Сеул соопшти дека Пјонгјанг лансирал неколку балистички ракети

Северна Кореја истрела повеќе балистички ракети со краток дострел кон Источното Море, познато и како Јапонско Море, соопшти денеска јужнокорејската војска.

Северна Кореја ги лансираше ракетите околу 7:30 часот (понеделник 22:30 по Гринич) од западната провинција Северна Хвангхае, објавија јужнокорејските медиуми, цитирајќи го Генералштабот во Сеул.

Генералштабот првично не го прецизираше бројот на лансирани проектили.

Канцеларијата на јапонскиот премиер исто така испрати предупредување за „сомнително лансирање балистичка ракета“.

Лансирањето доаѓа помалку од една недела откако Пјонгјанг тестираше, како што тврди, нов тип на интерконтинентална балистичка ракета (ICBM) со „ултрамоќни офанзивни средства“.

Резолуциите на ОН и забрануваат на Северна Кореја да тестира балистички ракети од кој било дострел. Таквите проектили можат да бидат опремени со нуклеарна боева глава.

Тензиите се зголемија на Корејскиот полуостров откако Пјонгјанг значително ги прошири ракетните тестови во изминатите две години, истовремено заострувајќи ја својата реторика против САД и Јужна Кореја.

Северна Кореја, исто така, ја зајакна својата воена соработка со Русија, при што САД проценуваат дека веќе има околу 12.000 севернокорејски војници во Русија.

Колдплеј објавија нова песна, во спотот се појавува 98- годишна холивудска ѕвезда (ВИДЕО)

Групата Coldplay ги израдува фановите со новата песна наречена „All My Love“.

Снимен е и видео запис во кој се појавува легендарниот актер Дик Ван Дајк (98), познат по улогата на Берт во филмот „Мери Попинс“, кој на 13 декември ќе наполни 99 години.

Песната е снимена во домот на холивудската ѕвезда во Малибу. Инаку, самото видео е посветено на Ван Дајк.

Погледнете го спотот за песната „All My Love“:

Влада: Растот на БДП од 3 проценти за прв пат по 7 години е резултат на домаќинско работење

Првпат после 7 години пропаст и стагнација на македонската економија, конечно државата бележи раст на БДП од 3 проценти во третото тромесечје од 2024 година. 

Како Владата ветивме фуриозен почеток и домаќинско работење. Тоа се реализира. Доаѓаат првите резултати, според Државниот завод за статистика, раст на бруто домашниот производ во третото тромесечје односно месеците јули, август и септември од 3 проценти, наведуваат во соопштение денеска од Владата.

Раст на БДП од 3 проценти за македонската економија, велат дека е највисок споредбено со земјите од регионот и Европа. Споредбено само пет земји членки на ЕУ имаат повисока стапка на раст во третиот квартал, додека пак во регионот помала стапка на раст во третиот квартал има две земји членки на ЕУ, тоа се Грција и Бугарија од 2,4 проценти. Романија е во негативно салдо -0,3 проценти, додека пак Словенија има 1 процент. Негативни се стапките на раст на Естонија, Австрија, Латвија, Германија и други држави.

- Како Влада очекуваме раст на БДП и во четвртиот квартал со што на годишно ниво би се доближиле од 3 проценти, што е многу повеќе од предвидените 1,8 проценти на Светска Банка. Како Влада преземаме активности и насочени сме кон реализација на капитални инвестиции, како и привлекување на странски директни инвестиции се со цел да ја придвижиме економијата и да поттикнеме економскиот развој. Ветивме и се обврзавме како Владата дека ќе ја трансформираме Македонија напред, стои во сопштението.

Овие бројки, дополнуваат, се показател дека Владата работи посветено, одговорно и ги реализира ветувањата дадени пред граѓаните.

- Економијата е најважниот сегмент на работата на Владата. Продолжуваме посветено!, соопшти владината прес-служба.

Најстудено и најмногу снег на Попова Шапка

Најстудено изутрина е на Попова Шапка  каде се измерени - 4 степени Целзиусови.

Најстудено изутрина е на Попова Шапка каде се измерени - 4 степени Целзиусови, по што следуваат со -1 Лазарополе, 0 Маврови Анови и Крушево, 1 Тетово, Крива Паланка, 2 Скопје-Петровец, Скопје-Зајчев Рид, Битола, Прилеп и Берово, 3 Охрид и Дебар, 4 Претор, Штип, Виница, Куманово, Велес и Кавадарци, 5 Демир Капија и Струмица и 6 степени во Гевгелија.

Како што информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), најмногу дожд, 19 литри на метар, во изминатите 24 часа наврна во Гевгелија и Дебар, 15 во Струмица, 13 во Битола и Крушево, 12 во Прилеп и Берово, 11 во Крива Паланка, Пожаране и Пожар-Радовиш, 10 во Тетово, Охрид, Штип и Тополчани, 9 во Маврови Анови и Лазарополе, 8 во Претор и Велес, 7 во Виница, 6 во Попова Шапка Кавадарци, 5 во Скопје-Петровец и Куманово, 4 во Демир Капија, 1 во Скопје-Зајчев Рид.

На Попова Шапка има 47 сантиметри снег, 36 во Маврови Анови, а Крушево 12.

Времето денеска ќе биде променливо облачно, по одделни котлини со појава на магла и ниска облачност. Попладне и во вечерните часови во југоисточните делови ќе има слаб локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе достигне од 7 до 14 степени.

Во Скопје променливо облачно, претпладне со појава на магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе достигне до 9 степени.

притисни ентер