Во Прилеп отворен Фестивалот на пивото

Во големо расположение, музика, забава и дегустација на пенлив пијалак и вкусна скара, во Прилеп синоќа беше отворен Фестивалот на пивото, втора година по ред насловен – „Пиво-викенд Прилеп“. 

Традиционално, повеќе од 22 години, штандовите се поставени на булеварот „Гоце Делчев“ во центарот на градот.

Фестивалот официјално за отворен го прогласи прилепскиот градоначалник, посакувајќи трите дена, до недела, сите гости и посетители да поминат убави летни мигови.

- Сите капацитети се полни, уреден е јавниот ред, а секако и паркинг просторот во зони за да може сите посетители и гости да стигнат и да уживаат овој викенд во Прилеп. Градот е препознатлив по овој фестивал кој освен вечерна забава, на гостите им нуди прошетки и разгледување на знаменитостите. Во секој случај, Фестивалот носи и голем бенефит. Со посебни одлуки е продолжено и работното време на трговците и дуќанџиите, изјави градоначалникот Борче Јовчески.

Во градот има голем број посетители, а организаторот, Дарко Крстески, проценува дека за трите дена (од петок до недела) се очекуваат 50. 000 до 60. 000 посетители на Фестивалот на Пивото.

Музика и забава има за сите возрасти, а гости од земјава и странство. Посебно нашинците кои се на сите страни од светот и носат свои гости./МИА

Фон дер Лајен ја прифати оставката на еврокомесарот Бретон

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен ја прими и ја прифати оставка на европскиот комесар за внатрешен пазар Тиери Бретон, информира денеска заменичката главна портпаролка на ЕК, Аријана Подеста. 

- Претседателката му се заблагодарува за неговата работа како комесар во текот на целиот мандат, особено за усвојувањето на Законот за дигитални услугите, Законот за дигиталните пазари и други важни дигитални и индустриски регулативи, изјави Подеста.

Таа одби да ја коментира содржината на писмото со оставката и обвинувањата на Бретон, посочувајќи дека тоа пристигнало утрово и дека се уште не е анализирано.

Европскиот комесар за внатрешен пазар и француски кандидат за член на идната Европска комисија, Тиери Бретон денеска упати писмо до Фон дер Лајен во кое ја информира дека поднесува оставка на функцијата и ја повлекува својата номинација за иден еврокомесар.

Во писмото, што го објави на Икс, Бретон ја обвинува Фон дер Лајен дека „го саботира“ и дека „создава неред“ за време на транзицијата кон новите институции на ЕУ, како и дека последните случување се „дополнително сведоштво за сомнителното раководење“ од нејзина страна. Тој тврди и дека Фон дер Лајен и понудила на Франција „повлијателен ресор“ во новата Еврокомисија, доколку Париз предложи друг кандидат место него.

Демаршот на бугарскиот амбасадор ќе биде врачен од директорот на Директоратот за регионот

Демаршот на бугарскиот амбасадор ќе биде врачен од директорот на Директоратот одговорен за регионот, а не од министерот Муцунски

Протестната нота на бугарскиот амбасадор во земјава Желјаско Радуков, заради фотографирањето пред бугарското знаме на претседателите Румен Радев и Гордана Сиљановска на средбата завчера во Софија, ќе му биде врачена денеска од директорот на Директоратот одговорен за регионот, а не од министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, велат извори од МНР.

Според истите извори, за овој настан не било реагирано директно на средбата во Софија, бидејќи, велат, постојат протоколи за да се реагира за овој тип на ситуација.

Велат дека пред самата средба на шефовите на државите бил јасно утврден протоколот и прашањето на коешто МНР ќе побара одговор е зошто бугарската страна отстапила од претходно утврдениот протокол.

Извори од МНР велат дека сепак е конструктивно што е остварена средба меѓу претседателите на Северна Македонија и на Бугарија. Дополнуваат и дека на работниот ручек не било отворено прашањето за предлогот на државава за уставни измени со одложено дејство. Велат дека за тоа ќе се разговара откако во Бугарија ќе се избере политичка влада.

Претходно, денеска и премиерот Христијан Мицкоски рече дека ќе му биде врачена протестна нота на бугарскиот амбасадор во земјава, повторувајќи дека како држава сме секогаш подготвени на добрососедските односи да возвратиме со добрина, но кога ќе видиме дека се поминати црвените линии ,тогаш ќе мораме да интервенираме.

- Во минатото кога се понижуваше и распродаваше македонското достоинство, тогаш се молчеше, се виткаше кичмата и се согласуваа со тие што не понижуваа и газеа. Сега се решаваат работите на овој начин, дипломатски, се испраќаат протесни ноти и нема повеќе да имаме меѓународна политика ниту дипломатска со свиткана кичма. Тогаш кога ќе се помине рубиконот, кога ќе се помине црвената линија, тогаш треба и да се реагира. Затоа што вие ако не реагирате, тој исклучок потоа ќе стане пракса, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања пред средбата со претставници на АХК Северна Македонија, дел од мрежата на германските комори во странство и Македонско-Германското стопанско здружение.

Како што посочи, македонската делегација за непоставувањето на државното знаме не реагирала веднаш во знак на почит на двајцата пилоти, кои истиот ден го загубија животот во авионска несреќа.

Од Кабинетот на претседателката Сиљановска - Давкова во саботата најавија дека ќе побараат објаснување за фотографијата пред бугарското знаме направена во Кабинетот на претседателот на Бугарија иако, како што нагласија оттаму, ваков потег и чин не бил предвиден, ниту договорен.

- Она што фрли сенка на настанот е отстапувањето од договорениот протокол за средбата, според кој, не требаше да има фотографии во рамките на затворениот простор. Но, за жал, пред почетокот на тет-а-тет средбата, претседателот Радев ја покани претседателката да направат заедничка фотографија пред бугарското знаме, иако ваков потег и чин не беше предвиден, ниту договорен. Сакаме да веруваме дека се работи за протоколарен превид, а не за намерна постапка и отстапка од договореното и веќе утре ќе побараме објаснување од бугарска страна, наведоа од Кабинетот на претседателката Сиљановска Давкова.

Опозициската СДСМ и вчера реагираше за посетата на Софија, обвинувајќи дека претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и ВМРО-ДПМНЕ ја загрозиле македонската самобитност и македонски идентитет. ВМРО-ДПМНЕ, пак, во реакција на прес-конференцијата на СДСМ наведе дека „не се потребни лекции од партија која кога беше на власт ја воведе државата во безброј дипломатски кризи и меѓународни понижувања.“

Средбата на Радев и Сиљановска Давкова беше дел од активостите на македонската претседателка при посетата на Софија по повод присуство на настапот на македонската опера во Софија со „Набуко“, како чекор од културната дипломатија. Во македонската делегација беа и министрите за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски и за култура Зоран Љутков.

Новоименуваниот амбасадор на Бугарија Желјаско Радуков и ги предаде акредитивните писма на претседателката Сиљановска Давкова на 10 септември, заменувајќи го досегашниот амбасадор Ангел Ангелов.

Абази: Да се истражат тендерите кои ги добила фирмата „Ритрон копи“ од Куманово

Да се истражи дали тендерите кои ги добила фирмата „Ритрон копи“ од Куманово се последица на политичко влијание.

Фирмата „Ритрон копи“ ДООЕЛ, увоз-извоз од Куманово, чиј сопственик е внук на пратеникот на т.н. Европски фронт Елми Азири, во период од само една година, од државни институции наплатила вкупен износ од 7 милиони денари. Речиси во сите државни институции во тој период, раководители се кадри на Артан Груби и ДУИ. Сега стана јасно зошто пратеникот Елми Азири беше еден од најгласните поддржувачи на коалицијата на Зијадин Села со Али Ахмети, соопшти на денешната прес-конференција Бујаре Абази од Коалицијата „Вреди“.

Абази ги повика Антикорупциската комисија, Управата за финансиска полиција и Јавното обвинителство да проверат дали пратеникот Елми Азири во анкетниот лист пријавил дека фирмата на внукот на неговата сопруга е потенцијална околност за конфликт на интереси.

- Дали пратеникот Елми Азири во периодот од јуни 2021 до октомври 2022 или потоа го зголемил својот или имотот на неговата сопруга? Да истражат дали тендерите кои ги добила фирмата РИТРОН КОПИ ДООЕЛ, увоз-извоз од Куманово се последица на политичко влијание остварено од пратеникот Елми Азири? Очекуваме институциите да делуваат во разумен рок и им се ставаме на целосно располагање за дополнителни информации кои сметаат дека ќе им помогнат во ефикасно расчистување на ова досие, нагласи Абази.

Таа најави дека ќе продолжат понатаму со објавување на, како што рече, основани сомневања за политичка корупција во режија на кадрите на Али Ахмети и Зијадин Села.

притисни ентер