Србија на рекордно ниво од 28 милиони евра бруто девизни резерви

Овој износ на девизни резерви обезбедува покриеност на паричната маса М1 од 181,3 отсто и 7,2 месеци увоз на стоки и услуги, што е повеќе од двојно над стандардот што го одредува соодветното ниво на покриеност на увозот на стоки и услуги со девизни

Бруто девизните резерви на Народната банка на Србија (НБС) на крајот на октомври 2024 година изнесуваат 28.288 милиони евра, што е највисоко ниво на бруто девизни резерви досега, забележано на крајот на месецот. Во однос на крајот на септември тие се зголемени за 8,3 милиони евра, јави дописникот на МИА од Белград.

Овој износ на девизни резерви обезбедува покриеност на паричната маса М1 од 181,3 отсто и 7,2 месеци увоз на стоки и услуги, што е повеќе од двојно над стандардот што го одредува соодветното ниво на покриеност на увозот на стоки и услуги со девизни резерви.

Нето девизните резерви на крајот на октомври изнесуваат 24.033,5 милиони евра (бруто девизните резерви намалени за девизните средства на банките врз основа на задолжителни резерви, обврските кон Меѓународниот монетарен фонд врз основа на аранжмани и други основи). Споредено со крајот на септември тие се за 4,6 милиони евра пониски.

Народната банка на Србија посочи дека значајниот позитивен нето ефект на пазарните фактори во износ од 397,4 милиони евра влијаел врз зголемувањето на девизните резерви во октомври и во голема мера е резултат на растот на цената на златото во долари на меѓународниот пазар од околу 4,0 отсто и зајакнувањето на доларот во однос на еврото за околу 2,9 отсто на меѓународниот пазар.

Тежок удар за шампионските амбиции на Ферари по првиот тренинг во Абу Даби

Шампионските амбиции на Ферари во битката за конструкторската титула во Формула 1 во 2024 година доживеаја тежок удар по првиот тренинг пред Големата награда на Абу Даби.

По неговото завршување, беше откриено дека Шарл Леклер, кој беше најбрз во првите 60 минути од тренингот на „Јас Марина“, ќе биде поместен за 10 места назад на стартната линија за неделната трка. Причината е фактот што механичарите на Ферари беа принудени да вградат трета батерија во болидот на пилотот од Монако, негова прва дополнителна во сезоната. Според прописите на Ф1, ова предвидува автоматска казна од десет позиции, што ќе има многу сериозно влијание врз шампионските амбиции на Ферари.

Пред последното коло од сезоната, „црните коњи“ заостануваат од Мекларен со 21 поен и им треба совршен викенд за да имаат реални шанси да ја освојат првата титула во конструктори од 2008 година. Ова е добра вест за Мекларен, чија последна титула во конструктори беше во 1998 година.

Леклер нема да биде единствениот возач кој ќе одлежи казна по квалификациите во Абу Даби. Пилотите на Вилијамс, Алекс Албон и Франко Колапинто ќе бидат поместени пет места назад поради употребата на нови менувачи, кои се над дозволениот број од пет по сезона.

Барселона со нов план за справување со финансиските проблеми

Раководството на Барселона продолжува да се бори со финансиските проблеми на клубот и покрај тоа што потпиша договор за период од 14 години со „Најк“, кој на Каталонците ќе им донесе импресивни 1,7 милијарди евра.

Според локалниот печат, клубот се уште не го гарантирал пријавувањето на Дани Олмо и Пау Виктор, кои добија привремени дозволи на почетокот на сезоната. Тогаш Каталонците го искористија правилото кое дозволува пријавување на нови играчи во случај на сериозна повреда на некој од актуелните на списокот, кој ќе го извади од теренот повеќе од четири месеци.

Сепак, Барса е блиску до влез во фамозното правило 1:1, што се очекуваше да се случи веќе во текот на летото, а тоа ќе стане возможно по активирањето на уште еден финансиски лост од страна на клубот. Овој пат Каталонците ќе додадат уште 200 милиони евра со продажба на ВИП места во реновираниот објект во следните 10 години. Токму овој приход сега ќе ги додаде потребните средства, што ќе придонесе многу за да се намали финансискиот притисок и да се вклучат двајцата фудбалери на листата на пријавени за настапи.

Медиумите во Шпанија пренесуваат и дека сега Барселона ќе има поголема слобода во планирањето на селекцијата и обидот да привлече нови играчи. Сепак, не се очекуваат поголеми зделки во јануари.

Лидерот на сириските бунтовници: Режимот на Ал Асад е „мртов“

Лидерот на сириската бунтовничка алијанса, Абу Мохамед ал-Џулани, изјави дека нивната цел е да го соборат сирискиот претседател Башар ал Асад и да формираат нова влада.

-Режимот што Иранците и Русите се обидоа да го оживеат е мртов, рече Ал-Џулани за Си-Ен-Ен.

Ал-Џулани рече дека планира да воспостави систем на владеење во Сирија заснован на институции, а не систем во кој еден владетел носи, како што рече, произволни одлуки.

Ал-Џулани е водач на исламистичката група Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС) која водеше ненадејна офанзива против силите на Ал Асад минатата недела, што повторно ја разгоре сириската граѓанска војна по години ќор-сокак.

Бунтовничката алијанса оттогаш ја презеде контролата врз Алепо, вториот по големина град во земјата. Покрај повеќе од 200 села и позиции, неодамна ја зазедоа и Хама.

Следна цел е Хомс, кој се наоѓа на околу 40 километри јужно. Тој е трет по големина град во земјата и важен центар на патот кон Дамаск, брегот на Средоземното Море и Либан.

притисни ентер