Седница на Работната група за уставни измени

Работната група формирана при Министерството за правда со задача за подготвување на Предлог иницијативата за потребата од измени на Уставот денеска ќе одржи седница.

Како што информира Министерството за правда при формирањето на групата, откако ќе бидат подготвени измените, предлогот ќе ги помине сите работни тела во рамки на Собранието, а паралелно со работата на групата ќе се одржуваат и стручни јавни расправи на кои експерти, партии, граѓански организации и други институции ќе може да ги кажат своите ставови. Превидено е официјален предлагач на уставните измени да биде Владата.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера порача дека Работната група за уставните измени има обврска да ги подготви измените на Преамбулата на Уставот согласно преговарачката рамка, додавајќи дека тоа е обврска, која е императив и нејзина основна работа.

- Се работи за промена на Преамбулата и внесување други делови од народи во неа, каде веќе има и други делови од народи, дополни Ковачевски, коментирајќи ги тврдењата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека „власта со уставните измени работи на создавање бинационална држава“.

Според Ковачевски, ваквите тврдења претставуваат шпекулација, замајување на јавноста, најнова лага и уште една небулоза во низата.

- Тоа е уште една од низата небулози и замајување на јавноста од страна на опозицијата. Истата таа опозиција зборуваше и дека во државата ќе има не знам колку милиони мигранти, дека државата ќе се кантонизира, дека со гласањето на францускиот предлог ќе сме станеле бугаризирани и асимилирани и дека ќе сме го изгубеле македонскиот јазик, но ништо од тоа не се случи. Ова е најновата во низата лаги. Се работи за шпекулација и за зборување нешто од немајкаде. Кога сите факти ќе ве побијат, не ви останува ништо друго освен измислување нови небулози кои ќе шират хистерија и страв кај народот, а нема да направат ништо добро, истакна Ковачевски.

Мицкоски во вторникот во Кавадарци изјави дека е „загрижен од информациите што ги добива“ дека Работната група не работи само на внесување на „минималното бугарско малцинство“ во Преамбулата на Уставот, туку и за целосно редефинирање на земјата како држава на два народа.

Во однос, пак, на изјавата на претседателот на бугарското Собрание, Росен Жељазков, дека за Бугарија е важен условот за уставни измени за вклучување на Бугарите во македонскиот Устав, премиерот Ковачевски изјави дека не ја слушнал, но дека промената на Преамбулата и внесувањето на деловите од бугарскиот народ, „3500 наши сограѓани кои се самоопределуваат како Бугари, е дел од преговарачката рамка во која обезбедивме заштитен македонски јазик и идентитет и со која ги почнавме преговорите“.

- Ова е една од обврските која нашето Собрание ќе ја направи и потоа ќе продолжиме со отворањето на поглавјата и кластерите, а земјава до 2030 година ќе стане дел од ЕУ. Тоа е целта што ќе ја оствариме сите заедно, подвлече Ковачевски.

Жељазков во интервју за БГНЕС изјави дека бугарскиот став останува непроменет дека земјава треба што поскоро да го започне и заврши преговарачкиот процес и да стане полноправна членка на ЕУ како резултат на сопствениот придонес и со исполнување на критериумите за членство, а не врз основа на политичка одлука.

Тој нагласи дека за Бугарија е важен условот „поставен од Европската комисија“ за уставни измени за вклучување Бугарите во македонскиот Устав.

- Ова е апсолутен предуслов за почеток на преговорите. Ова не е наше билатерално прашање, тоа е услов кој е поставен и евидентиран во условите за почеток на преговорите и го следи Европската комисија, изјави Жељазков.

Тој додаде дека земјава не треба да губи време, бидејќи загубеното време ќе се претвори во скептицизам.

- На Македонците им требаат брзи одлучни акти и решителни одлуки, без да ја бараат причината надвор. Многу е важно причините, намерите и успесите да бидат нивни, додаде Жељазков.

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ вчера од Софија порача дека доколку земјава не ги спроведе уставните измени на кои се обврза, ќе дојде до точка кога е можно да биде раздвоена од Албанија во преговарачкиот процес за влез во ЕУ.

- Северна Македонија има одредени услови кои доколку не ги исполни, нема да може да продолжи. Македонија го потпиша овој услов и мора да го исполни, изјави Милановиќ, кој престојува во официјална посета на Бугарија на покана на шефот на бугарската држава Румен Радев.

Милановиќ и Радев на заедничката прес-конференција порачаа дека забрзувањето на евроинтегративниот процес за Западен Балкан е клучен фактор за стабилноста, безбедноста и просперитетот на регионот.

Експертската работна група ја сочинуваат Маргарита Цаца Николовска - поранешен судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, која е нејзин претседател, а членови се Сали Мурати - поранешен претседател на Уставен суд, Бајрам Положани - поранешен уставен судија и професор по уставно право, Бранко Наумовски - поранешен претседател на Уставен суд, Јетон Шасивари - професор на Универзитетот на ЈИЕ, Ана Чупеска - професор на Правен факултет „Јустинијан Први”, Елена Михајлова Стратилати - професор на Правен факултет „Јустинијан Први”, Беса Арифи - професор на Универзитетот на ЈИЕ, Јагода Митревска - професор на Меѓународен Славјански Универзитет и Марија Пандевска - професор на Институт за национална историја.

Од Министерството за правда најавија и дека списокот на членови на Работната група ќе се дополнува во наредниот период и со други експерти кои ќе дадат придонес во подготовката на уставните измени.

Преку беби монитор „ја уловил“ сопругата, па се шокирал кога видел со кого е во кревет (ВИДЕО)

Деклан Фулер, 22-годишен Велшанец, тврди дека на „бејби мониторот“ ја фатил сопругата во интимна врска со татко му, по што решил да се разведе.

Деклан бил во брак со Стефани (22) со која ја има двегодишната ќерка Вилоу. Минатиот септември парот му дозволил на таткото на Деклан, Дарен (44) да се пресели во нивниот дом во Велика Британија, каде што се случила наводната афера.

Овој Велшанец тврди дека бил на работа денот кога сопругата го изневерила и решил да го провери „бејби мониторот“ на својата ќерка на мобилниот телефон. На видеото видел како Стефани оди во спалната соба со својот свекор за да се препушти на попладневната забава.

- Болно е, не е нормално - како можеше татко ми да ми го направи ова?, праша вознемирениот Деклан.

Вели дека тоа целосно го откачило и дека едвај го задржал бесот.

- Да не се вразумев, не знам што ќе му направев на татко ми - рече тој.

Кога се соочија со инкриминирачки докази, Стефани и Дарен негираа дека направиле нешто погрешно. Наместо тоа, тие тврделе дека едноставно биле во спалната соба за заедно да ги гледаат Симпсонови.

Деклан не поверувал во тоа објаснување и веднаш раскинал со сопругата, а таа веднаш започнала романса со бившиот свекор.

- Не го изневерив Деклан. Дарен и јас почнавме врска една недела откако Деклан ме отфрли, тврди Стефани.

Во неверојатен пресврт, Стефани сега е бремена со близнаци, чиј татко е нејзиниот поранешен свекор.

- Жал ми е за тие деца; тие доаѓаат во многу скршено семејство, рече Деклан, додавајќи дека неговата ќерка ќе биде и полусестра и братучетка на близнаците што наскоро ќе се родат.

И покрај неговото скршено срце, Деклан вели дека успева да ги игнорира семејните расправии.

- Се чувствувам изневерено, но подобро ми е без нив двајца, рече тој.

МААЕ предупредува: Украинската нуклеарка Запорожје три месеци е без резервно напојување

Украинската нуклеарна централа Запорожје три месеци е без надворешно резервно напојување, поради што е исклучително ранлива, предупреди шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси.

Постројката се потпира на еден преостанат оперативен далновод од 750 киловолти (kV) за надворешна електрична енергија потребна за ладење на реакторот и другите основни нуклеарни и безбедносни функции, соопшти МААЕ. Пред конфликтот, електраната имаше на располагање четири такви далноводи. Општата ситуација на електраната останува многу неизвесна и потенцијално опасна, рече Гроси.

Кревката ситуација со електрична енергија на централата останува извор на длабока загриженост и, како што покажуваат новоформираните принципи на МААЕ, има потреба од зголемени напори за да се обезбеди постабилно и попредвидливо надворешно снабдување со електрична енергија, додаде шефот на МААЕ. Електраната со шест реактори беше окупирана од руските сили во март минатата година.

Се шират гласини дека бракот на Натали Портман е во криза- сопругот ја измамил со 25 годишна

Натали Портман и нејзиниот сопруг, француски балетан Бенџамин Милепид наводно се во брачна криза откако се дознало дека ја изневерил со 25-годишна Французинка, изјавија извори за Page Six.

Изворот тврди дека парот минатата година одлучил да живее одвоено, но дека се уште се трудат да го спасат бракот, а на крајот на мај биле снимени како уживаат на концертот на Бијонсе.

Нивниот брак наводно е на работ на колапс откако францускиот магазин Voici објави фотографии од 45-годишниот поранешен балетан како се дружи со 25-годишната активистка за клима, Камил Етјен, пријателка на Грета Тунберг.

"Тие не раскинаа и се обидуваат да ги средат работите. Бен прави сѐ за да ја натера Натали да му прости. Тој ги сака неа и нивното семејство", тврди изворот, додавајќи дека актерката е позната по тоа што ја чува приватноста и дека сега најважно и е да ги заштити своите деца.

Американските медиуми пишуваат дека проблемите во бракот биле јавна тајна за време на снимањето на нејзиниот нов филм, кој се снимаше во ноември минатата година, а на промоцијата на филмот во Кан дошла без сопругот.

Да потсетиме дека Портман и Милепид се запознаа во 2009 година на снимањето на филмот Black Swan, за кој тој ја направи кореографијата. Тие се венчаа во 2012 година и имаат две деца, 12-годишниот син Алеф и 6-годишната ќерка Амалија.

притисни ентер