Вештачката интелигенција го револуционизира учењето на странски јазици

Вештачката интелигенција (ВИ) го револуционизира начинот на кој луѓето учат странски јазици. 

Преку апликации како „Дуолинго“ и „Бабел“, учењето станува попристапно, ефикасно и пријатно. Со помош на овие персонализирани програми, кои се прилагодуваат на нашиот ритам, ниво на знаење и интереси, секој може да изучува некој од странските јазици преку своите електронски уреди. Но, иако практичен, овој начин на учење има свои недостатоци, како што се отсуството на човечка интеракција и ограничени комуникациски вештини.

Министерството за образование и наука смета дека примената на нови технологии во сферата на образованието е процес што е незапирлив и позитивен, при што од клучно значење е да се обезбеди одговорно користење на вештачката интелигенција, пред сè од етички аспект.

- Ова е процес со бројни предизвици и наша цел не е да го забавиме технолошкиот напредок во образованието туку да ги сведеме на минимум потенцијалните опасности. Затоа што, сегашните ученици ќе се вклучат на пазарот на труд во време кога примената на вештачката интелигенција нема да се смета како нова технологија туку ќе биде вклучена во сите сфери на живеењето и работата, и за тоа треба да бидат подготвени, посочуваат од МОН.

Оттаму велат дека нивните политики ќе бидат усогласени со најновите текови на европската легислатива во сферата на образованието, а во соработка со меѓународните партнерски институции и организации ќе го адресираат прашањето за одговорна, критичка и креативна употреба на вештачката интелигенција во образованието.

Професорката Анета Наумоска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје изјави дека долгорочно гледано треба да се направи добро разработен план за тоа како ВИ да се вклучи активно во наставата бидејќи реалноста е таква што ВИ нема да се изгуби.

- Треба синхронизирано и плански да се вклучи ВИ во наставата. Сега за сега сме на зачетокот на користење на ВИ во образовниот процес, но ни претстои уште долг пат за да биде имплементирана, вели таа, дополнувајќи дека е најважно да не сопираме, туку постојано да сме во тек.

Во однос на интересот за студирање на странски јазици на факултетот, таа вели дека намалениот интерес не се должи на експанзијата на вештачката интелигенција (ВИ), туку на фактот што студентите не се гледаат во функција на наставник или преведувач во иднина, тоа што го владеат англискиот јазик доволно да не го чувствуваат како предизвик за изучување и причината што на ФЛФ, не се изучува само јазикот туку и културолошките елементи на народите/земјите каде се говори тој јазик, книжевноста и историјата на јазикот.

Преку комбинација од ВИ и традиционални методи на учење, до оптимални резултати

Пресонализација на учењето, флексибилност и пристапност се само дел од предностите на изучување на странски јазици со помош на ВИ. Но, овој начин има и свои недостатоци, како што се недостиг на човечка интеракција, ограничените комуникациски вештини и зависност од технологијата.

Петар Сидеров, дипломиран инженер по информатички науки и компјутерско инженерство, појаснува дека процесот на изучување на странски јазици со помош на ВИ се базира на интеграција на напредни технологии за персонализација на учењето, автоматизација на рутински задачи и подобрување на интеракцијата со корисникот.

Според него, некои од клучните аспекти за веродостојноста на ВИ се технологијата на ВИ, односно која алатка ја користиме, методологијата на користење, ангажманот на ученикот и ограничувањата и предизвиците.

Во однос на предности од изучување на странски јазици со ВИ, тој ги набројува пресонализација на учењето, флексибилност и пристапност, подобрување на мотивацијата и автоматизација на рутинските задачи. Како главни недостатоци ги потенцира недостигот на човечка интеракција (емотивна интелигенција и културни нијанси), ограничени комуникациски вештини, технолошки ограничувања и зависност од технологијата.

- За оптимални резултати, најдобро е да се комбинираат ВИ алатките со традиционалните методи на учење кои вклучуваат директна интеракција со наставници и други ученици, вели Сидеров.

Тамара Димитриевска, дипломиран инженер по информатички науки и компјутерско инженерство, се надоврзува дека ВИ може да го анализира напредокот на учениците и да ги приспособи лекциите на нивно ниво.

- Овој вид на изучување е генерално доверлив и ефективен за многу ученици. Сепак, ефективноста може да варира во зависност од квалитетот на алатката за ВИ, посветеноста на ученикот, како и сложеноста на јазикот, вели таа.

Како предности Димитриевска ги нотира персонализација, ефективност, следење на напредокот на ученикот, интеракција, а како негативности недостиг на човечка интеракција, варијација на квалитет, технички проблеми, зависност од технологија, мотивација и дисциплина.

За професорката Наумоска, ВИ е адаптабилна и нуди можности да се осовремени наставата.

- Последниве години забележувам раст на студенти кои носат лаптоп на часовите, со што се олеснува наставата. Начините на изучување странски јазици се менуваат од година за година и треба, како наставен кадар, да сме постојано во тек со сите новости. Предност на користењето на ВИ во наставниот процес е и тоа дека им се дава автономност и само-одговорност на студентите, а и можностите за критичко размислување се поголеми. За да има видливи резултати, и самите професори треба да се добро информирани за тоа како да организираат вежби на час, вели Наумоска.

Според неа, колку што постојат предности, толку има и недостатоци, односно злоупотреба на ВИ за полесно положување на испити, и општо, полесно завршување на факултет.

На прашањето колку студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје користат ВИ во своето образување, професорката вели дека не користат.

- Знам дека генерализирам, и секако, постојат по 1-2 исклучоци во секоја генерација, но во суштина студентите го злоупотребуваат ВИ за препишување во која било форма и на кој било предмет. Се чувствува како да не сакаат да го користат својот мозок за да напишат нешто, туку тие го гледаат ВИ како начин за полесно „проаѓање“ на предмет, вели таа.

Сидеров смета дека вештачката интелигенција (ВИ) претставува значајна трансформација во многу професии, вклучувајќи го и предавањето на странски јазици, но дека е далеку од комплетно заменување на наставниците.

- Додека ВИ нуди многу предности и може да автоматизира одредени аспекти на учењето и предавањето, таа, исто така, носи и предизвици и потенцијални опасности за професиите во овој сектор. Но, сепак, сè уште сме далеку од комплетно заменување на наставниците со ВИ, бидејќи предавачите се фокусираат на човечко искуство и емпатија која што ВИ го нема, вели тој.

Димитриевска е согласна дека ВИ не претставува егзистенцијална опасност за повеќето професии, но, вели дека ги трансформира овие улоги.

- ВИ може да се справи со рутински задачи како што е оценување, обезбедување вежби, што им овозможува на наставниците да се фокусираат на посложените аспекти на наставата. Тие може да користат ВИ за подобрување на нивната настава, а ВИ сама по себе не може целосно да ги реплицира, вели Димитриевска.

МИА стапи во контакт со повеќе центри за странски јазици од каде не се согласија на официјална изјава, но, неофицијално посочија дека вештачката интелигенција е нова тема за нив и засега не забележале разлика во однос на бројот на слушатели на нивните курсеви по странски јазици.

Тие сметаат дека ВИ може да помогне во изучувањето на странски јазици и дека голем дел од професорите веќе ја користат вештачката интелигенција во приготвувањето на наставата.

Од Младинскиот образовен форум одговорија дека немаат експертиза во ова поле за да дадат одговор на нашите прашања за влијанието на ВИ во образованието. Одговор не добивме ниту од Форумот за образовни промени./МИА

Активни 15 пожари, најкритично на планината Серта, армијата испраќа дополнителен број војници

15-ина пожари и натаму ја пустошат Македонија.Најкритично е на планината Серта, состојбата е непредвидилива и со пожарите околу Росоман, а добра вест е што пожарот кај Радовиш е ставен под контрола.

Oд денеска дополнително се активира и армијата.

Во живо во овие вести ја вклучуваме Елизабета Дамјаноска Спасеновска. Бети, ти си над селото Пепелиште.

Каква е попладнево состојбата на Серта и уште колку војници тргнуваат на помош?

Целиот извештај погледнете го во видеото.

Маж се удави во Дојранското Езеро

Претпладнево во 10:10 часот во СВР Струмица било пријавено дека во Дојранско Езеро се удавил маж. 

Според информацијата од полицијата, машкото лице скокнало во водата од чамец, пливало неколку метри, по што се удавило.

-Полициски службеници од ОВР Гевгелија се на местото на настанот. Запознаен е јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Велес, а повикани се нуркачки екипи за пронаоѓање на лицето, информираа од СВР Струмица.

Засега не се соопштува идентитетот на удавениот, а повеќе детали од полицијата најавуваат за подоцна.

Муцунски на средби со Хулман и Шљиванчанин

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес оствари одвоени средби со амбасадорката на Швајцарската Конфедерација, Вероник Хулман и вршителот на работите во Амбасадата на Црна Гора, Велимир Шљиванчанин.

На средбата со Амбасадорката на Швајцарија беше изразено заемно задоволство од развојот на билатералните односи меѓу двете земји изминатите три децении и беше потенцирана заедничката подготвеност за одбележување на 30 годишниот јубилеј од воспоставувањето на дипломатските врски. Воедно, беше поздравена успешната долгорочна соработка во рамки на швајцарската развојна програма, меѓудругото, наменета и за поддршка на реформите за постигнување на европските стандарди и вредности во нашата земја. Притоа, Муцунски истакна дека Швајцарија е наш значаен билатерален донатор, изразувајќи благодарност за оваа континуирана поддршка.

Министерот Муцунски, на средбата со вршителот на работите во Амбасадата на Црна Гора, се заблагодари за укажаната помош во опрема во справувањето со огнените стихии. Воедно, стана збор за евроинтегративните процеси на двете земји, при што беше истакната потребата од нивно забрзување во интерес на регионалната стабилност. Беа разменети мислења и за сојузништвото во рамки на НАТО и регионалната соработката во контекст на справувањето со актуелните безбедносни предизвици.

Соговорниците се осврнаа и на актуелни регионални и меѓународни теми, при што беше искажана заемна подготвеност за натамошна соработка во рамки на мултилатералните формати.

притисни ентер