Средба Сиљановска Давкова - Радев

Билатералните спорови да се решаваат во рамки на принципите и вредностите на ЕУ.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова оствари средба со бугарскиот претседател Румен Радев на маргините на Конференцијата за климатски промени – COP 29 во Баку, Азербејџан.

Во разговорот кој траеше еден час и се одвиваше во конструктивна атмосфера се разговараше за потребата од унапредување на македонско-бугарските односи, за надминување на отворените прашања меѓу двете држави, како и за можностите за продлабочување и динамизирање на билатералната соработка во повеќе области од взаемен интерес.

Двајцата соговорници ги изложија своите позиции во поглед на можните решенија за предизвиците на македонските евроинтеграции.

Претседателката ја подвлече важноста од продолжување на билатералниот политички дијалог на сите нивоа и притоа посочи дека треба да се почитуваат позициите и интересите на обете страни и дека решавањето на билатералните спорови треба да е во рамките на основните вредности и принципи на Европската Унија.

Таа нагласи дека односите треба да се развиваат врз основа на заемно почитување, поддршка и активна соработка што ќе придонесе за јакнење на довербата и пријателството меѓу двата народа.

Бугарскиот претседател Радев укажа на потребата од брзо решавање на отворените прашања, како и на потребата од воспоставување на добри односи во сите области од заемен интерес за полесно меѓусебно разбирање.

Во разговорот двајцата соговорници се согласија за организирање на официјални посети на кои ќе се конкретизираат заложбите за подобра севкупна соработка меѓу двете држави.

Фицо за време на посетата на Бразил бил поздравен како премиер на Југославија

Премиерот на Словачка, Роберт Фицо, кој неодамна беше во прва официјална посета на Бразил, беше претставен како премиер на Југославија, држава која повеќе децении не постои.

Поради здравствените проблеми на претседателот на Бразил, Луиз Инасио Лула да Силва, Фицо бил пречекан од потпретседателот Гералдо Алкмин.

Според Блумберг, Алкмин за време на свечениот ручек го поздравил Фицо како премиер на Југославија.

- Првпат премиер на Југославија го посетува Бразил и ние сме среќни и почестени, изјави Алкмин.

Фицо, не изреагирал на грешката на потпретседателот на Бразил./МИА

Став на СДСМ за случајот РЕК ("Адитив")

СДСМ го поддржува секој чекор насочен кон расчистување на евентуални злоупотреби на јавните ресурси и потенцијалната корупција. 

Одговорноста и транспарентноста се темелите врз кои ја градиме довербата на граѓаните во институциите. Никој не смее да биде над законот.

Бараме од институциите брза, транспарентна и темелна истрага која ќе ја утврди вистината.

Доколку постои вина, истата треба да се санкционира во согласност со законите.

Ги повикуваме Министерството за внатрешни работи, Обвинителството и сите релевантни институции да постапуваат професионално и без селективност.

СДСМ останува доследен на принципите на транспарентно и одговорно владеење, поттикнување на борбата против корупцијата и градење институции кои работат во интерес на граѓаните, се наведува во партисакото соопштение.

Сириските бунтовници пронашле голем склад со дрога со кој управувал братот на ал-Асад

Според извештаите, овие незаконски операции биле надгледувани од Махер ал Асад, брат на поранешниот претседател Башар ал Асад.

Безбедносните сили на новата сириска Влада денеска соопштија дека пронашле голем магацин за производство и складирање на дрога, вклучително и каптагон, наркотик наводно шверцуван од режимот на поранешниот претседател Башар ал Асад во богатите земји од Персискиот Залив, заработувајќи милијарди долари.

Според извештаите, овие незаконски операции биле надгледувани од Махер ал Асад, брат на поранешниот претседател Башар ал Асад. Се проценува дека во 2021 година сириската Влада заработила најмалку пет милијарди долари од продажбата на каптагонот, односно три пати повеќе од заработката на мексиканските картели, пишува „Дејли Меил“.

Сепак, производството на каптагон, кој исто така се нарекува фенетилин, наводно речиси во целост е запрено откако Асад побегна во Русија и исламистичките бунтовници ги зазедоа главните фабрики за каптагон во крајбрежните области на Сирија.

Неименуван европски функционер изјави дека производството на овој наркотик е намалено за 90 отсто, а останале само „мали, расфрлани“ лаборатории за производство на каптагон.

Безбедносниот аналитичар Николас Кроули предупреди дека намалувањето на шверцот и производството на наркотици можеби нема да потрае и тој очекува ирачките милиции поврзани со Корпусот на гардата на Исламската револуција на Иран да го искористат вакумот и повторно да ја покренат илегалната трговија.

Каптагон се смета за супстанца што ја користат борците, бидејќи им помага да се чувствуваат посилни и помалку уморни, а израелските медиуми тврдат дека борците на Хамас го консумирале овој наркотик непосредно пред нападот врз Израел на 7 октомври минатата година. /МИА

притисни ентер