Системот за менаџирање на кризи ќе подлежи на реформи, земјата и натаму се соочува со пожари

Системот за управување со кризи ќе се реформира, одлучи Владата, а тоа ќе се направи преку спојување на Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи. 

Нешто, кое, според Владата, ќе придонесе кон поефикасен кризен менаџмент во иднина. Во меѓувреме, пожарите не стивнуваат, а температурите и натаму се екстремно високи.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера информираше дека на седница на Владата е донесена одлука за спојување на Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи со цел поефикасно функционирање на системот за справување со кризи.

Одговарајќи на новинарско прашање, тој рече дека е неопходна реформа во системот за менаџирање со кризи.

- Прв чекор што направивме е донесовме одлука да ДЗС и ЦУК да отпочнат процес на фузионирање, оптимирање прво на кадарот, а второ да имаме една институција која во услови на кризен менаџмент ќе знае како да делува по определени протоколи, рече премиерот по вчерашната посета на започнувањето на градежни активности за доградба на објектот „Изворче“ во детската градинка Срничка во Аеродром.

Дополни дека реформите ќе бидат направени откако ќе се изборат со огнената стихија, кога, како што рече „ќе седнеме и сериозно ќе се занимаваме со оваа тема за в година ова да не ни се случи“.

Информираше дека на владината седница одобриле повеќе средства за ЦУК и ДЗС кои се потребни за справување со пожарите.

Премиерот се осврна и на ситуацијата со пожарите при што посочи дека се соочиле со состојба да немаат летала да се справуваат со огнената стихија, додека, во меѓувреме, и пилотите се во пензија.

- Немавме летала за да се справуваме со пожарите со кои што почнаа на 10 јули, освен тоа, пилотите беа во пензија. Армиските полициски хеликоптери беа на сервис. Практично, ние голораки, заедно со пожарникарите, припадниците на Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана, со доброволците се бориме дневно со повеќе од 40 огнени стихии, секој ден, на целата територија на државава, рече тој, заблагодарувајќи им се на сите кои што учествуваат во гаснењето на пожарите.

Бројот на пожарите не се намалува, апел до граѓаните да бидат исклучително внимателни

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, вели дека бројот на пожарите не се намалува и според досегашното искуство, се очекуваат и нови. Тој апелираше граѓаните да бидат исклучително внимателни, да не предизвикуваат пожари, а доколку забележат пожар веднаш да го пријават.

Според неговите информации, во текот на вчерашниот ден на територијата на државата имало 32 пожари на отворено и шумски пожари. Од нив 15 целосно се изгаснати, шест се ставени под контрола, а 11 се активни.

Пожарот што ја одбележа вечерта е кај селото Врбен во Општина Маврово и Ростуше, за кој Ангелов изјави дека се работи за голем шумски пожар во кој гори смрека, сува трева и јела.

- Се развива висока температура, и во овој момент линијата на огнот е околу 500 метри над првите куќи од селото Врбен. Помеѓу пожарот и селото има асфалтиран пат, верувам дека вработените во НП Маврово со поддршка на локалното население, на асфалтираниот пат ќе успеат да го сопрат овој тежок шумски пожар, изјави тој вчера.

Ангелов информираше дека врз овој пожар во текот на денот вчера дејствувале со пет ер трактори со кои што успеале да го изгасннат едниот крак, а воедно, како што рече, дејствувал и еден голем полициски хеликоптер МИ 171, со големо ведро од два и пол тони, кој што, исто така, значително ја намали линијата на пожарот.

Покрај овој пожар, на територијата на државата, како што информираше директорот на ЦУК, во моментов има и други тешки пожари, како што е пожарот на територијата на Општина Македонски Брод, кој гори кај селото Белица каде што гори борова шума, а пожарот беснее веќе повеќе од 20 дена.

Дополни дека има пожар на територијата на Општина Пехчево, пожарот кој што е активен веќе четврти ден кај селото Негрево, потоа во Општина Новаци, кај селата Полог, Татевци, Гнилеж и Паралово.

Во врска со пожарот на планината Галичица, каде што гори од двете страни, и од охридската, и од ресенската страна, Ангелов рече дека се обидуваат да го изгасат од земја.

- Овде се обидуваме да го изгаснеме од земја. Притоа тим алпинисти, односно доброволци од планинската спасителна служба од Охрид, заедно со вработени во НП Галичица, со хеликоптер ги исфрламе на врвот на планината, и тие од таму се спуштат кон огнените јазици и се обидуваат истите да ги изгаснат. Иако од охридска страна веќе се развија два крака од кои што еден оди кон една планинарска куќа, рече тој.

Дополни дека има пожари и на територијата на Општина Кичево, кај селото Патеец, каде што вчера попладне за малку селото ќе било зафатено од пламените јазици.

- Една куќа беше благо опожарена, но не претрпи поголема штета, рече Ангелов, дополнувајќи дека благодарение на храбрите кичевски пожарникари и локалното население, пожарот бил сопрен буквално пред самото село.

Сподели дека пожари има има и кај селото Зајас, кучевско, потоа кај селото Пласница во Општина Пласница и село Латово во насока на Македонски Брод, како и на територија на Општина Долнени и тоа кај селото Костинци, село Долгаец.

Во врска со пожарот на територија на на Општина Кочани, Македонска каменица, информираше дека гори некаде во атарот на селото Пресека кон село Цера.

За него рече дека е исто така многу тежок шумски пожар кој што ќе создаде сериозни проблеми, бидејќи гори борова шум и папрат, затоа што се работи на повисока надморска височина, која што, според него е тешка за совладување.

Ангелов вчера информираше дека во меѓувреме се појавиле неколку помали пожари кои пожарникарите ќе се обидат да ги совладаат во прва фаза.

- За нас е многу важен тој почетен напад врз пожарите бидејќи и најмалиот пожар за миг може да се претвори во страотен пожар за кој што потоа ќе бидат потребни денови, но и огромна количина на ресурси да биде изгаснат, рече Ангелов.

Апелираше граѓаните да бидат исклучително внимателни, да не предизвикаат пожар на отворен простор, и ги повика доколку забележат чад или отворен оган да ги пријават на бројот 112. Но, доколку се сомневаат дека одредено лице некаде подметнало пожар, истото да го пријават во најблиската полициска станица или на бројот 112.

Директорот на ЦУК сподели дека во текот на јули имало 765 пожари на отворен простор меѓу кои и шумски пожари.

Портокалово ниво на опасност од високи температури, активни мерките на владата

Против пожарите не помага ниту топлотниот бран кој деновиве ја зафати државава. Портокаловото ниво за опасност од високи температури останува активно денеска и утре затоа што под влијание на многу топла воздушна маса од југ, времето ќе биде особено топло и дневната температура наместа ќе надминува 40 степени.

УХМР до крајот на оваа седмица прогнозира сончево и многу топло време со мала до умерена локална облачност, а од четврток локална појава на дожд.

- Од четврток во попладневните и вечерните часови ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи, особено во деновите од викендот кога ќе има услови за изолирано невреме со интензивен пороен дожд, грмежи, силен ветер и град, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.

Поради новиот топлотен бран во првите три дена од оваа работна седмица, до денеска, важат препораките за намалување на ризиците од високите температури кои ги усвои Владата на седница во неделата, на барање на Министерството за здравство.

Со препораките за превенција, ослободени од работните обврски се најранливите групи население - бремените жени и лицата постари од 60 години.

На работодавачите им е препорачано од 12 до 14 август да ги реорганизираат работните активности на градежните работници и на работниците кои работат на отворено односно да се избегнуваат работни активности на отворено од 11 до 17 часот, а во тој период од денот да не се изнесуваат ниту децата од градинките и тие да немаат физичка активност.

На општините, Црвениот крст и центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран им се укажува да им помогнат на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници.

Централна Европа под вода – десетици загинати, илјадници евакуирани

Страотните сцени од централна Европа продолжуваат, бурата „Борис“ и натаму одзема животи и урива се пред себе. 

Бројот на жртви надмина 15, илјадници се евакуирани, a од час во час расте и бројот на исчезнати во најпогодените областите каде куќите се уриваат како кула од карти.

Најкритично е во Чешка, Австрија, Полска, Романија и Словачка, каде улиците се претворени во реки кои носат автомобили и дрвја, поплавени се илјадници домови.

Ова е катастрофа од големи размери. Сите соседи околу реката, вклучувајќи го и Катерники. Јас живеам од другата страна на Опава и тука сум безбеден. Ќе биде потребно време да се справат со последиците и ние ќе треба да им помогнеме.

Граѓаните во страв и паника остануваат заглавени во напливот на вода, со кој едвај се борат и службите кои неуморно веќе со денови ги евакуираат со хеликоптери, чамци и јажиња.

Спасувавме луѓе кои беа два метри над нас, на покривот. Има и други луѓе кои се заглавени, но струјата е многу силна. Се обидуваме да се пробиеме, да најдеме алтернативен начин до нив, бидејќи струењето на водата е премногу силна за чамците.

Битката со надојдената вода не бира средства.. Во Чешка се собира песок и од игралишта каде се уште стојат детските играчки, се полнат вреќи како блокади за водата.

Покрај буката која ја создава водата, во Австрија често граѓаните се предупредуваат и од сирената за претпазливост која начесто се користи при воени напади.

Во Виена пак останаа заглавени 140 швајцарски туристи, поради надојдениот Дунав, бродот на кој пловеле не можел да се закотви, сликите покажуваат како патниците шетаат по палубата чекајќи помош.

Во Полска во последен момент беше извлечено семејство, меѓу кои 4 деца од поплавен автомобил.

Од европските лидери пристигнаа бројни пораки за поддршка за погодените земји. Со сочувство за жртвите се огласи и српскиот претседател Вучиќ преку платформата Х, на земјите кои се под удар од бурата им ја понуди сета неопходна помош во справувањето.

Според прогнозите на УХМР, земјава останува надвор од дофатот на Бурата Борис, најавија врнежи во наредниве неколку дена, но тие ќе бидат вообичаени за есен. Од ЦУК пак апелираат одводните канали да бидат соодветно прочистени за да се избегне било какво поплавуање при посериозен дожд.

Се надминува проблемот со образовните асистенти, дел од нив се уште на обука

815 образовни асистенти се веќе распределени на деца со посебни потреби. Недостасуваат уште 200, чиј избор формално се уште е во тек.

Родители кои ги контактиравме велат дека дел од децата се уште немаат асистенти, поради тоа што нивните асистенти се уште трае обуката.

Елена Јакимовска Павлеска, мајка на дете со аутизам, најалармантна е состојбата кај првачињата. Нејзиниот син, петооделенецот Огнен за кој што информиравме на почетокот на учебната година, имаше среќа да ја добие повторно истата асистентка од лани. Според Павлеска, родителите се во неизвеснот кога ќе заврши процесот на обука на останатите избрани асистенти, со што и нивните деца ќе можат непречено да ја следат наставата.

Министерката за образование Весна Јаневска најави дека целата ситуација треба да се реши до крајот на минатата недела и дека се работи на системско решение.

Од ресурсниот центар „Златен Сремец“ за Канал 5 велат дека постапката за избор на кандидати за асистенти по јавен оглас е во тек и дека штом ќе заврши, избраните кандидати ќе поминат задолжителна обука по што ќе бидат распоредени во основните училишта.

Во Ненавременото обезбедување образовни асистенти проблем препозна и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација од каде реагираа на доцнењето во ангажирањето на образовните асистенти и апелираше до Министерството за образование и наука (МОН) да ја исполни својата обврска

Средните училишта, образовни асистенти ќе добијат најрано од јануари следната година, според најавите од надлежните институции.

Ќе помине ли иницијативата за можноста за разрешување градоначалници преку локален референдум?

Последниот збор за разрешување на градоначалници треба да го имаат граѓаните – смета министерот за здравство Арбен Таравари.

Според него иако треба да има политичка одлука, мандатот на градоначалниците може да им го земе само оној кој им го дава.. По предлогот од претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски градоначалник да може да се отповика преку локален референдум, Таравари смета дека тоа претставува рационализирање, со цел постојано да нема вонредни локални избори.

-Има случаеви кога некои градоначалници иако се избрани од народот не фукционираат како што треба. Јас мислам дека градоначалникот на Кисела Вода се повикува највеќе на градоначалничката на Град Скопје која е промашена инвестиција, меѓутоа тоа е тоа народот никогаш не греши и кога ќе избере некого кој што не е како што треба така да мој став личен е дека треба да има политичка одлука, но народ ги избира и народ може да ги разреши,- вели министерот за здравство Арбен Таравари.

Професорот по управно право Борче Давитковски иницијативата смета оценува за добра. Вели измените се неопходни, бидејки со вака конституираниот Закон за локална самоуправа градоначалниците не се политички одговорни пред никого и се единствени фукционери кои се неменливи. Давитковски објаснува дека постојат различни модели за остварување на иницијативата, а според него најдобро би било граѓаните да одлучуваат за разрешување на градоначалник преку референдум со цензус.

-Иницијативата е одлична, ова требаше одамна да се стори бидејки еве 22 години како поминаа од носење на Законот каде градоначалниците останаа политички неодговорни пред никого. Треба и други членови да се сменат односно една сериозна измена на Законот за локална самоуправа и да не дојде до овие судири како што има до сега градоначалник-совет. Законот се носи со 2/3 мнозинство но мислам дека ќе се одважат сите политички чинители оваа иницијатива за сеопфатни законски измени со цел да добиеме ефикасен закон, истакна професор Борче Давитковски.

Ѓорѓиевски во интервју за РСЕ, оценувајки дека моќта на првите луѓе во општините е преголема и треба да се ограничи, најави дека тим од актуелни градоначалници веќе работи на Законските измени, со цел на граѓаните што поскоро да им се врати можноста активно да бидат вклучени во одлуки кои ги засегаат и да имаат можност да го разрешат оној градоначалник кој не ги исполнил нивните очекувања.

притисни ентер