Новата генерација на сателити Starlink, кои обезбедуваат брз интернет низ целиот свет, повеќе им пречи на радиотелескопите од претходните генерации, велат тие, а пренесува Би-би-си.
Илјадници сателити ги „заслепуваат“ радио телескопите и би можеле да ги оневозможат астрономските истражувања, тврдат експерти од холандскиот институт за радио астрономија (ASTRON). SpaceX, компанијата на Маск и сопственик на сателитот Starlink, не одговориле на прашањата на британскиот јавен сервис за овие проблеми.
- Секогаш кога се лансираат повеќе од овие сателити, со вакво ниво на загаденост, сè помалку го гледаме небото. Се обидуваме да проучуваме работи како што се емисиите од црните дупки во центарот на галаксиите. Ги разгледуваме некои од најраните галаксии, кои се оддалечени милиони и милиони светлосни години, како и егзопланетите – изјави проф. Џесика Демпси, директор на ASTRON.
Научниците од институтот открија дека сигналите што ги испраќа втората генерација сателити се 32 пати посилни од сигналите од првата генерација.
- Количината на радијација ги надминува границите поставени од Меѓународната телекомуникациска унија - додаде проф. Демпси.
Според некои проценки, моментално има 6.402 сателити Starlink во орбитата на надморска височина од 342 километри.
Анализата е направена со помош на радио телескопот LOFAR во Холандија во јули, а дополнителен проблем, како што се вели, е тоа што секоја недела во орбитата се лансираат 40 сателити Starlink.
- Многу е јасно дека кога има нешто толку светло што ги компромитира главните радио телескопи и опсерватории, тогаш треба да направиме нешто и тоа да го направиме брзо - изјави Роберт Мејси, заменик извршен директор на Кралското астрономско друштво во Велика Британија.
Проф. Демпси вели дека малите активности како заштита на батеријата на сателитот би направиле голема разлика во намалувањето на загадувањето.
Студијата е објавена во научното списание Astronomy and Astrophysics.