Славната Германка и на 54 години изгледа речиси идентично како пред три децении

– Најпосле ги открива деталите за својот младолик изглед

По повод неодамнешниот роденден Германката ги почести своите следачи со видео каде таа носи бикини!

Клаудија Шифер е една од најпознатите манекенки во историјата на модата. Со својот негуван изглед продолжува да го воодушевува светот и на свои 54 години. Иако поминаа повеќе од три децении откако стана заштитно лице на модните писти, славната Германка сè уште зрачи со свежина и убавина, а нејзините следбеници на социјалните мрежи редовно го коментираат нејзиниот неверојатен изглед.

Клаудија несебично ги споделува деталите од својата секојдневна рутина за нега. За неа, како што тврди, нема големи тајни, туку се потпира на едноставни и доследни методи кои вклучуваат секојдневно нанесување крема, серуми и масла за лице. Покрај тоа, таа редовно применува масажа на лицето, пие многу вода и билни чаеви и тренира три пати неделно, фокусирајќи се на аеробик и пилатес.

Таа по повод својот неодамнешен роденден се присети на моментите со познатиот моден дизајнер Карл Лагерфелд, како и на начинот на кој ја барал.

Иако многумина нејзиниот изглед го припишуваат на генетиката, Шифер истакнува дека внимателното избирање на исхраната е клучен дел од нејзиниот животен стил.

-Не сум од оние среќни девојки кои можат да јадат што сакаат без последици. Затоа морам да размислувам за исхраната – изјави Клаудија во едно од нејзините интервјуа.

Таа применува три оброци дневно, избегнува грицки, кофеин и алкохол, а денот го започнува со овошје кое брзо се вари и помага во детоксикација на организмот. Порано практикувала построга диета од 1.200 калории дневно, која ја држела по пет дена за да ослаби три килограми, но нагласила дека секоја диета треба да се спроведува само по консултација со лекар.

Еден од нејзините трикови, што го сподели со својата колешка Синди Крафорд, е дека престанува да јаде кога храната ѝ е највкусна, а со тоа избегнува прејадување и одржува стабилно ниво на енергија во текот на денот. Исто така, за да ја заштити кожата од оштетување, Клаудија никогаш не излегува без очила за сонце, а особено внимава на негата на косата, користејќи производи кои го спречуваат сушењето при честите посети на фризер.

По повод прославата на својот 54-ти роденден во Грција, Клаудија неодамна објави видео на кое гордо позира во бело бикини, покажувајќи ја својата фигура на која би ѝ позавиделе многу помлади колешки.

Извор: srecna.republika.rs

Менде Трајковски: Ќе се брендираат Мариовски, Пелистерски и Струмички мед

Според Трајковски, брендирањето е важно за потрошувачите да знаат од каде е медот.

- При крај сме со постапката за брендирање и заштита на нашиот Мариовски мед за кој јасно ќе биде посочено географското потекло, а брендирање е најавено за струмичкиот и пелистерскиот мед, истакна Менде Трајковски, претседател на Сојузот на пчеларски здруженија на Македонија.

Според Трајковски, брендирањето е важно за потрошувачите да знаат од каде е медот.

-Сојузот на пчеларски здруженија на Македонија е членка на европскиот Сојуз на пчеларите и претставува дел од вкупно 400.000 пчелари во Европа кои во моментов водат кампања за зајакната инспекциска контрола и отстранување на неквалитетниот мед од пазарите низ Европа. Потрошувачите треба да бидат заштитени од неквалитетен мед кој се продава во продавници и затоа апелираме и бараме заштита, посочи Трајковски на традиционалната манифестација „Денови на македонското пчеларство“ што се одржува во Битола.

Годинава на плоштадот „Магнолија“ со свои штандови на изложбата учествуваат колеги пчелари од Тетово, Гостивар, Кочани, Прилеп, Велес и други македонски градови кои се дел од иницијативата преку европскиот пчеларски сојуз да добијат европски субвенции за секое пчелно семејство заради како што велат, придонесот на пчелите што го прават со опрашување на растенијата.

Средба Зеленски - папа Франциск

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски денеска во Ватикан се сретна со поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск.

Нивната претходна средба беше на маргините на Самитот на Г7, што се одржа летово во јужна Италија.

Зеленски синоќа во Рим се сретна премиерката на Италија, Џорџа Мелони, а по средбата со папата Франциск ќе отпатува за Берлин каде се предвидени средби со германскиот канцелар Олаф Шолц и со претседателот Франк-Валтер Штајнмајер.

Украинските власти во март се налутија на папата Франциск откако тој предложи тие да имаат храброст на „бело знаме“ и да преговараат за крај на војната со Русија. Тогаш Зеленски ги отфрли изјавите на папата како „виртуелно посредување“ од далечина.

Папата Франциск тогаш исто така, ги критикуваше плановите на украинските пратеници да ги забранат активностите на огранокот на православната црква поврзан со Русија. Украина тврди дека огранокот шири проруска пропаганда и пружа засолниште на шпионите. /MИА

ФК Вардар го претстави новиот сопственик

Фудбалскиот клуб Вардар денеска преку соопштение потврди дека има нов сопственик, откако унгарскиот бизнисмен Атила Бижен Жалили купил 85 отсто од акциите на најтрофејниот македонски фудбалски клуб.

Во соопштение споделено преку фудбалскиот клуб, сопственикот се обрати до фановите, потврдувајќи го преземањето на клубот.

„Задоволство ми е да ја информирам македонската јавност дека од 7 октомври според претходно потпишаниот договор, 85 отсто од акциите на АД ФК Вардар-Скопје се преземени, а со тоа и управувачкиот пакет на компанијата.

Со нашето големо искуство во менаџирање на фудбалски џинови и соработка со десетици познати клубови ширум Европа, ние ќе обезбедиме брза финансиска, организациска и резултатска консолидација на овој најголем спортски бренд во Македонија.

Во изминативе неколку години, како дополнување на бизнисот кој го имаме, нашиот фокус беше да преземеме клуб од Централна Европа или Балканот. Имавме неколку опции пред нас. Но благодарејќи на упорноста и аргументите презентирани од Миленко Неделковски, се одлучивме за најголемиот спортски бренд во Македонија.

Да го направиме Вардар повторно голем“, стои во обраќањето на Жалили до македонската фудбалска јавност.

Ваквата објава доаѓа по серијата на протести на навивачката група Комити, кои бараат оставки од раководството на клубот и Миленко Неделковски. На натпреварите тие скандираа пораки со барања Неделковски да се повлече од клубот.

притисни ентер