижување на нивните деца до 10 годишна возраст. За таа потреба ги отвораме градинките и за школските деца каде со наставнички од основните училишта ќе имаат едукативни работилници и други активности за време на летниот распуст. Слободните места за упис на дечињата секако зависи од капацитетите на детската градинка“, потенцираше Герасимовски.

Општина Центар информира дека ученици до 10 години ќе може да бидат згрижени во 5 објекти, а за сите дополнителни информации и критериуми родителите може да се информираат во градинките.

Со почит,

Општина Центар

притисни ентер