Романија воведува „притвор“ за непримерните ученици

Концептот „Просторија за притвор“, веќе познат во образовниот систем на САД, официјално се воведува во романските училишта.

Според соопштението на Министерството за образование на Романија, секое училиште ќе организира простор за надзор и правила за учениците кои со своето однесување пречат во наставата.

„Наставниците можат, за време на часот, ако одлучат, да ги испратат учениците кои го нарушуваат часот - во друга просторија во училиштето. Во такви случаи, следново е задолжително: Ученикот мора да биде под надзор на друг наставник или лице од помошниот персонал, а родителот мора да биде известен за тоа. Наставникот може да ја донесе оваа одлука само за своето одделение. Секое училиште во својата регулатива ќе го вклучи точниот начин на спроведување на оваа одредба, врз основа на расположливите ресурси“, се наведува во официјалното соопштение на Министерството.

Промената доаѓа со новиот Статут и Правилник за организација и функционирање на единиците за предуниверзитетско образование. Овие два документа ќе стапат во сила почнувајќи од учебната 2024 - 2025 година.

Студентските здруженија претходно протестираа поради воведувањето „притвор“ како казна, тврдејќи дека „со тоа им се нарушува правото на студентите на образование“. Според нив, исто така, на повеќето училишта им недостигаат училници и простор за спроведување на новите мерки.

Демаршот на бугарскиот амбасадор ќе биде врачен од директорот на Директоратот за регионот

Демаршот на бугарскиот амбасадор ќе биде врачен од директорот на Директоратот одговорен за регионот, а не од министерот Муцунски

Протестната нота на бугарскиот амбасадор во земјава Желјаско Радуков, заради фотографирањето пред бугарското знаме на претседателите Румен Радев и Гордана Сиљановска на средбата завчера во Софија, ќе му биде врачена денеска од директорот на Директоратот одговорен за регионот, а не од министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, велат извори од МНР.

Според истите извори, за овој настан не било реагирано директно на средбата во Софија, бидејќи, велат, постојат протоколи за да се реагира за овој тип на ситуација.

Велат дека пред самата средба на шефовите на државите бил јасно утврден протоколот и прашањето на коешто МНР ќе побара одговор е зошто бугарската страна отстапила од претходно утврдениот протокол.

Извори од МНР велат дека сепак е конструктивно што е остварена средба меѓу претседателите на Северна Македонија и на Бугарија. Дополнуваат и дека на работниот ручек не било отворено прашањето за предлогот на државава за уставни измени со одложено дејство. Велат дека за тоа ќе се разговара откако во Бугарија ќе се избере политичка влада.

Претходно, денеска и премиерот Христијан Мицкоски рече дека ќе му биде врачена протестна нота на бугарскиот амбасадор во земјава, повторувајќи дека како држава сме секогаш подготвени на добрососедските односи да возвратиме со добрина, но кога ќе видиме дека се поминати црвените линии ,тогаш ќе мораме да интервенираме.

- Во минатото кога се понижуваше и распродаваше македонското достоинство, тогаш се молчеше, се виткаше кичмата и се согласуваа со тие што не понижуваа и газеа. Сега се решаваат работите на овој начин, дипломатски, се испраќаат протесни ноти и нема повеќе да имаме меѓународна политика ниту дипломатска со свиткана кичма. Тогаш кога ќе се помине рубиконот, кога ќе се помине црвената линија, тогаш треба и да се реагира. Затоа што вие ако не реагирате, тој исклучок потоа ќе стане пракса, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања пред средбата со претставници на АХК Северна Македонија, дел од мрежата на германските комори во странство и Македонско-Германското стопанско здружение.

Како што посочи, македонската делегација за непоставувањето на државното знаме не реагирала веднаш во знак на почит на двајцата пилоти, кои истиот ден го загубија животот во авионска несреќа.

Од Кабинетот на претседателката Сиљановска - Давкова во саботата најавија дека ќе побараат објаснување за фотографијата пред бугарското знаме направена во Кабинетот на претседателот на Бугарија иако, како што нагласија оттаму, ваков потег и чин не бил предвиден, ниту договорен.

- Она што фрли сенка на настанот е отстапувањето од договорениот протокол за средбата, според кој, не требаше да има фотографии во рамките на затворениот простор. Но, за жал, пред почетокот на тет-а-тет средбата, претседателот Радев ја покани претседателката да направат заедничка фотографија пред бугарското знаме, иако ваков потег и чин не беше предвиден, ниту договорен. Сакаме да веруваме дека се работи за протоколарен превид, а не за намерна постапка и отстапка од договореното и веќе утре ќе побараме објаснување од бугарска страна, наведоа од Кабинетот на претседателката Сиљановска Давкова.

Опозициската СДСМ и вчера реагираше за посетата на Софија, обвинувајќи дека претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и ВМРО-ДПМНЕ ја загрозиле македонската самобитност и македонски идентитет. ВМРО-ДПМНЕ, пак, во реакција на прес-конференцијата на СДСМ наведе дека „не се потребни лекции од партија која кога беше на власт ја воведе државата во безброј дипломатски кризи и меѓународни понижувања.“

Средбата на Радев и Сиљановска Давкова беше дел од активостите на македонската претседателка при посетата на Софија по повод присуство на настапот на македонската опера во Софија со „Набуко“, како чекор од културната дипломатија. Во македонската делегација беа и министрите за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски и за култура Зоран Љутков.

Новоименуваниот амбасадор на Бугарија Желјаско Радуков и ги предаде акредитивните писма на претседателката Сиљановска Давкова на 10 септември, заменувајќи го досегашниот амбасадор Ангел Ангелов.

Абази: Да се истражат тендерите кои ги добила фирмата „Ритрон копи“ од Куманово

Да се истражи дали тендерите кои ги добила фирмата „Ритрон копи“ од Куманово се последица на политичко влијание.

Фирмата „Ритрон копи“ ДООЕЛ, увоз-извоз од Куманово, чиј сопственик е внук на пратеникот на т.н. Европски фронт Елми Азири, во период од само една година, од државни институции наплатила вкупен износ од 7 милиони денари. Речиси во сите државни институции во тој период, раководители се кадри на Артан Груби и ДУИ. Сега стана јасно зошто пратеникот Елми Азири беше еден од најгласните поддржувачи на коалицијата на Зијадин Села со Али Ахмети, соопшти на денешната прес-конференција Бујаре Абази од Коалицијата „Вреди“.

Абази ги повика Антикорупциската комисија, Управата за финансиска полиција и Јавното обвинителство да проверат дали пратеникот Елми Азири во анкетниот лист пријавил дека фирмата на внукот на неговата сопруга е потенцијална околност за конфликт на интереси.

- Дали пратеникот Елми Азири во периодот од јуни 2021 до октомври 2022 или потоа го зголемил својот или имотот на неговата сопруга? Да истражат дали тендерите кои ги добила фирмата РИТРОН КОПИ ДООЕЛ, увоз-извоз од Куманово се последица на политичко влијание остварено од пратеникот Елми Азири? Очекуваме институциите да делуваат во разумен рок и им се ставаме на целосно располагање за дополнителни информации кои сметаат дека ќе им помогнат во ефикасно расчистување на ова досие, нагласи Абази.

Таа најави дека ќе продолжат понатаму со објавување на, како што рече, основани сомневања за политичка корупција во режија на кадрите на Али Ахмети и Зијадин Села.

Макрон го предложи Сежурне за еврокомесар во идниот состав на ЕК

Претседателот на Франција, Емануел Макрон денеска го номинира министерот за надворешни работи во заминување Стефан Сежурне за еврокомесар.

Сежурне е близок политички соработник на Макрон.

Претходно досегашниот еврокомесар за внатрешен пазар Тиери Бретон, кој беше именуван за втор мандат во Европска комисија поднесе оставка.

Тој на Икс го објави писмото за оставката упатено до претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, во кое наведува дека оставката веднаш стапува во сила.

Бретон истакнува дека Лајен „од лични причини“ пред неколку дена побарала од Франција да ја повлече кандидатурата на Бретон за комесар, ветувајќи оти Париз ќе добие „наводно повлијателен портфељ“.

- Во светлината на овие најнови случувања, дополнителни докази за сомнително управување, морам да заклучам дека повеќе не можам да ги извршувам моите должности на Колеџот (на комесари). Затоа поднесувам оставка од функцијата еврокомесар, која ќе стапи во сила веднаш, истакна Бретон.

Лајен претходно побара од земјите-членки на ЕУ да номинираат и мажи и жени како кандидати за нејзиниот иден тим од 26 комесари, освен ако сегашниот комесар не остане на функцијата.

Бугарија е единствената земја која одговорила на тоа барање, поради што Лајен извршила притисок врз најмалку пет помали земји од ЕУ да ги заменат машките кандидати со жени за да се постигне целта за еднаква застапеност на половите во новата ЕК.

Лајен утре во Стразбур треба да ја претстави структурата на новата Комисија и распределбата на ресорите меѓу кандидатите за комесари.

притисни ентер