Северна Кореја ги попречува GPS сигналите во Јужна Кореја

 Северна Кореја од вчера спроведува кампања за блокирање на ГПС сигналите што погоди неколку бродови и десетици цивилни авиони во Јужна Кореја, соопшти денеска јужнокорејската војска.

„Северна Кореја вчера и денеска изведува провокативно попречување на ГПС сигналите“, се наведува во соопштението на Здружениот генералштаб на јужнокорејската војска, додавајќи дека бродовите и десетици цивилни авиони претрпеле „одредени оперативни прекини“.

Војската ги повика на внимателност јужнокорејските цивилни бродови и авиони што патуваат во и над Жолтото Море, меѓу Кина и Корејскиот Полуостров.

„Ја повикуваме Северна Кореја веднаш да престане со провокациите со ГПС и ја предупредуваме дека ќе биде одговорна за сите проблеми што ќе се појават“, додаде јужнокорејската војска.

ГПС пречките се состојат од емитување непознати сигнали кои ги заситуваат ГПС приемниците и ги прават неупотребливи за навигација.

Јужна Кореја во последните неколку години постојано ја обвини Северна Кореја дека спроведува ваков тип на попречување од нејзина територија.

Вредноста на германскиот извоз во октомври падна за 2,8 отсто на 124,6 милијарди евра

 Вредноста на германскиот извоз падна за 2,8 отсто на 124,6 милијарди евра во октомври, што е најниска вредност во речиси три години, објави денеска германската Федерална статистичка служба Дестатис.

Според извештаите, германскиот извоз во земјите од Европската унија е намален за 0,7 отсто, а извозот во земјите кои не се членки на ЕУ за 5,3 отсто.

Извозот во САД е значително намален за 12,2 отсто на месечно ниво, исто како и извозот во Кина за 3,8 отсто и Русија за 9,4 отсто, додека, наспроти тоа, германскиот извоз во Велика Британија е зголемен за 2,1 отсто.

Ако го анализираме десетмесечниот период од јануари до октомври, ќе заклучиме дека вредноста на германскиот извоз паднала за 1,2 отсто на годишно ниво на 1,3 билиони евра, се наведува на веб-страницата Дестатис.

Генерално, германската индустрија е многу внимателна во однос на развојот на странскиот бизнис, се вели во посебен извештај на Институтот за економски истражувања ИФО во Минхен за ноември.

Најтешко погодена е металната индустрија која очекува значителен пад на извозот, а лошото расположение владее и во автомобилската индустрија и машинското производство. Во хемиската индустрија, позитивните и негативните изгледи се речиси во рамнотежа, додека германските производители на храна и пијалаци се во најдобра позиција и очекуваат раст на извозот.

Судски совет: Нема наредба за претрес, соработуваме со ОЈО Скопје

Судскиот совет на Република Македонија ги демантира наводите за извршен претрес во нивните простории, истакнувајќи дека постапиле по писмените барања на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје. 

Советот нагласува дека не е издадена наредба за претрес и дека ќе продолжи да соработува со сите надлежни органи, водејќи се од начелата на независно, одговорно и транспарентно судство.

- Судскиот совет на Република Македонија по повод пласираните информации во јавноста за наводен „извршен претрес“ во просториите на Советот во текот и по завршувањето на работното време, ја информира јавноста дека по примени писмени барања на ОЈО Скопје, Судскиот совет на РСМ постапи по истите. Нагласуваме дека не е издадена наредба за претрес, ниту е извршен претрес во просториите на Судскиот совет на РСМ, стои во соопштението од Судски совет.

Оттаму дополнуваат дека Советот соработува и ќе продолжи да соработува со сите надлежни органи и институции во државата водејќи се од начелата на независно, одговорно и транспарентно судство и се оградува од било какви влијанија и притисоци одвнатре и однадвор, а со цел заштита на независноста и интегритетот на судството.

Како што потврди Јавното обвинителство претходно, полициски службеници по наредба на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје вчера влегле во Судскиот совет за да ги обезбедат записниците во врска со сомнежите за евентуално сторено кривично дело поврзано со мандатот на претседателката на Судски совет, Весна Дамева, која поднесе оставка на 2 декември.

Министерството за внатрешни работи за МИА денеска потврди дека е во тек предистрагата. Како што информираа од Министерството за внатрешни работи за МИА, бараните два записници кои треба да се проверат се одземени.

Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, поднесе оставка на 2 декември. Таа рече дека причината за оставката е недостатокот на поддршка и обидите за нарушување на нејзиниот интегритет од страна на високи функционери.

Овчите сипаници најчесто акутно заразно заболување во ноември

Овчите сипаници најчесто акутно заразно заболување во ноември, раст од 29,9 отсто во однос на октомври.

Најчесто регистрирано акутно заразно заболување во ноември се овчите сипаници со вкупно 395 пријавени лица. Во однос на претходниот месец - октомври, се регистрира зголемување за 29,9 проценти, се наведува во месечниот билтен за движењето на заразните заболувања за ноември на Институтот за јавно здравје, објавен попладнево.

Евидентирани биле и 19 случаи на голема кашлица, по 12 случаи на инфективна мононуклеоза и скарлатина, седум случаи на легионерска болест и три случаи на заразни заушки.

Од трите случаи на заразни заушки, првиот бил на возраст од 44 години од Кавадарци со непознат вакцинален статус. Вториот и третиот случај биле деца на возраст од осум години од Скопје, вакцинирани со една доза МРП вакцина. Дијагнозата била клинички потврдена.

Во Република Македонија во ноември на групни пријави за заболени од грип - заболувања слични на грип, пријавени биле вкупно 259 заболени лица.

- Во групата на сексуално и крвно преносливи инфекции - без ХИВ/СИДА - регистрирани се осум заболени лица и тоа пријавени се по три случаи на сифилис и вирусен хепатит Ц и два случаја на вирусен хепатитис Б, се појаснува во извештајот.

Во текот на месец ноември, пријавени биле три случаи потврдени на СИДА и еден на ХИВ, лица кои припаѓаат на возрасната група од 20 до 39 години.

притисни ентер