Саркофагот е долг околу два метри, а бил закопан на длабочина од 1,5 метри. Има подигнат капак со закосени рабови, во согласност со погребните обичаи во областа.
Саркофагот е откриен во анексот на црквата Свети Никола, која била изградена во VII век, а од 1989 година е „под лупа“ на археолозите, пренесува The Sun.
Се верува дека овде некогаш почивал епископ, познат во христијанството како Никола Мирлиски и Николај Чудотворец. Светецот кој бил инспирација за создавање на ликот на Дедо Мраз, починал во 343 година.
Големото откритие е дел од проектот „Наследство за иднината“, предводен од професорката Ебру Фатма Финдик, а инициран од турското Министерство за култура и туризам.
„Нашата најголема надеж е да го најдеме натписот на саркофагот. Ова би помогнало да се разјасни кој е закопан во него и точниот период од кој потекнува. Очекуваме во наредните недели да најдеме повеќе индиции“, изјави Финдик.
Локацијата на гробот на Свети Никола долго се шпекулира, а откривањето на саркофагот им даде нова надеж на истражувачите. Истовремено, привлече големо внимание од локалните и светските медиуми, но и верниците.
„Откривањето на саркофагот може да укаже дека ова е навистина светата област што ја бараме. Ова е значајна археолошка потврда на историските извори за последното почивалиште на Свети Никола“, додаде Финдик.
Врз основа на древните животи, во кои се зборува за дарот на Свети Никола на трите ќерки на сиромашен човек, настанал обичајот да се даваат подароци за Божиќ. Во портата на црквата Свети Никола во градот Мири, каде некогаш почивале неговите мошти, е поставена статуа на светецот во ликот на Дедо Мраз, а до неа и вреќа со подароци со детски фигури.
Во 1087 година моштите биле пренесени и складирани во базиликата Свети Никола во Бари. Подоцна, дел бил преземен од морнари и пренесен во Венеција, за време на Првата крстоносна војна. Тие се погребани во црквата на манастирот Свети Никола на островот Лидо.
Со испитување на коскените фрагменти од двете локации, истражувачите утврдиле дека припаѓаат на иста личност, но дали се работи за Свети Никола, се дебатира и денес.