Во поединечна конкуренција на Државното првенство во кајак на мирни води што викендов се одржа во Струга, Кристијан Лазаров член на ККК „Арка-Борец“ од Велес го освои првото место и златен медал и пехар и стана државен јуниорски првак во категоријата К-1 јуниори. За МИА, изјава дека е пресреќен за освоената титула државен јуниорски првак.
- Се чувствувам пресреќен за успехот. Секогаш кога победувам сум среќен и тоа многу ми значи како нова мотивација успешно да продолжам понатаму на домашните и меѓународни натпревари, потенцира 18 годишниот Лазаров.
Тој информира дека во К-2 во јуниори- двосед тој заедно со неговиот клупски колега Благој Гугинов го освоиле второто место и сребрен медал и пехар.
Воедно во категоријата К-2 сениори двосед Кристијан Лазаров заедно со неговиот клупски колега искусниот и успешен кајакар Љубомир Спасиќ и негов тренер се пласирале на второто место со сребрен медал и пехар.
Во Струга викендов се одржа Државното првенство на Македонија во кајак на мирни води на кој учество земаа шест клуба од Дебар, Струга, Охрид и Велес со над 60 натпреварувачи.
Кајак Кану Клуб „Арка-Борец“ од Велес екипно го освои второто место и сребрени пехари во јуниорска и сениорска категорија, Првото место во сениорска и јуниорска конкуренција го освои Кајак клубот „Дрим“, додека третото место го освои КК „Црн Дрим“ двата од Струга. /МИА