Владата ќе ја разреши Афрона Верзиволи од главен ревизор на ИПА фондови

Од Владата велат дека сега најважно е вниманието да се насочи кон истрага за сомнежите за злоупотреби на ИПА Фондовите.

По најавите од Делегацијата на ЕУ дека ќе испитува дали Владата поставила несоодветна ревизорка за контрола на европските пари во Македонија, од „Илинденска“ бр.2 соопштија дека назначената Афрона Верзиволи утре ќе биде разрешена од местото ревизор на ИПА фондовите. Образложение нема, ниту пак објаснување дали таа на 30 јули била именувана иако не поседувала лиценца за ревизор..

Од Владата велат дека сега најважно е вниманието да се насочи кон истрага за сомнежите за злоупотреби на ИПА Фондовите, за кои велат постои и пишан траг и нотификација од Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ).

- Ја известуваме јавноста дека назначената Афрона Верзиволи во текот на утрешниот ден ќе биде разрешена од местото ревизор на ИПА фондовите. Пренасочувањето на вниманието кон други теми го толкуваме како бегство од одговорност за ваквите злоупотреби. Одговорност ќе има – велат од Владата..

Реагираа и од „Вреди“, на чиј предлог е назначена Верзиволи. Од коалицијата објаснуваат дека тие уште пред неколку денови го повлекле нејзиното именување како ревизорка на ИПА фондовите, но и признаваат дека таа немала соодветен сертификат.

-Ја информираме јавноста дека коалицијата ВЛЕН уште пред неколку дена го повлече именувањето на Афрона Вервизоли како ревизорка на ИПА фондовите. Иако Вервизоли има одлично CV и значително професионално искуство, донесовме одлука таа да биде привремено заменета со друг кадар од нашите редови. Оваа одлука е направена со цел да се осигура дека сите строги стандарди и барања на Европската Унија ќе бидат целосно исполнети, додека Афрона ја заврши својата обврска со добивање на сертификатот, велат од „Вреди“.

Од СДСМ, пак, сметаат дека Верзиволи ќе биде повлечена благодарение на нивниот притисок и оној од јавноста. Од опозициската партија реагираат дека Мицкоски е решен, како што велат, по секоја цена, да постави блиски луѓе, па откако ќе сфати дека не поминуваат во јавноста, ги повлекува.

- Благодарение на притисокот на СДСМ и јавноста, уште еден таков кадар Афрона Верзиволи, ќе биде повлечен. Но, очигледно Мицкоски нема да се откаже од овој начин на именување кадри. За него и ВМРО-ДПМНЕ број еден приоритет е послушноста и партиската припадност, а квалификациите изгледа се на последно место. Токму оваа политика ги обесхрабрува граѓаните и професионалците кои ја губат довербата во институциите и бараат работа надвор од државата. Не е ни чудно што владата е катастрофа, со ваква кадровска политика не може повеќе да се очекува – стои во реакцијата на СДСМ.

Биографијата на Верзиволи не беше објавена, а по инфомациите во јавноста дека таа имала единствено искуство од работа во банка, случајот предизвика интерес и во Делегацијата на ЕУ во Скопје, од каде најавија дека ЕУ внимателно ќе ги испита именувањата од оваа перспектива, нагласувајќи дека „важно е сите назначувања на надлежни позиции во државните институции да се вршат со почитување на сите законски услови за работното место и релевантна стручност“.

Претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска за Канал 5 потврди дека и тие постапуваат по пријава за назначување на несоодветно лице за главен ревизор на претпристапната помош од ЕУ и дека доставиле барања до Владата и Ревизорското тело за ИПА фондови во Скопје за информации за нејзината стручност и дали ги исполнува законските услови за да биде главен ревизор за ИПА фондовите.

Главниот ревизор за ИПА фондовите и целото ревизорско тело отчет даваат пред ЕУ, а за оваа позиција постојат строго дефинирани услови.

Законот за бранители останува заглавен–Гаши за Канал 5: Немам право да ја свикам комисијата

Африм Гаши дефинитивно нема да свика нова комисиска седница со Законот за бранители. 

За Канал 5 вели дека ингеренциите во овој случај се само кај претседателката на комисијата за социјална политика Илире Даути, а тој лично не го крши Деловнкот. За да се решат сите недоречености кои се злопотребуваат од страна на пратениците, најави дека ќе бара да се разгледуваат во собраниската комисија за деловнички прашања. Меѓу нив, и за Законот за бранители кој Даути од „Европскиот фронт“ одбива да го стави на дневен ред.

-Деловникот во член 126 не вели дека „ако претседателот на комисијата одбива да стави конкретен закон“, туку „ако претседателот на комисијата не свика седница“. Со тоа што Илире Даути свика седница во рамки на роковите, не можам да свикам, деловникот ми го одзема правото да интервенирам и да назначам друг пратеник да ја води седницата. Во овие четири месеци увидовме неколку недоречености како овој со Законот за бранители, како двојната функција на Талат Џафери, и уште неколку други прашања кои наскоро планирам да ги решиме преку комисијата за деловнички прашања - тие да одлучуваат и да носат заклучоци за следната измена на собранискиот деловник,-Африм Гаши – претседател на Собрание.

За законот со кој се уредуваат правата на припадниците на безбедносните сили и нивните семејства сите партии на Албанците се против бидејќи не вклучувал права и за борците на ОНА. Министерот Арбен Таравари од коалицијата „Вреди“ смета дека сега воопшто не е време да се отвора ова прашање.

-Не знам зошто се драматизира Законот за бранители. Ова е седми пат законот е носен 2002, 2005, 2007, 2009, 2013, 2015, и сега мислам дека не е моментот да се разговара на такви теми. Така да, мислам дека таа точка сега за сега нема да се третира, нема ни да помогне, меѓутоа ништо трагично зошто толку драматизираат овие партии опозициски, посебно албански-Арбен Таравари – министер за здравство, коалиција „Вреди“.

Во владината коалиција темата за бранителите досега не била отворена. Премиерот Мицкоски го повтори неговиот став дека од него имаат поддршка, но за собранискиот заплет ја прозва претседателката на комисијата Даути.

-Не, не сме разговарале на оваа тема. Ние јасно сме го кажале нашиот став во минатото, бранителите ја имале, ја имаат и ќе ја имаат мојата поддршка,-Христијан Мицкоски – премиер на Македонија.

Новинар: Но Илире Даути не го става законот на комисиска седница, практично законот е во фиока.

Мицкоски: Ќе треба да ја прашате Илире Даути... Па треба да го стави на дневен ред.

Предлог-измените за законот ги предложи Славјанка Петровска од СДСМ, а за гласањето на дневниот ред доби поддршка и од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Со нив се предвидува еднократен надоместок за нематеријална штета од 80.000 евра за семејствата на загинатите војници и полицајци од 2000та до денес.

Есенска кошничка уште нема

И покрај најавите дека граѓаните од оваа недела ќе купуваат поевтини прехранбени производи – сепак ќе треба да ја почекаат есенската кошничка.

Производителите, трговците и Владата неделава треба да седнат и ќе разговараат за да се најде најдобриот начин како да се намалат цените. Премиерот Христијан Мицкоски вели побарал утрово од министерот за економија да разговара со бизнисот и откако ќе се усогласат ставовите да се делува.

Дали ќе има намалување на маржите или ограничување на цените во есенската кошничка, во која треба да влезат над 100тина производи, наместо утре, според најави од премиерот ќе се знае идната недела, а мерката според него нема да биде задоцнета.

„Не е поентата ние како Влада на сила да ги правиме работите...имаме намера да разговараме со сите засеганати страни и сите заедно да направиме за доброто на државата...Мислам и производителите и трговците од една страна и ние како влада од друга страна им мислиме добро на Македонија и граѓаните....Ние не сакаме тие да бидат исфрустрирани поради таквиот однос на Владата... Утрово разговарав со министерот Дурмиши и очекувам дека после овој дијалог ќе изелеме со некоја позиција...“ -изјави Христијан Мицкоски – претседател на Влада.

Од опозициската СДСМ реагираа дека Владата ги излажала граѓаните. Според нив наместо замрзнување на цените, власта ги замрзнала платите. Граѓаните кои ги анкетиравме се жалат секојдневно се соочуваат со нов раст на цените, бараат надлежните да реагираат час поскоро.

„Треба како да не треба хаос е во таа сфера. Цените надвор се поповолни....“

„Има промени во цените посебно на пазарот на зеленчукот....“

„Многу е скапо... Млечните производи се премногу скапи, па и месото....“

И додека се чека носењето на есенската кошничка, на крајот на идната недела треба да почне примената на Законот за забрана на нефер трговски практики, со кој маржата на над 2 500 проивзоди ќе се ограничи до 10 %. Од владата и натаму остануваат на ставот, законот е тука, но доколку бизнисот побара одлагање на неговата примена ќе се излезе во пресрет, но премиерот не очекува со стапувањето на сила на законсокото решение цените да бидат значетелно намалени.

Радев: Нема провокација, сите почести Сиљановска ќе ги добие кога ќе дојде во официјална посета

Посетата на македонската претседателка Сиљановска Давкова во Софија била неформална и затоа не било истакнато македонското знаме за време на средбите и на официјалните фортографии.

Посетата на македонската претседателка Сиљановска Давкова во Софија била неформална и затоа не било истакнато македонското знаме за време на средбите и на официјалните фортографии. Ова во изјава за бугарските медиуми го истакна бугарскиот претседател Румен Радев, кој наводите за провокација од бугарска страна ги нарече шпекулации, додавајќи дека официјално Скопје премногу се фокусирало врз формата, а не врз содржината на средбата. Истата ја оцени како контруктивна и во пријателски дух, посочувајќи дека Македонија немала проблем со Бугарија, туку со исполнувањето на условите од преговарачката рамка.

„Нема место за шпекулации со никакви провокации, средбата беше многу конструктивна. Реализиравме еден многу искрен и конструктивен разговор во пријатна атмосфера, назависно од тоа што средбата имаше целосно неформален карактер. Очекувам овој деклариран стремеж за отвореност и конструктивност да биде прифатен и од владата на Македонија, но да биде јасно дека тоа не беше ниту државна, ниту работна посета и јас се надевам дека во многу скоро време претседателката на Македонија ќе дојде и во државна посета на која со сите официјални церемонии по протокол, ќе допринесе за понатамошно развивање на нашите односи“, – Румен Радев, претседател на Бугарија.

Преходно во гостување на бугарската национална телевизија и советникот на Радев, Димитар Стојанов малку зајадливо го бранеше случајот со неистакнувањето на македонското знаме.

„Тоа не е, пак ќе кажам, ниту официјална, ниту државна, ниту работна посета. Дали ако некој државник од соседна држава дојде да пие кафе во Бугарија ние треба да ставиме знамиња во кафулето? Се разбира дека не“, – Димитар Стојанов, Советник во кабинетот на бугарскиот претседател.

Во меѓувреме пак по кадровската промена во македонскиот тим од Мешовитата историска комисија со Бугарија неизвесно е одржувањето на следната средба помеѓу историчарите од двете земји, која беше предвидена за 18-ти или 19-ти месецов. Неофицијално, според извори од Комисијата средбата нема да се одржи во наредните денови, поради тоа што се уште не е официјализиран новоизбраниот состав од македонска страна, иако тој беше утврден на затворена владина седница минатата недела. За кога ќе биде пролонгирана следната средба на Мешовитата македонско-бугарска историска комисија, од македонскит тим не презиираат, но најверојатно тоа ќе се случи во текот на наредната или понаредната седмица.

притисни ентер