Судскиот процес против Манчестер Сити ќе започне на 16 септември

Англискиот клуб Манчестер Сити ќе се појави на суд на 16 септември, информира ЕСПН. „Граѓаните“ се обвинети за 115 прекршувања на правилата на Премиер лигата, но и на УЕФА.

Англискиот шампион е предмет на истрага од 2018 година, која траеше пет години и откри не помалку од 115 прекршувања на прописите на Премиер лигата и УЕФА.

Обвинувањата опфаќаат период од 14 години, почнувајќи од сезоната 2009/10, при што 54 од нив се дека клубот не обезбедил точни и вистинити информации. Четиринаесет пријави се за неточни податоци за исплата на играчите и тренерите, седум се за прекршување на правилата за профит и стабилност во Премиер лигата, пет се за непочитување на правилата на УЕФА, вклучително и финансискиот фер-плеј.

Клубот од Манчестер е обвинет дека не ја објавил деталната плата на поранешниот менаџер Роберто Манчини, кој тренираше во периодот 2009-2013 година, како и за исплатите на некои играчи, меѓу кои и Јаја Туре. Има и обвинувања дека биле регрутирани малолетни фудбалери.

Клубот на Пеп Гвардиола ризикува испаѓање, но тешко дека судот ќе изрече таква казна, со поголема веројатност на тимот да му бидат одземени поени. На Евертон минатата сезона му беа одземени вкупно 8 поени за помали прекршоци. /МИА

Почнува театарскиот Фестивал за деца и младинци „Малиот принц“ во Штип

 На сцената на Центарот за култура „Ацо Шопов“-Штип вечерва во 19 часот почнува 12. издание на Фестивалот за деца и младинци „Малиот принц“.

Директорката на Центарот за култура „Ацо Шопов“-Штип, Кристина Атанасова Арсова на денешната прес-конференција истакна најмладата публика вечерва на отварањето на Фестивалот „Малиот принц“ ќе ја проследат претставата „Книголандија“, во изведба на ансамблот на Народниот театар Штип (НТШ).

-Во вторник во 12 и во 13.30 часот за нашите најмали првачиња од основните училишта решивме да и направиме едно изненадување, да им покажеме дека театарот е нивни пријател, не треба да го заборават, туку почесто да го посетуваат. Затоа што во театарот навистина има интересни игри и едукација, покрај образовниот систем. Затоа за нив утре ќе организираме „Театар на сенки“, според сликовницата „Касни порасни“ на Петре М.Андреевски, а всушност оваа претстава ни доаѓа од Детски креативен центар МКЦ. Исто така нашите актерки од НТШ ќе спроведат една работилница „Изработување на маски“, со цел децата да научат како ние ги изработуваме театарските маски, вели Атанасова Арсова.

На Фестивалот за деца и млади „Малиот принц“ најмладата публика ќе може да проследи вкупно пет тетарски претстави, гостуваат театри од Куманово, Битола, Скопје и од соседна Бугарија. Фестивалот се затвара на 19 септември со претствата „Приказни по телефон“ во изведба на актерите од Здружение за уметности и култура „Водолеј“ - Р. Бугарија. Сите претстави почнуваат во 19 часот, а цената на билетите е 100 денари.

Наскоро еден директор на цел Клинички центар и спојување на неколку болници

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска најави дека наскоро ќе има еден директор на цел Клинички центар, како и дека неколку болници ќе се спојат со здравствени домови.

Одговорајќи на новинарски прашања по промоцијата на новиот микроскоп во државната Очна клиника, Таравари потсети дека кога бил министер за здравство во 2017 година разрешил околу 30 економски директори. Неразрешени останале, рече, уште 10 до 15.

Според Таравари, има јасна анализа колку пари чиниле старо-новите советници кои претходно биле економски директори.

-Еден директор приближно примал плата околу 1 500 евра, па пресметајте. Но, наскоро ќе има еден директор на цел Клинички центар и неколку болници ќе се спојат со здравствени домови. Мислам дека сумата е значајна и со тие пари место да ги добива некој што може да биде одговорен во администрација на Клиниката, да не биде директор, би плаќале повеќе инвестиции во здравството, нови апарати, нови згради, реновирање клиники и јавни здравствени институции,... Целта беше таа, не е од сега таа цел. И во 2017 година кога бев министер за здравство разрешив сигурно околу 30 директори, останаа уште 10 - 15 неразрешени, истакна Таравари.

Мицкоски: Акцијата за даночно затајување е една од низата што ќе следуваат

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во врска со последната акција за даночно затајување рече дека таа е една од низата вакви истраги што ќе следуваат во следниот период. 

- Не би сакал сега да откривам детали, истрагата трае, мислам дека ќе биде епски голема, епски голем криминал, но она што можам да кажам дека ова е една во низата што ќе следат во следниот период септември-октомври, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања пред средбата со претставници на АХК Македонија, дел од мрежата на германските комори во странство и Македонско-Германското стопанско здружение.

Минатата недела беше спроведена акција за даночно затајување во фирми во Струмица, Скопје и Гостивар. Беа приведени четири лица, а државниот јавен обвинител информираше дека е оформен предмет за даночна измама и за перење пари и дека се сослушани три лица, а за едно се предложени мерки за претпазливост.

- Првичните информации се дека станува збор за милионски суми кои што се последица на неколку кривични дела, даночно затајување, даночна измама и перење пари. Во интерес на целокупната постапка не би можел да навлегувам во детали, почитувам пресумпција на невиност, изјави во петокот министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во Охрид.

притисни ентер