Стоилковиќ: Во Министерството за односи меѓу заедниците недостасувале 40.000 евра

Заменик претседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ вечерва изјави дека никогаш не бил направен попис во министерството со кое сега тој раководи. 

Како што рече, во касата на Министерството (претходно Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците) од каде се земале пари за да се патува во странство, не бил направен попис и недостасувале 40.000 евра.

- Сите проблеми што се детектирани се документирани и предадени на Финансиска полиција, Министерството за внатрешни работи и на Јавното обвинителство. Понатаму не е моја работа, одговори тој на прашање во емисијата „Само вистина“ на телевизија „Канал 5“.

Тој рече дека за 100 дена го „скоцкал Министерството“ и сега сите вработени „доаѓаат на работа, за разлика од претходно, каде што никој не доаѓаше на работа“.

Стоилковиќ рече дека задача на Обвинителството е да го гони криминалот, а негова, сѐ што нашол да приложи со докази.

Со поранешното Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците раководеше Артан Груби од ДУИ, кој истовремено беше и прв вицепремиер во Владата.

Трамп: Ќе ја завршам војната во Украина, доколку можам- помошта за Украина ќе биде помала

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека ќе ја заврши војната во Украина доколку може, додавајќи дека Украина може да очекува да не добие толку голема воена помош од САД кога ќе се врати на функцијата.

Тој во Париз приватно се сретна со францускиот претседател Емануел Макрон и со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кои на социјалните мрежи објавија дека разговарале за постигнување „праведен мир“ во војната на Украина со Русија, објави NBC.

Зеленски се приклучи во последните 10 минути од состанокот, изјави претставник на транзицискиот тим на Трамп.

Трамп рече дека нема да се обврзе дека САД ќе останат во НАТО, но доколку членките ги платат своите обврски, тој апсолутно ќе ја зачува американската улога во Алијансата. Трамп победи на претседателските избори, кои се одржаа на 5 ноември, пред кандидатот на демократите и американска потпретседателка, Камала Харис.

Тој ќе ја преземе функцијата претседател на 20 јануари 2025 година на церемонијата на инаугурација.

Археолозите тврдат дека го откриле саркофагот на Свети Никола (ФОТО)

Археолошките истражувања во турскиот град Демре доведоа до откривање на варовнички саркофаг, во кој можеби бил погребан ранохристијанскиот епископ Свети Никола.

Саркофагот е долг околу два метри, а бил закопан на длабочина од 1,5 метри. Има подигнат капак со закосени рабови, во согласност со погребните обичаи во областа.

Саркофагот е откриен во анексот на црквата Свети Никола, која била изградена во VII век, а од 1989 година е „под лупа“ на археолозите, пренесува The Sun.

Се верува дека овде некогаш почивал епископ, познат во христијанството како Никола Мирлиски и Николај Чудотворец. Светецот кој бил инспирација за создавање на ликот на Дедо Мраз, починал во 343 година.

Големото откритие е дел од проектот „Наследство за иднината“, предводен од професорката Ебру Фатма Финдик, а инициран од турското Министерство за култура и туризам.

„Нашата најголема надеж е да го најдеме натписот на саркофагот. Ова би помогнало да се разјасни кој е закопан во него и точниот период од кој потекнува. Очекуваме во наредните недели да најдеме повеќе индиции“, изјави Финдик.

Локацијата на гробот на Свети Никола долго се шпекулира, а откривањето на саркофагот им даде нова надеж на истражувачите. Истовремено, привлече големо внимание од локалните и светските медиуми, но и верниците.

„Откривањето на саркофагот може да укаже дека ова е навистина светата област што ја бараме. Ова е значајна археолошка потврда на историските извори за последното почивалиште на Свети Никола“, додаде Финдик.

Врз основа на древните животи, во кои се зборува за дарот на Свети Никола на трите ќерки на сиромашен човек, настанал обичајот да се даваат подароци за Божиќ. Во портата на црквата Свети Никола во градот Мири, каде некогаш почивале неговите мошти, е поставена статуа на светецот во ликот на Дедо Мраз, а до неа и вреќа со подароци со детски фигури.

Во 1087 година моштите биле пренесени и складирани во базиликата Свети Никола во Бари. Подоцна, дел бил преземен од морнари и пренесен во Венеција, за време на Првата крстоносна војна. Тие се погребани во црквата на манастирот Свети Никола на островот Лидо.

Со испитување на коскените фрагменти од двете локации, истражувачите утврдиле дека припаѓаат на иста личност, но дали се работи за Свети Никола, се дебатира и денес.

Притвор за осомничен за разбојништва и тешки кражби во Скопје- ограбувал жени и деца

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 26-годишник осомничен дека сторил повеќе кривични дела против имотот – разбојништва и тешки кражби.

Жртвите биле жени или малолетни девојчиња, кои осомничениот ги напаѓал на различни локации во Центар и Аеродром и притоа им одземал чанти, ранци, паричници, накит, телефони и други вредни предмети.

Обезбедени се докази кои даваат основано сомнение дека тој е извршител на најмалку пет вакви кривични дела, при што се стекнал со противправна имотна корист од околу 100.000 денари.

Бидејќи постојат околности кои упатуваат на опасност од бегство, можност да влијае врз постапката и особено веројатност да повторува вакви и слични кривични дела, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.

притисни ентер