Сателитскиот интернет „Starlink“ стана профитабилен

Нема официјални податоци, но според информациите на аналитичка компанија специјализирана за сателитската индустрија, „Starlink“ е во плус.

Поминаа речиси десет години откако „SpaceX“ ги објави своите планови да испрати бројни сателити во вселената кои ќе им овозможат на луѓето од секој дел на Земјата можност за брз и стабилен Интернет. На почетокот, поради сложеноста и големите предизвици на еден ваков проект, многумина беа прилично скептични за плановите на Маск, особено што во тоа време најголемата констелација на сателити беше сателитската мрежа Иридиум со само 66 сателити.

Но, екипажот од „SpaceX“ беше упорен во она што го зацртаа и во мај 2019 година ги лансираа првите сателити во вселената и продолжија постојано да испраќаат нови сателити во последните пет години. Според податоците на аналитичката компанија специјализирана за пазарот на сателити, „Quilty Space“, таков успех каков што постигна „SpaceX“ со „Starlink“ не го очекуваа ниту најоптимистите, па затоа повеќето луѓе во индустријата се вчудоневидени. Во моментов има околу 5.200 сателити „Starlink“ во ниската орбита на Земјата, кои обезбедуваат услуги во 57 земји во светот, додека бројот на корисници на сателити е околу 2,7 милиони.

Иако цената на сателитски интернет е многу повисока во споредба со класичната оптика и мобилниот интернет, сепак има места во светот, вклучувајќи ги и руралните области во развиените земји, каде што сè уште не е достапен брз интернет. Во такви области, „Starlink“ делува како идеален начин за пристап до Интернет.

„Starlink“ е дел од „SpaceX“ и оваа компанија не ги објавува своите финансиски резултати, така што можеме да се потпреме само на неофицијални податоци од аналитички компании. Според податоците кои ги објави „Quilty“, „Starlink“ веќе е профитабилен и годинава очекуваат профит од речиси 3,8 милијарди долари (пред даноци и амортизација). Според проекциите на експертите на оваа компанија, приходите би требало да изнесуваат 6,6 милијарди долари, што е сосема неверојатно за компанија која пред четири години немала речиси никакви приходи.

Покрај големиот раст на приходите, аналитичарите го фалат и начинот на кој „SpaceX“ управува со трошоците, што резултираше со профит. Имено, компанијата развива и произведува сопствени сателити, па соработката со добавувачите и трети страни во производството е сведена на минимум. Исто така, успеале да направат нешто што досегашните производители на сателити никогаш не успеале, односно веројатно немале ниту потреба од тоа, а тоа е воспоставување производна линија за производство на голем број сателити.

Трошоците за производство на еден таков сателит, верзијата 1.0, се околу 200 илјади долари, но оваа година компанијата веќе ја планира верзијата 3.0 на сателитот, која нуди подобрени можности, вклучувајќи поголема брзина на Интернет и можност за поврзување на мрежата без потреба од специјални терминали.

И покрај тоа што оваа вест е охрабрувачка за „SpaceX“, треба да се нагласи дека ниту конкуренцијата не спие, а иднината носи и конкурентни сателитски мрежи, што веројатно треба да се одрази на намалувањето на цените на сателитски пристап до интернет и соодветно на намалувањето на профитните маржи на „Starlink“. /МИА

Во Израел и ултраортодоксните Евреи ќе служат воен рок

Врховниот суд на Израел одлучи дека ултраортодоксните Евреи мора да служат во вооружените сили.

Таквата одлука може да доведе до пад на Владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху, која вклучува и партии кои ја претставуваат израелската ултраортодоксна заедница.

Според долгогодишниот договор, ултраортодоксните мажи беа ослободени од воена служба, која е задолжителна за повеќето мажи и жени во Израел. Овој исклучок долго време беше извор на гнев меѓу секуларните кругови во Израел. Поделбата, исто така, се продлабочи како напредуваше војната во Појасот Газа.

Детето Буда осуден поради сексуална злоупотреба на деца

Непалскиот духовен лидер, Рам Бахадур Бомјан, за кого следбениците веруваат дека е реинкарнација на Буда, осуден е за сексуално злоупотреба на деца.

Окружниот суд во градот Сарлахи следниот месец ќе изрече пресуда за 33-годишниот Бомјан.

Непалските власти во 2020 година издадоа налог за апсење на Детето Буда поради злоупотребување на малолетна девојка, која била монахиња во неговиот ашрам на подрачјето на Бара. Тој е уапсен по една година бегство.

Во 2010 година против Детето Буда се поднесени десетици пријави за напад бидејќи наводно ги тепал жртвите кои го попречувале во медитацијата. Во 2018 година една калуѓерка го обвини дека ја силувал во ашрамот кога била малолетна. Во 2019 година, полицијата изврши рација во неговиот ашрам додека го истражуваше исчезнувањето на четворица негови следбеници. Истрагата за овие случаи сè уште е во тек.

Детето Буда на 15-годишна возраст во 2005 година се повлече во џунглата за десет месеци да се посвети на молитвата. Неговите следбеници тврдеа дека тој во тој период ниту јадел, ниту пиел вода, а исто така и не спиел. Илјадници луѓе од целата земја и соседна Индија го посетуваа Бомјан во џунглата. Тој две години подоцна почна да проповеда и своите следбеници основаше мрежа на ашрами ширум Непал посветена на неговите учења.

Неговите следбеници тврдат дека Бомјан е реинкарнација на Сидарта Гаутама, кој е роден во Непал пред околу 2500 години, а подоцна станал познат како Буда, што на санскрит значи просветлен или разбуден.

Концерт „Глорија концерт за душа“ и „Вивалдијада 2024“ во рамките на Скопско лето

Во рамки на 45. издание на манифестацијата „Скопско лето“, вечерва ќе се одржи концертот „Глорија концерт за душа“ на женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска“  - Антонио Вивалди, како и проектот „Вивалдијада 2024“.

Во рамки на 45. издание на манифестацијата „Скопско лето“, вечерва ќе се одржи концертот „Глорија концерт за душа“ на женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска“ - Антонио Вивалди, како и проектот „Вивалдијада 2024“ на Уметничкиот центар „Полифонија“ во Музеј на македонската борба.

Како што најавија организаторите, на програмата се композиции од неколку фази од опусот на славниот Вивалди, меѓу кои концертите RV 299, 580 и 531, како и вокално иструменталниот мегахит Глорија (RV 589).

Концертот претставува соработка меѓу хорот Света Злата Мегленска, професори и ученици од ДМБУЦ „Илија Николовски Луј" и Уметничкиот центар „Полифонија“. Диригент е Летка Полизова.

Солистити се Надежда Рубен и Јасмина Димитровска - сопран, Милица Андоновска, Божана Гошева, Илија Јовчев, Мила Наумовска и Јана Јовиќ - виолина и Александар Ицковски и Магдалена Дрмач - виолончело.

Уметничкиот центар „Полифонија“ е основан во Скопје, во 2003 година од фаготистот Орце Ицковски и пијанистката Јанинка Невчева со цел промоција и поддршка на Македонските уметници вклучувајки иновации и претприемништво на сите нивоа на изведба, како и обука во областите на култура и уметност. Низ годините преку креативно ажурирани настани постигнати се значајни резултати во областа на уметничкото истражување, соодветна презентација, активно учество и размена на добри практики и платформа за презентација и менаџирање на домашни уметници и автори.

Женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска“ од Скопје е формиран во 1996 година при Македонската Православна Црква.

Основач, диригент и уметнички раководител на хорот е академскиот музичар Летка Димовска Полизова.

Хорот е составен од 22 женски вокали, кои повеќето се млади академски образовани музичари и студенти на Факултетот за музичка уметност во Скопје и од другите државни универзитети во државата.

Хорот во јавноста е познат како културен амбасадор и реализатор на низа значајни меѓународни и државни фестивали, натпревари, концерти, предавања и слични настани од областа на музичката култура.

притисни ентер