Скопје за прв пат домаќин на Конвенцијата на Европската атлетска асоцијација

Претседателката на Атлетската федерација на Македонија (АФМ), Александра Војнеска-Зикова како историски момент за овој спорт во нашата држава ја оцени организацијата Конвенцијата на Европската атлетска асоцијација.

Скопје од 24 до 26 октомври ќе биде домаќин на Конвенцијата на која присуство најавија 49 претставници на европски федерации, како и на изборот на најдобар спортист на Европа во атлетскиот спорт – „Golden Tracks 2024“.

- Сето она што ние како федерација го работиме во структурите на Европската федерација беше препознаено, најпрво преку организацијата на Европскиот куп трета лига 2019, потоа со нашето имплементирање во структурите во советот и телата на самата асоцијација допринесуваме и се трудиме активно да ја промовираме нашата држава, да го издигнеме нивото на атлетиката а со тоа и на спортот. За нас ова организација на Конвенцијата претставува историски момент. Верувам дека со поддршката што ја добивме од Министерството за спорт и Европската атлетска асоцијација целиот овој настан ќе помине во најдобар ред, истакна Војнеска-Зикова на денешната прес-конференција.

Министерот за спорт, Борко Ристовски

- Да се добие ваква организација воопшто не е лесно. Ова е голем плус. Ние како Министерство за спорт секогаш ќе стоиме зад вакви проекти. За нас е важно да ја претставиме Македонија на едно високо ниво. Верувам дека Атлетската федерација ќе биде одличен домаќин на настанот. Спортската дипломатија игра клучна улога во зајакнувањето на меѓународните врски и соработка, не само во спортот, туку и пошироко, изјави Ристовски.

Претседателот на Европската атлетска асоцијација Добромир Карамаринов рече дека Конвенцијата во Скопје се одржува во време кога атлетиката има високо ниво на популарност. Тој се надева дека настанот ќе помине во најдобар ред, а доказ дека атлетските федерациите во Европа не се делат на мали и големи е токму доделувањето на организацијата на АФМ.

Специјален гостин на Конвенцијата во Скопје ќе биде Лорд Себастијан Коу, претседател на Светската Атлетска Асоцијација и поранешен член на британскиот парламент, носител на олимписки, светски и европски златни медали, член на бордот на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), а од пред една недела и официјално еден од кандидатите за нов претседател на ИОК на претстојните избори во март наредната година.

Просечната цена на нафтата на ОПЕК го надмина прагот од 73 долари за барел

 Просечната цена на нафтата на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) се зголеми на 73,36 долари за барел, информира денеска нафтениот картел на својата веб-страница.

Еден барел завчера се продаваше за 72,45 долари.

За да се одреди цената на нафтата на ОПЕК, се користи т.н. „нафтена кошничка“, која вклучува 13 сорти нафта за извоз во земјите-членки на картелот: Саудиска Арабија, Ирак, Нигерија, Либија, Ангола, Иран, Кувајт, Венецуела, ОАЕ, Алжир, Габон, Конго и Екваторијална Гвинеја.

Историскиот максимум за „кошничката на ОПЕК“ беше 140,73 долари за барел, забележана на 3 јули 2008 година.

Цената на барел нафта се одредува со изведување на аритметичка просечна вредност од котирањата во моментот на затворање на трговијата со сите сорти од „кошничката на ОПЕК“ претходниот работен ден.

Белгија, Велс, Казахстан и Лихтенштајн противници на Македонија во квалификациите за СП 2026

Најдобрата фудбалска репрезентација на Македонија ги доби противниците во квалификациите за пласман на Светскиот шампионат во 2026 година.

Виза за Мундијалот во 2026 година чии домаќини ќе бидат САД, Канада и Мексико, црвено жолтите ќе се обидат да обезбедат во групата Ј против селекциите на Белгија, Велс, Казахстан и Лихтенштајн, е епилогот од денешната ждрепка во Цирих.

Според системот за квалификации на УЕФА 54 европски селекции поделени во 12 групи ќе се борат за пласман на Мундијалот во 2026 година.

Директен пласман на Светскиот шампионат обезбедуваат само победниците на 12 групи, а преку плеј-офот ќе се одредат уште четири учесници од Европа.

Составот на преостанатите 11 групи е :

Група А: Италија/Германија (победник), Словачка, Северна Ирска, Луксембург

Група Б: Швајцарија, Шведска, Словенија, Косово

Група Ц: Португалија/Данска (поразена), Грција, Шкотска, Белорусија

Група Д: Франција/Хрватска (победник), Украина, Исланд, Азербејџан

Група Е: Шпанија/Холандија (победник), Турција, Грузија, Бугарија

Група Ф: Португалија/Данска (победник), Унгарија, Ирска, Ерменија

Група Г: Шпанија/Холандија (поразена), Полска, Финска, Литванија, Малта

Група Х: Австрија, Романија, Босна и Херцеговина, Кипар, Сан Марино

Група И: Италија/Германија (поразена), Норвешка, Израел, Естонија, Молдавија

Група Ј: Белгија, Велс, Македонија, Казахстан, Лихтенштајн

Група К: Англија, Србија, Албанија, Летонија, Андора

Група Л: Франција/Хрватска (поразена), Чешка, Црна Гора, Фарски Острови, Гибралтар

Во баражот ќе има место за 12-те второпласирани во квалификациските групи и плус четири репрезентации од 14-те што го освоија првото место во групите од Лигата на нациите а кои не завршиле на првите две позиции во регуларните квалификации. Меѓу нив и Македонија со огромни шанси да се најде во баражот за пласман на СП 2026.

Отстранети диви депонии во скопските општини Ѓорче Петров и Чаир

Во текот на вчерашниот ден и минатата ноќ, екипите на ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје подигнале и транспортирале 30 кубни метри отпад од диви депонии во скопските општини Ѓорче Петров и Чаир.

Како што информира „Комунална хигиена“ - Скопје, почнати се активности за отстранување поголемо количество непрописно одложен кабаст, мешан комунален и отпад од картонски пакувања на улицата „Лихнида“ во општината Ѓорче Петров. Активностите за расчистување на оваа локација, како што е најавено, ќе продолжат и во текот на денешниот ден.

Расчистени се и неколку помали диви депонии лоцирани на улиците „Цветан Димов“ и „Џон Кенеди“ во општината Чаир, каде се подигнати приближно 20 кубни метри градежен и кабаст отпад одложени на јавни и на сообраќајни површини.

притисни ентер