Силен дожд со град попладнево во Велес

Силен дожд со град попладнево околу 14 часот го зафати Велес. 

Велешките главни и споредни улици во ниските делови од градот беа поплавени со вода поради високата конфигурација на градот и нерешената атмосферска канализација. Движењето на сообраќајот по главните улици беше отежнато, а посебно на пешаците кои не можеа да ги преминат улиците од едната на другата страна.

Од Центарот за справување со кризи за МИА информираат дека засега нема пријавено штети од невремето.

Земјоделски стручњаци за МИА, појаснуваат дека поради силниот град очекуваат пријави од земјоделците за оштети на родот од градинарски култури и овошни дрвца.

Медиуми: УЕФА ќе дозволи 26 фудбалери на ЕУРО2024

 Европската фудбалска унија (УЕФА) ќе им дозволи на селекторите во своите репрезентации за претстојното Европско првенство во Германија да повикаат 26 фудбалери, тројца повеќе од сегашниот лимит, објавија денеска британските медиуми.

Како што објави Скај, Националниот комитет за натпреварување на УЕФА на состанок одржан во понеделник одлучи да им дозволи на селекторите да доведат уште тројца играчи, по предлогот на некои селектори да се зголеми бројот на играчи поради згуснатиот натпреварувачки распоред оваа сезона и можните повреди.

УЕФА и на претходното Европско првенство во 2021 година, дозволи проширување на списокот играчи за ова натпреварување, по пандемијата на коронавирус, а како што објави Скај, се чини дека тоа отсега ќе стане норма за репрезентативните натпреварувања на УЕФА.

Одлуката сè уште не е официјално донесена, бидејќи мора да ја одобри Извршниот комитет на УЕФА, но според извештаите, се очекува тоа да биде формалност и да биде потврдено до крајот на оваа недела.

Европското првенство ќе се одржи од 14 јуни до 14 јули во Германија. /МИА

ИДФ: Нови ракетни напади од Појасот Газа врз израелските погранични области

Израелските безбедносни сили (ИДФ) соопштија дека денеска на 200-иот ден од војната биле пресретнати четири ракети истрелани од Појасот Газа.

Дел од пресретнатите ракети паднал врз еден магацин во пограничниот град Сдерот и се запалил. Освен материјална штета во нападот нема човечки жртви.

Според израелските податоци, повеќе од 16.000 ракети биле истрелани врз Израел од страна на палестинската милитантна организација Хамас и други групи од 7 октомври.

Претходно ИДФ соопштија дека борбени авиони извршиле воздушни напади врз „приближно 25 цели“ во енклавата при што се убиени „голем број терористи“.

Според Министерството за здравство на Хамас во Појасот Газа, од почетокот на војната помеѓу Израел и Хамас загинале 34.183 луѓе, а повеќе од 77.000 се повредени.

Повеќе од 1.200 луѓе беа убиени, а околу 250 луѓе беа земени како заложници за време на нападите врз Израел на 7 октомври од страна на Хамас и други исламистички групи. Израел одговори со воздушни напади и голема копнена офанзива. /МИА

Русија ја предупредува Европа: Ако ни го земете имотот, одговорот ќе боли

Матвиенко ја предупреди Европа дека Русија веќе напишала закон за да се одмазди доколку Западот заплени речиси 300 милијарди долари руски имот и ги искористи за помош на Украина.

Претседателката на Горниот дом на рускиот парламент Валентина Матвиенко, блиска соработничка на Владимир Путин, денеска ја предупреди Европа дека Русија веќе напишала закон за да се одмазди доколку Западот заплени речиси 300 милијарди долари руски имот и ги искористи за помош на Украина.

Откако Путин испрати војници во Украина во 2022 година, САД и нивните сојузници ги забранија трансакциите со руската централна банка и Министерството за финансии, блокирајќи речиси 300 милијарди долари руски средства на Запад, пренесува Хина.

Американски функционери сакаат да запленат имот за да и помогнат на Украина, иако некои банкари и европски функционери се загрижени дека таквата заплена ќе создаде опасен преседан.

Претставничкиот дом на САД во саботата усвои закон со одредба која овозможува заплена на руски имот, но главниот дел од руските средства не е во САД, туку во Европа.

- Имаме подготвен одговор. Имаме предлог-закон со одмазднички мерки што сме подготвени веднаш да го разгледаме … А Европејците ќе изгубат повеќе од нас, рече Матвиенко.

Таа не прецизираше каков ќе биде одговорот на запленувањето руски имот, за што се уште се разговара на Запад.

Една од опциите за која разговара Западот е да се конфискува приходот од имотот без да се земе самиот имот.

Путин вели дека Западот почна економска војна против Русија, тврдејќи дека руската економија, која минатата година порасна за 3,6 отсто, е отпорна на западните санкции кои имаат за цел да ја запрат руската трговија.

Кремљ постојано повторува дека секое запленување на негови средства ќе биде спротивно на принципите на слободниот пазар што Западот ги прокламира и ќе ја поткопа довербата во американскиот долар и еврото, а истовремено ќе ги одврати глобалните инвестиции и ќе ја поткопа довербата во западните централни банки.

Русија соопшти дека ќе ја оспори на суд секоја конфискација на нејзин имот.

Некои руски функционери сугерираат дека ако се заплени руски имот, истото може да му се случи и на имотот на странските инвеститори блокиран на специјални сметки во Русија.

Не е јасно колку точно пари има на тие сметки.

Претседателот на долниот дом на рускиот парламент, Вјачеслав Володин, вчера изјави дека Русија има основа да ги заплени имотите на Западот по усвојувањето на законот во американскиот Конгрес.

Володин рече дека од 280 милијарди долари замрзнати руски средства во странство, само пет до шест милијарди долари се во САД, додека околу 210 милијарди евра се во Европската Унија. /МИА

притисни ентер