Во океаните годишно завршуваат неверојатни 30 милиони тони пластика

Годишно во светот се произведуваат 460 милиони тони пластика, оваа бројка е двојно зголемена за десет години и не покажува тренд на опаѓање, пренесуваат податоците на France24 по повод Денот на животната средина.

Од 2000 до 2019 година тој број е повеќе од двојно зголемен и нема знаци за пад на производството, па доколку не се преземат мерки, глобалното производство ќе се зголеми речиси тројно до 2060 година, достигнувајќи 1.231 милиони тони пластика.

Според ОЕЦД, пет години е максималниот животен век на речиси две третини од пластиката што се произведува секоја година. Претежно користена за пакување храна (31 отсто) и текстил и стока за широка потрошувачка (20 отсто), оваа пластика често завршува како отпад по една или само неколку употреби.

Во 2019 година во светот беа произведени 353 милиони тони пластичен отпад. Уделот на отпадот драматично варира во различни земји и групи: 21 отсто доаѓа од САД, а 28 отсто доаѓа од другите земји на ОЕЦД, додека 19 отсто доаѓа од Кина и 5 отсто од Индија. Останатите 27 проценти доаѓаат од остатокот од светот.

Просечното количество пластичен отпад произведен по лице годишно во Европа е 35 килограми, според Евростат. Таа бројка одговара на приближно 1000 шишиња со капацитет од 500 ml. Севкупно, во ЕУ годишно се произведуваат околу 30 милиони тони пластичен отпад.

Девет проценти е процентот на пластичен отпад рециклиран на глобално ниво во 2019 година, според ОЕЦД. Половина од преостанатиот пластичен отпад оди на депониите, 19 отсто се согорува, а 22 отсто се отстранува во природата или се согорува на отворено. Вкупно 22 милиони пластични предмети секоја година завршуваат во природата.

Според ОЕЦД, пластиката придонела 3,4 отсто во глобалните емисии на стакленички гасови во 2019 година. Освен што создава загадување, пластиката значително придонесува за климатските промени. Повеќето од овие емисии доаѓаат од производството и преработката на фосилни горива, бидејќи повеќе од 99 проценти од пластиката е добиена од нафта, гас и јаглен.

Ако нивната употреба продолжи да се зголемува, како што е предвидено, емисиите поврзани со пластиката ќе сочинуваат 15 отсто од вкупните глобални емисии на јаглерод до 2050 година, според проценките на Хјуман рајтс воч.

Се проценува дека меѓу 400.000 и еден милион луѓе во земјите во развој годишно умираат од болести поврзани со лошото управување со отпадот, особено од отровните испарувања што се ослободуваат од согорувањето на пластичен отпад, се вели во студијата на британската агенција Tearfund.

Во водната средина, 139 милиони тони пластичен отпад се акумулирале помеѓу 1970 и 2019 година, според ОЕЦД, од кои 109 милиони тони во реките и езерата и 30 милиони тони во океаните. Се проценува дека секоја минута пластика еднаква на волуменот на камион за ѓубре завршува во океанот.

100.000 морски цицачи умираат секоја година од голтање или заплеткување во пластика, според различни студии. Покрај мрежите и пластичните кеси, океаните се преполни со микропластика - ситни парчиња со дијаметар помал од 5 мм што се резултат на распаѓање на кеси, шишиња, гуми, догорчиња од цигари, влакна од облека и друго.

Сините китови внесуваат 10 милиони парчиња микропластика дневно, според студијата објавена во Nature во 2022 година. Луѓето голтаат пет грама пластика секоја недела, што е еквивалент на кредитна картичка, според австралиската студија објавена во 2019 година.

Фламенго по само пет месеци го отпушти Сампаоли

 Бразилскиот прволигаш Фламенго објави синоќа дека ја раскина соработката со аргентинскиот фудбалски стратег Хорхе Сампаоли по неуспехот во финалето на бразилскиот куп против Сао Паоло (0-1, 1-1).

-Тренерот Хорхе Сампаоли и неговиот стручен тим веќе нема да го водат црвено – црниот тим, објави Фламенго на социјалните мрежи, посакувајќи му на аргентинскиот стратег „среќа“ во продолжението на кариерата.

Сампаоли е отпуштен по само пет месеци откако дојде во Фламенго од редовите на шпанска Севиља, каде, исто така, претходниот ангажман му траеше пет месеци.

Сампаоли со Фламенго потпиша договор до крајот на 2024 година, и според локалните медиуми, клубот поради предвремениот раскин на соработката ќе треба да плати обесштетување од 1,8 милиони евра.

Медиумите наведуваат дека главен кандидат за наследник на Сампаоли на клупата на клубот од Рио де Жанеиро е поранешниот бразилски селектор Тите.

Утре без вода дел од булеварот „8-ми Септември“

Од ЈП Водовод и канализација - Скопје информираат  дека водоснабдувањето ќе биде прекинато од 9:00 часот до завршување со санација на дефектот. 

Поради дефект на затворач ф-300 мм на крстосницата бул.„8-ми Септември“/ бул. „Партизански Одреди“, утре прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од бул. „8-ми Септември“, додека намален притисок на водоснабдувањето ќе имаат корисниците ул. „Дрезденска“ и „Анкарска“.

Од ЈП Водовод и канализација - Скопје информираат дека водоснабдувањето ќе биде прекинато од 9:00 часот до завршување со санација на дефектот.

Лавров: САД и НАТО да ја препознаат одговорноста за ситуацијата во Авганистан

Русија очекува САД и НАТО да ја препознаат одговорноста за ситуацијата во Авганистан, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Целосното обединување на напорите на земјите од регионот и земјите од НАТО е можно само доколку Алијансата ја признае одговорноста за катастрофалниот исход од нејзиното воено присуство во Авганистан, се вели во обраќањето на рускиот министер на 5. состанок за Авганистан во „московски формат“ кој се одржува во Казан.

Неговиот говор го прочита специјалниот претставник на рускиот претседател за Авганистан, Замир Кабулов.

Лавров посочи дека земјите од Западот нанеле непоправлива штета на народот на Авганистан и затоа мора да го понесат најголемиот товар за обнова на земјата во постконфликтниот период.

„Во врска со тоа, блокадата на авганистанските сметки што ја спроведува Вашингтон е контрапродуктивна и само ја отежнува ситуацијата и ги влошува тешките услови во кои живеат Авганистанците“, наведе Лавров.

Како што додаде, Москва смета дека враќањето на воената инфраструктура на САД и НАТО на територијата на Авганистан и соседните земји е неприфатливо, без оглед на причините за таквиот чекор.

На средбата во Казан учествуваат претставници на Авганистан и на соседните земји.

Фото: ЕПА

притисни ентер