Сончево и многу топло, температурата до 40 степени

 Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со слаб до умерен ветер претежно од северен правец. 

Минималната температура ќе се движи во интервал од 11 до 22, а максималната ќе достигне од 35 до 40 степени. УВ индексот ќе биде 9, известуваат од УХМР.

Во Скопје сончево и многу топло со слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 40 степени.

Синоптичарите информираат дека под влијание на многу топла воздушна маса од југ, од денеска до крајот на седмицата времето ќе биде претежно сончево и многу топло. Особено топло ќе биде до среда кога дневната температура наместа ќе надминува 40 степени и на повеќе места ќе биде активирано портокалово ниво за опасност од високи температури.

- И покрај високите температури од среда до петок во попладневните и вечерните часови ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за изолирано невреме со интензивен пороен дожд, грмежи, силен ветер и град, соопштуваат од УХМР.

Најмалку осум загинати во поплавите во Европа

Бројот на загинати во поплавите во централна Европа вчера се искачи на осум, откако илјадници луѓе беа евакуирани од своите домови во Полска, Чешка, Австрија и Романија.

Циклонот „Борис“, донесе обилни дождови од Австрија до Романија, што доведе до најголемите поплави во речиси три децении во тешко погодените области на Чешка и Полска.

Илјадници куќи беа оштетени за време на викендот, мостови беа однесени, а најмалку 250.000 домаќинства, главно во Чешка, останаа без струја.

Едно лице се удави во неделата во југозападна Полска, пожарникар кој учествуваше во спасувачките операции загина во Австрија, а уште две лица загинаа во Романија, каде поплавите однесоа четири животи во саботата.

Ќе се менува Законот за култура во делот на вработувањето на неопределено време на уметниците

Во Собранието денеска седница ќе одржи Комисијата за култура и туризам на која на дневен ред е Предлог на закон за изменување на Законот за културата, по скратена постапка.  

Како што се наведува во образложението, со донесување на Предлогот на закон за изменување на Законот за културата ќе се овозможи работниот однос на вработените од категоријата А –уметници, наместо да се заснова на определено време, односно за период до пет години, да се заснова на неопределено време, со што ќе се овозможи во континуитет да ги остваруваат правата од работен однос и правна заштита на работничките права.

Деветте нови лекови на позитивната листа од денеска во аптеките

 Од денеска во аптеките во земјата ќе се издаваат и деветте нови лекови на позитивната листа. На листата се додадени лекови за крвен притисок, за срцеви заболувања, анти-агреганси, лекови за третман на депресија и за деменција.

На товар на Фондот за здравство ќе бидат антикоангулансите Prasugrel и Ticagrelor, Nebivolol, Perindopril, Valsartan, Fenofibrate, лекови против висок притисок и високи масти, како и Escitalopram, Memantine, Duloxetine, кои се антидепресиви и лекови за третирање деменција.

Министерот за здравство Арбен Таравари најави дека на почетокот на следната година позитивната листа на лекови би можела да се дополни со уште некој лек.

- Од позитивната листа веќе од 16 септември пациентите можат тие девет нови лекови да ги земаат во аптека бесплатно. Значи, влегува во сила од понеделник. Ние подготвуваме платформа заедно со СЗО која што ќе обезбеди транспарентност на целиот процес при идното проширување на лековите. Исто така, препораки ќе имаме од СЗО, меѓутоа и од експертите внатре во државата. Ние би сакале сето тоа проширување на позитивната листа да биде што потранспарентно и што посеопфатна, тоа што најмногу им треба на граѓаните со што би ги намалиле, што помалку трошоците на нашите пациенти и граѓани, изјави Таравари минатата недела.

Тој истакна дека не може да вети дека во наредниот период на оваа позитивна листа ќе се најдат уште 10 лекови, но како што вели, гарантира оти на секои три-четири месеци ќе има надополнување од плус еден, два или три лека.

- Видете, ова е револуција на проблеми коишто 10 години не се решени. Последната позитивна листа е 2009 година, 2014 година само еден лек е надополнет и сега имаме девет лекови за 50 дена. Јас се надевам дека одма после Нова година ќе имаме проширување на листата. Велам многу сум среќен што наши партнери се претставниците од СЗО, ќе се обидеме да се придржуваме на платформата и на препораките што ни ги даваат, рече Таравари.

Тој ги повикува сите заинтересирани фармацевтски фирми, производители да конкурираат и да бидат активни, да им сугерираат за да како министерство и Влада бидат што потранспарентни и резултатот да биде што подобар за сите граѓани во државата.

притисни ентер