Родители на децата реагираат дека веќе втор месец мора да плаќаат за да ги пратат децата на училиште, а некои oд учениците поради финансиски причини остануваат дома. Револтирани од ваквата ситуација, дел од најавија и тужби за Општина Прилеп поради овој проблем.
Родителите со кои исконтактиравме не информираа дека побарале средба со градоначалникот на Прилеп, Борче Јованоски, со цел решавање на ваквата состојба, но досега не дошло до состанок. Додаваат и дека со ваков проблем се соочиле и во минатото.
Од Општина Прилеп се запознаени со ваквата состојба и најавија решавање на проблемот во најскор можен рок. Од Општината информираат дека главниот проблем е со понудувачот на тендерот.
-Превозот на две лини од вкупно осум, кои што превезуваат средношколци до училиштата, во моментов не функционира. Проблемот е само со тие две линии, затоа што операторот на тендерот имаше понудено значително поголема сума од предвидената според спецификациите на тендерот. Постапката мораше да биде повторена, затоа што трае 30 дена според законските одредби. Понудите сега по вторпат се отвораат и се надеваме дека се ќе биде во ред. – Општина Прилеп
Инаку, согласно Законот за средно образование во Македонија, ученикот има право на бесплатен превоз ако местото на живеење е оддалечено најмалку два ипол километри од средното училиште во кое тој е запишан, и ако избраната струка и профил не е застапена во општината во која ученикот живее.